ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w12 1/2 стр. 10-13
  • Библијата менува животи

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Библијата менува животи
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Сличен материјал
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
w12 1/2 стр. 10-13

Библијата менува животи

ШТО мотивирало еден одгледувач на тутун да ја смени не само својата професија туку и своите длабоко вкоренети верски убедувања? Како една алкохоличарка собрала сили да го смени својот живот? Прочитај што имаат да ни кажат тие.

„Радосен сум што сум дел од ова големо семејство“ — ДИНО АЛИ

РОДЕН: 1949

ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ: ОДГЛЕДУВАЧ НА ТУТУН

МОЕТО МИНАТО: Татко ми и мајка ми имигрирале од Албанија во 1939 год. и се населиле во Мариба, гратче во Квинсленд (Австралија). Меѓу другите, во овој предел се населиле и многу Срби, Босанци, Грци и Италијанци, кои со себе си ги имаа донесено своите морални мерила, обичаи и култури. Во Мариба се одгледуваше тутун, па и моите родители почнале да ја одгледуваат таа култура.

Кратко потоа се родила мојата постара сестра, а по неа и моите двајца постари браќа. За жал, татко ми умрел од срцев удар кога сум имал една година. Мајка ми се премажи и имаше уште четири сина. Сите пораснавме на фармата за тутун на мојот очув.

Заминав од дома на тинејџерски години. Во моите рани 20-ти се оженив со Сајми. Обредот се одржа во локалната џамија, бидејќи бевме муслимани. Сите мои чичковци, тетки и братучеди беа од исламска вероисповед. Го читав Коранот и една книга за историјата на пророкот Мухамед. Во исто време, читав и една мала Библија. Во Коранот се зборува за пророците што се спомнати во Библијата, а од читањето на Библијата дознав кога живееле тие.

Еден ден, на врата ми дојдоа Јеховини сведоци и почнаа редовно да ми оставаат списанија и книги. Јас и Сајми со задоволство ги читавме. Се сеќавам на многу интересни разговори со нив на различни верски теми. Сведоците секогаш одговараа на моите прашања читајќи ми од Библијата наместо да ми го кажуваат своето лично мислење. Тоа ми остави длабок впечаток.

Ми понудија да ја проучуваат Библијата со мене и ме канеа на нивните состаноци, но јас секогаш одбивав. Најважно ми беше да имам своја фарма и големо семејство. Никогаш не успеав да купам фарма, но станав горд татко на пет деца.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Девет години откако првпат ги сретнав Јеховините сведоци, сѐ уште ги немав сменето моите верски убедувања. Меѓутоа, сакав да ги добивам и да ги читам сите публикации што ги издаваа. Секоја недела, Сајми и јас одвојувавме време да ги читаме. Ги чувавме сите списанија што ги добивме низ годините. Тие многу ми помогнаа кога другите почнаа да ја ставаат на испит верата што растеше во моето срце.

На пример, сретнав еден евангелски проповедник кој се обиде да ме натера да го прифатам Исус како мој Спасител. Тој успеа да го увери братот на Сајми и еден од моите полубраќа да му се придружат. Наскоро, пријателите од различни религии почнаа да ме убедуваат да ја прифатам нивната религија. Некои ми дадоа литература против Јеховините сведоци. Потоа побарав да ми прочитаат од Библијата каква основа имаат за нивните учења, но не знаеја да ми одговорат на прашањата.

Таквото противење само ме натера подлабоко да ја проучувам Библијата и повеќе да истражувам, користејќи ја литературата што ја имав добиено од Сведоците. На крајот сфатив дека е време да се сменам.

Не почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, ама почнав да одам на нивните состаноци. Во почетокот имав трема и се срамев, но на тие состаноци запознав многу фини луѓе, а ми се допаѓаше и она што го учев. Одлучив да станам Јеховин сведок и во 1981 год. му го заветував својот живот на Бог и се крстив.

Жена ми не се противеше на мојата одлука, иако понекогаш велеше дека сум заведен. Сепак, присуствуваше на моето крштавање. Продолжив да ѝ зборувам за многуте вистини што ги учев. Околу една година откако се крстив, додека се враќавме дома по еден годишен одмор, Сајми изрази желба да стане Сведок. Бев толку изненаден што за малку ќе излетавме од патот! Таа се крсти во 1982 год.

Не ни беше лесно да ги направиме потребните промени. Престанав да садам тутун бидејќи тоа беше спротивно на библиските начела (2. Коринќаните 7:1; Јаков 2:8). Ни требаше време да најдеме работа што ќе ни обезбеди пристоен приход. Исто така, некои роднини со години не сакаа да контактираат со нас. Се трудевме да постапуваме според библиските начела и да бидеме фини со нив за да видат дека ги сакаме. На крајот, бариерите се урнаа и сега нашите блиски роднини повеќе не нѐ избегнуваат.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Додека минував низ различни испити, како што беше борбата со мојата срамежливост, финансиските проблеми или противењето од семејството, сфатив колку е стрплив Јехова Бог додека ми помага да се изборам со проблемите. На пример, сега служам како собраниски старешина и често поучувам од подиумот. Тоа сѐ уште не ми е лесно бидејќи пелтечам кога ќе ме фати трема. Но, со чести молитви и со Јеховина помош, успевам да ги извршувам моите задачи.

