Библијата менува животи
ЗОШТО еден човек што пораснал во католичко семејство и што имал успешна кариера како судија станал Јеховин сведок? Што поттикнало еден терорист да прекине со насилството и да стане проповедник? Прочитај што имаат да ни кажат тие.
„Подлабоко разбрав што е исправно, а што погрешно“ — СЕБАСТЈАУ АЛВЕС ЖУНКЕИРА
РОДЕН: 1946
ЗЕМЈА: БРАЗИЛ
НЕКОГАШ: КАТОЛИК СО ТРАДИЦИЈА
МОЕТО МИНАТО: Моето семејство живееше во едно село на околу 6 километри од градот Пиквете. Татко ми и мајка ми имаа мала фарма која ги обезбедуваше нашите основни потреби. Одев на училиште во Пиквете, па затоа по некое време си купив еден стар велосипед и оттогаш ми беше полесно да патувам до градот. Луѓето во нашето место беа сиромашни, но градот беше чист и немаше многу криминал. Повеќето од мажите работеа во фабриката за производство на оружје за војската.
Јас бев одличен ученик и успеав да се запишам во Школата за воено воздухопловство во еден град во близина каде што, во 1966 год., дипломирав како водник. Потоа се запишав на правен факултет и станав правник. Подоцна поднесов молба за началник на полицијата. Во 1976 год., го положив државниот испит и успеав да го добијам тоа работно место. Понекогаш работата бараше од мене да бидам и управник на затворот. Во тие периоди, честопати имав прилика да се сретнам со Јеховините сведоци, кои бараа дозвола да им проповедаат на затворениците. Секојпат ќе ми кажеа и мене нешто од Библијата. Јас отсекогаш имав голема почит кон Бог. Бев воодушевен кога дознав дека Бог има име, Јехова, и дека можеме да бидеме блиски со него.
Скалило по скалило, напредував во кариерата. Во 1981 год., положив уште еден државен испит и станав судија во Сојузниот суд. Потоа, во 2005 год., бев избран за судија во Апелациониот суд во Сао Пауло.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кратко откако дипломирав на правниот факултет, почнав да ја читам Библијата — што водеше до големи промени во моите размислувања. Јас бев католик со семејна традиција. Во семејството имавме свештеници и еден бискуп. Освен тоа, му помагав на свештеникот кога се одржуваше миса. Пред да одржи проповед, јас читав одредени делови од молитвеникот. Кај католиците не беше обичај да се чита Библијата. Затоа, мајка ми многу се вознемири кога дозна дека сум почнал да ја читам. Се обиде да ме одврати од тоа велејќи ми дека ризикувам да се мрднам од умот. Сепак, јас продолжив да читам бидејќи не гледав ништо лошо во тоа.
Љубопитноста ме тераше да читам сѐ повеќе. Сакав да ја разберам улогата на свештениците во црквата. Исто така, почнав да читам литература за теологијата на ослободување, но аргументите и логиката на нејзините застапници беа толку плитки што не наоѓав никаква смисла во нив.
Во исто време, мојот заболекар, кој беше будист, ми даде една книга што ја добил од некого. Тоа беше книгата Дали човекот настанал со еволуција или бил создаден?a Ја зедов затоа што ми беше интересно да ја споредам со книгата Потеклото на видовите од Чарлс Дарвин. Аргументите изнесени во книгата што ја зедов беа силни, логични и убедливи. Немаше никакво сомневање дека теоријата на еволуција е без основа.
Откако ја прочитав книгата за создавањето, станав уште пољубопитен. Сакав да добијам и други книги издадени од Јеховините сведоци. Дознав дека еден механичар е Јеховин сведок. Разговарав со него и тој ми даде да прочитам неколку книги. Во тоа време не се согласив да ја проучувам Библијата со Сведоците. Си мислев дека ќе можам сам да го правам тоа.
Бидејќи бев во брак кога почнав да ја читам Библијата, одлучив дека ќе биде најпаметно да ја читам со целото мое семејство. Така, секоја седмица заедно ја читавме и ја проучувавме Библијата. Како католици, во нашиот живот големо влијание имаа свештениците и бискупите. Затоа, ми остави впечаток она што го прочитав во Јован 14:6, каде што пишува: „Исус му рече [на ученикот Тома]: ‚Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене‘“. Откако темелно истражував на таа тема, се уверив дека нашето спасение доаѓа од Јехова преку Исус. Меѓутоа, нас нѐ учеа дека спасението доаѓа преку свештениците.
Уште два библиски стиха го сменија мојот став кон Католичката црква и нејзините учења. Едниот беше Изреки 1:7, каде што пишува: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне знаење. Само глупавите ги презираат мудроста и поуката“. А другиот стих беше Јаков 1:5, каде што стои: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“. Чувствував незгаслива жед за знаење и мудрост, која не ми беше задоволена во црквата. Затоа, сосема престанав да одам во црква.
