Читателите прашуваат...
Зошто Јеховините сведоци проповедаат од куќа до куќа?
▪ Во Библијата е запишана следнава заповед што Исус им ја дал на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Дали оваа заповед важи за сите христијани? Првите следбеници на Исус сметале дека важи. На пример, апостол Петар рекол: „[Исус] ни заповеда да му проповедаме на народот и да сведочиме темелно“ (Дела 10:42). А апостол Павле напишал: „Тоа ми е должност. Навистина, тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ (1. Коринќаните 9:16).
Освен Павле и Петар, и другите христијани од првиот век ѝ биле послушни на оваа заповед што ја кажал Исус. Тие станале познати по тоа што проповедале (Дела 5:28-32, 41, 42). И Јеховините сведоци денес се познати по тоа што проповедаат. Тие ја пренесуваат истата порака што ја пренесувал и Исус — пораката за „царството небесно“ (Матеј 10:7).
Кој треба да ја чуе пораката за Царството? Исус кажал дека таа треба да им се пренесе на сите луѓе и насекаде. На своите следбеници им рекол: „Ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Тој дури и прорекол дека, пред да дојде крајот на светот, „оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Затоа, христијаните во првиот век се труделе да зборуваат со сите луѓе, а не само со нивните познајници или со оние што немале свои верски убедувања (Колошаните 1:23; 1. Тимотеј 2:3, 4). Исто како нив, и Јеховините сведоци денес се трудат да им ја пренесат добрата вест на сите луѓе.a
Кој е најделотворниот начин да се шири пораката за Царството? Исус, кој знаел како да дојде до колку што е можно повеќе луѓе, ги испратил своите ученици по градовите, селата и по куќите на луѓето (Матеј 10:7, 11, 12). По смртта и воскресението на Исус, неговите ученици продолжиле да проповедаат „од куќа до куќа“ (Дела 5:42). Освен тоа, исто како Исус, тие им сведочеле на луѓето и во други прилики, а проповедале и на јавни места (Јован 4:7-26; 18:20; Дела 17:17). И Јеховините сведоци денес проповедаат на истите начини.
Исус кажал и дека нема секој да сака да ја слушне пораката (Матеј 10:14; 24:37-39). Треба ли заради тоа христијаните да престанат да проповедаат? На пример, замисли си дека си дел од една спасувачка екипа по еден разорен земјотрес. Дали ќе престанеш со потрагата по преживеани затоа што, по некое време, сте нашле само неколку души? Не, сигурно ќе продолжиш да бараш сѐ додека има надеж дека може да се спаси макар и само уште еден човек. Исус ги поучил своите следбеници да истраат во делото на проповедање сѐ додека има надеж да се најде некој што би ја прифатил добрата вест за Божјето Царство (Матеј 10:23; 1. Тимотеј 4:16). Со тоа што ги бараат таквите поединци од куќа до куќа, Јеховините сведоци покажуваат дека го сакаат Бог и своите ближни, на кои животот им зависи од тоа дали ќе ја слушнат и ќе ја прифатат пораката за Царството (Матеј 22:37-39; 2. Солуњаните 1:8).
Ова списание ја пренесува таа библиска порака. Нешто повеќе можеш да дознаеш ако зборуваш со Јеховините сведоци што ќе дојдат кај тебе или ако им пишеш на издавачите на ова списание.
[Фуснота]
a Јеховините сведоци моментално проповедаат во 236 земји. Минатата година, тие поминаа 1,7 милијарди часови во проповедање и водеа 8,5 милиони бесплатни библиски студии.