Жена ми и јас станавме поблиски, и многу сме радосни поради тоа. Иако направивме некои грешки додека ги подигавме децата, дадовме сѐ од себе да им ги всадиме библиските вистини што ги научивме (5. Мојсеева 6:6-9). Сега, мојот најстар син и неговата жена служат како мисионери.

Се сеќавам на една случка кратко откако моето семејство почна да оди на состаноците на Сведоците. Го паркирав автомобилот и погледнав во салата каде што се собираа луѓето. Ги прашав жена ми и децата: „Што гледате?“ Внатре имаше луѓе од различни култури и јазици — Хрвати, Албанци, Австралијци и Абориџини — кои беа среќни што се заедно. Радосен сум што припаѓам на ова големо семејство од духовни браќа и сестри, кое го има не само во Австралија туку во целиот свет (1. Петрово 5:9).

„Сестра ми не се откажа од мене“ — ЈЕЛЕНА ВЛАДИМИРОВНА СЈОМИНА

РОДЕНА: 1952

ЗЕМЈА: РУСИЈА

НЕКОГАШ: АЛКОХОЛИЧАРКА, СЕ ОБИДЕЛА ДА СЕ САМОУБИЕ

МОЕТО МИНАТО:Родена сум во Красногорск, мало, мирно гратче во близината на Москва. Пораснав во семејство на учители. Бев добар ученик и стекнав музичко образование. Изгледаше дека ми претстои блескава иднина.

Кога се омажив, јас и маж ми се преселивме во место каде што беше нормално да се пцуе, пие и пуши. Тогаш не сфаќав дека средината лошо влијае врз мене. Во почетокот одев на забави само за да пеам и свирам на гитара. Меѓутоа, штом ќе се најдев таму, другите ќе ми понудеа цигара и пијалак. Наскоро станав алкохоличарка.

Тој порок почна да ми го уништува животот. По некое време стигнав до дното, и дури потполно го изгубив апетитот. Сакав да умрам и извршив неуспешен обид за самоубиство. Сега сум благодарна што не успеав во тоа.

Низ сите тие моменти, сестра ми редовно ме посетуваше. Таа стана Јеховин сведок и се обиде да ми објасни како може да ми помогне Библијата. Мене не ме интересираше Библијата, и затоа во почетокот ѝ велев да не доаѓа. Но, сестра ми не се откажа од мене. Таа покажа толкава стрпливост и љубов, што на крајот се согласив да ја проучувам Библијата.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Откако почнав да ја проучувам Библијата, решив да престанам да пијам. Некаде во тоа време ме нападна и ме претепа еден пијан комшија. Ме однесоа во болница со сериозни повреди. Имав четири скршени ребра, а мрежницата на едното око ми беше оштетена. Сепак, тој престој во болницата ми помогна да ги надминам симптомите на одвикнување од алкохол.

Во тоа време постојано се молев. Еден библиски стих што многу ме утеши беше Плач Еремиин 3:55, 56, каде што пишува: „Го повикав името твое, о Јехова, од најдлабоката јама. Ти го слушаш гласот мој. Не затворај го увото кога барам ослободување, кога тебе те повикувам за помош!“

Навистина верувам дека Јехова ми одговори на молитвите. Ми даде сила да не им се вратам на старите навики. Имаше моменти кога бев на искушение да почнам пак да пијам. Среќна сум што никогаш повторно не подлегнав на тој порок.

Додека ја проучував Библијата, дознав дека треба да му давам поддршка на маж ми во неговата улога на глава на семејството (1. Петрово 3:1, 2). Тоа не ми беше лесно, бидејќи бев навикната јас да ги држам конците в рака. Го молев Јехова за помош. Не успеав да се променам преку ноќ, но малку по малку успеав да станам подобра жена која му дава поддршка на својот сопруг.

Кога ги виде тие промени, маж ми се зачуди. Дотогаш не беше заинтересиран за Библијата. Но, кога решив да престанам да пушам, ми рече: „Ако престанеш да пушиш, и јас ќе почнам да ја проучувам Библијата!“ Обајцата престанавме да пушиме истиот ден.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Маж ми го одржа своето ветување и почна да ја проучува Библијата. Сега заедно ја читаме Библијата секој ден, длабоко размислуваме за неа и се трудиме да ги примениме нејзините совети.

Не можам со зборови да опишам колку се подобри нашиот семеен живот — а да не спомнувам колку посреќна сум јас лично. Благодарна сум му на Јехова што ме привлече кон себе (Јован 6:44). Благодарна сум ѝ и на сестра ми, која никогаш не се откажа од мене. Така, од лично искуство сфатив дека Библијата навистина може да го промени животот на луѓето.

[Истакната мисла на страница 11]

Сфатив дека дојде време да се сменам

[Истакната мисла на страница 13]

Сестра ми покажа голема стрпливост и љубов, така што на крајот се согласив да ја проучувам Библијата

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели