Собранија организирани за проповедање на Божјето Царство
Кога бил на Земјата, Исус Христос го проповедал Божјето царство, така што одел од село до село и од град до град. Исто така, ги оспособил и испратил своите ученици да го извршуваат истото дело. Пред да се вознесе на небото, им заповедал на своите следбеници да направат ученици од луѓето од сите народи. Значи, од самиот почеток првото христијанско собрание било организирано за проповедање на добрата вест. Каде и да оделе, учениците го проповедале Божјето Царство (Матеј 4:17, 23; 10:1-16; 28:19, 20; Лука 4:43, 44; 8:1; 10:1-9; Дела на апостолите 1:8; 4:31; 5:42; 8:12; 19:8; 28:23, 30, 31; Римјаните 10:9, 10, 14).
Во пророштвото за завршетокот на системот, Исус рекол: ”Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по сета населена земја за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ Ова проповедање е првенствена должност на денешното христијанско собрание (Матеј 24:14, NW; Марко 13:10).
Ширум светот, собранијата на Јеховините сведоци се организирани така што своето локално подрачје систематски го покриваат со проповедање на добрата вест за Божјето Царство. За да може тоа уредно да се извршува, во секоја земја подружницата на Друштвото Стражарска кула одредува за секое собрание подрачје за сведочење. Собранието ја разделува доделената територија на помали делови, кои потоа им се доделуваат на оние кои ќе преземат одговорност да ги посетуваат луѓето (1. Коринтјаните 14:33, 40).
Сведоците обично контактираат со луѓето така што одат од куќа до куќа. На своите собраниски состаноци Јеховините сведоци се оспособуваат за кратко презентирање (претставување) на веста за Царството на врата, и притоа ја употребуваат Библијата. Сведоците со себе носат и библиска литература за да им ја остават на станарите кои сакаат да научат повеќе за Божјата Реч.
Додека одат од куќа до куќа, Сведоците прават детални белешки, означувајќи каде немало никого дома или каде од некоја друга причина не било можно да се даде темелно сведоштво, а посетите ги извршуваат друг пат. Ова се прави за да на секого на подрачјето му се даде можност да ја чуе важната вест за Царството. Таму каде е покажан интерес, тоа место се забележува и Јеховините сведоци повторно се навраќаат таму за да дадат дополнителни библиски информации. Доколку некој сака, може да се воведе редовна библиска студија. Сето тоа го прават потполно бесплатно.
Јеховините сведоци исто така им нудат списанија на минувачите на улица. На тој начин се во можност да се сретнат со многумина кои можеби не ги наоѓаат дома. Навистина се прават големи напори за да се дојде до оние кои сакаат да слушаат (Дела на апостолите 17:17; Откровение 14:6, 7; 22:17).
Зошто Јеховините сведоци повторно навраќаат, иако повеќето луѓе не покажуваат никаков интерес? Се покажало дека кај поединци ситуацијата често се менува и дека тие позитивно реагираат при некоја друга посета, или пак наидуваат на друго лице од домаќинството кое ќе покаже интерес.
Исус им рекол на своите ученици: ”Затоа, продолжете најпрвин да го барате царството и неговата праведност.“ Проповедањето на Божјето Царство игра важна улога во нашето барање на Царството и Јеховините сведоци тоа го сметаат за мошне важна цел во својот живот (Матеј 6:33, NW; 2. Тимотеј 4:2).
● Кое дело, кое го извршувале Исус и неговите ученици во првиот век, било проречено дека ќе се врши и во наше време?
● Како е организирана проповедничката активност на Јеховините сведоци?
● Зошто Сведоците и понатаму ги посетуваат луѓето, иако повеќето не покажуваат никаков интерес?
[Слики на страници 16 и 17]
Јеховините сведоци го проповедаат Божјето Царство во разни земји
Тајланд
Мексико
Холандија
Кореја
Куракао
Гана
В. Британија
Австралија