Следи го Христос, совршениот Водач
ЛУЃЕТО што следат човечки водачи честопати доживуваат разочарување. Но, тоа воопшто не е случај со оние што му се подложуваат на Христос како на свој Водач. Тој рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души!“ (Мат. 11:28, 29). Оние што го следат Исус се чувствуваат задоволни и среќни. Тој е искрено заинтересиран за сите што се потиштени и оптоварени, и ги повикува да го земат неговиот пријатен јарем. Но, на кој начин можеме да го следиме Исус како Водач?
Апостол Петар напишал: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Пет. 2:21). Зошто е толку важно да ги следиме Исусовите стапки? Да речеме дека си заедно со група луѓе која мора да помине низ минско поле, а само еден од вас знае како безбедно да стигнете на другата страна. Зарем нема да се трудиш да чекориш каде што чекори тој, па дури и да газиш врз секоја негова стапка? Слично на ова, ако сакаме да имаме сигурна иднина, мора да се трудиме во сѐ да го следиме примерот на Исус. Тоа значи да го слушаме и да му бидеме послушни, но и да соработуваме со оние што го застапуваат.
Слушај и биди послушен
Во заклучокот на својата Проповед на гората, Исус рекол: „Секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа. И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, но таа не падна, зашто темелот ѝ беше на карпа“ (Мат. 7:24, 25).
Значи, Исус рекол дека оној што ги слуша и ги извршува неговите зборови е „разборит човек“. Дали покажуваме дека го цениме и почитуваме примерот на Христос со тоа што сме му послушни од сѐ срце или, пак, имаме обичај да ги слушаме само оние негови заповеди што ни одговараат или не бараат многу труд од нас? Исус рекол: „Јас секогаш го правам она што... му е по волја [на Бог]“ (Јован 8:29). Да дадеме сѐ од себе и ние да постапуваме така.
Апостолите во првиот век ни оставиле добар пример за тоа што значи да се биде подложен на Христовото водство. Во една прилика, Петар му рекол на Исус: „Еве, ние оставивме сѐ и одиме по тебе“ (Мар. 10:28). Очигледно, апостолите толку многу го ценеле Исус како свој Водач, што биле спремни да остават сѐ за да го следат (Мат. 4:18-22).
Соработувај со оние што го застапуваат Христос
Кратко пред да умре, Исус спомнал уште еден начин на кој можеме да го следиме како Водач. Тој рекол: „Кој го прима оној кого јас го праќам, ме прима и мене“ (Јован 13:20). Всушност, за помазаниците што го застапуваат, Исус зборувал како за свои „браќа“ (Мат. 25:40). Откако бил воскреснат и се вратил на небото, тие „браќа“ биле поставени да „го застапуваат Христос“ како пратеници кои ги повикуваат другите да се помират со Јехова Бог (2. Кор. 5:18-20). Ако го прифаќаме Христос како наш Водач, тогаш ќе им бидеме подложни и на неговите „браќа“.
Добро е да се преиспитаме како гледаме на навремените библиски совети што ги добиваме во нашите публикации. Кога ја проучуваме Библијата и одиме на христијанските состаноци, се потсетуваме на она што го зборувал Христос (2. Пет. 3:1, 2). Покажуваме дека многу ја цениме духовната храна со тоа што редовно ја земаме. Но, како треба да реагираме ако некој совет одвреме-навреме се повторува? На пример, Божјата Реч ги советува христијаните да се мажат или женат „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). Во последните стотина години повремено се зборуваше на оваа тема во Стражарска кула. Христовите браќа навистина покажуваат дека со љубов се грижат за нас така што издаваат статии кои содржат библиски совети на оваа и на други теми. Ако обрнеме внимание на ваквите потсетувања, ќе покажеме дека го следиме нашиот совршен Водач, Исус Христос.
„Патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени“, стои во Изреки 4:18. Под водството на Исус, собранието постојано напредува, не тапка во место. Ние соработуваме со Христовите „браќа“ и така што спремно ги прифаќаме сите појаснувања во разбирањето на Библијата кои доаѓаат од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45).
Покажуваме дека им се подложуваме на Христовите „браќа“ и на тој начин што соработуваме со поставените надгледници во христијанското собрание. Апостол Павле рекол: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души“ (Евр. 13:17). На пример, некој старешина можеби ќе ни посочи колку е важно редовно да ја одржуваме Семејната вечер посветена на Јехова или ќе ни даде предлози за некој аспект од нашата служба. Покраинскиот надгледник можеби ќе даде некој корисен библиски совет во врска со некое поле од нашиот христијански живот. Ако спремно ги примениме таквите совети, ќе покажеме дека го следиме Исус како наш Водач.
На светот очајно му е потребно добро водство. Но, колку сме среќни ние што го имаме Христос како Водач што со љубов се грижи за нас! Затоа, да му бидеме послушни и да соработуваме со оние што тој ги користи денес.
[Слики на страница 27]
Дали си послушен на библискиот совет да не стапуваш во брак со некој што не му служи на Јехова?