Во 1980 год., жена ми почна да ја проучува Библијата со Сведоците. Кога бев дома, присуствував и јас. По некое време почнав да проучувам. Меѓутоа, ни требаа години за да одлучиме да се крстиме како Јеховини сведоци. Жена ми се крсти во 1994, а јас во 1998 год.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: За моите четири деца беше добро тоа што беа воспитувани да живеат според Јеховините мерила (Ефешаните 6:4). Имам два сина, кои помагаат во грижата за духовните потреби на Сведоците во нивното собрание. Моите две ќерки се ревносни во службата на проповедање. Жена ми секој месец посветува многу часови за да им зборува на луѓето за Библијата, а јас служам како старешина во нашето собрание.
Кога станав Јеховин сведок, подлабоко разбрав што е исправно, а што погрешно. Како судија, се трудам да ги применувам Јеховините мерила во различните спорови што се водат пред судот — да ги земам предвид сите факти, да бидам разумен и да бидам сочувствителен кога има олеснителни околности.
Сум решавал многу случаи на насилство, криминал и злоупотреба на деца, како и други сериозни кривични дела. И покрај сето тоа, не дозволив да станам бесчувствителен. Кога ги гледам вестите, ми се гади од страшниот морален распад и расипаноста на овој свет. Благодарен сум му на Јехова што сега знам зошто има толкав пораст на криминалот и што имам надеж дека ќе дојдат подобри времиња.
„Затворот не ме направи подобра личност“ — КИТ ВУДЗ
РОДЕН: 1961
ЗЕМЈА: СЕВЕРНА ИРСКА
НЕКОГАШ: ТЕРОРИСТ
МОЕТО МИНАТО: Роден сум во 1961 год. во Портдаун, раздвижено гратче во Северна Ирска. Потекнувам од протестантско семејство а пораснав во населба во која живееја и католици и протестанти. Повеќето фамилии беа сиромашни. Иако никој немаше многу пари, бевме блиски едни со други и си помагавме.
Не можам многу да се пофалам со мојот тогашен начин на живот. Во 1974 год., се вклучив во судирите во Северна Ирска. Некаде во тоа време работите во нашето место тргнаа на лошо. На пример, една ноќ татко ми, кој беше раководител во фабриката за теписи, беше на работа и обучуваше двајца млади католици кои ни беа први комшии. За тоа време некој фрлил бомба од прозорецот на дневната соба на нивната куќа, при што загинаа татко им, мајка им и брат им.
Проблемите стануваа сѐ поголеми и избувна отворена војна. Куќите на протестантите во католичките населби беа палени и затоа мораше да ги напуштат своите живеалишта, а и католиците во протестантските населби беа малтретирани. Нашата населба стана главно протестантска. По кратко време јас бев уапсен и осуден на три години затвор заради тоа што бев вмешан во бомбашки напади.
Додека бев зад решетки, се спријателив со еден затвореник кој беше познат меѓу лојалистите, протестанти во Северна Ирска. Станавме како браќа, и подоцна му бев кум на свадбата. Затворот не ме направи подобра личност ниту мене ниту него. Кога нѐ пуштија, веднаш се вративме на нашите политички активности, но овојпат уште порешително. Затоа, мојот пријател повторно се најде в затвор. Додека ја одлежуваше казната, беше убиен.
И јас бев мета на убијци. Еднаш автомобилот ми беше разнесен од бомба. Но, тие настани само уште повеќе ги зајакнаа моите политички убедувања.
Баш во тоа време бев вклучен во еден документарец за судирите, кој се емитуваше на една британска телевизија. Тој филм ми создаде дополнителни проблеми. На пример, една ноќ кога си отидов дома, сфатив дека жена ми ме напуштила. Кратко потоа, поради истата емисија, ми го одзедоа синот. Се сеќавам како, гледајќи во огледалото, велев: „Боже, ако постоиш, те молам помогни ми“.
Следната сабота сретнав еден познајник по име Пол, кој во меѓувреме станал Јеховин сведок. Почна да ми зборува за Библијата. По два дена ми испрати примерок од списанието Стражарска кула. Во една статија од тоа списание беа цитирани Исусовите зборови од Јован 18:36, каде што пишува: „Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“. Тие зборови ми оставија силен впечаток. Од тој ден мојот живот почна да се менува.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Почнав да ја проучувам Библијата со Пол. Подоцна продолжив да проучувам со еден друг Сведок, Бил. Знам дека им задавав главоболки бидејќи имав многу прашања. Исто така, дома канев многу верски лица за да докажат дека Бил не е во право. Но, вистината од Божјата Реч силно блескаше.
Еднаш му реков на Бил да не доаѓа да проучуваме затоа што имаше блокади на патот и сигурно ќе му ја земеа и ќе му ја запалеа колата. Сепак, Бил дојде, како и секогаш. Ја оставил колата дома и дошол со велосипед. А кој сака да одземе еден обичен велосипед? Во една друга прилика Бил беше кај мене и проучувавме. Но, тогаш дојдоа полицајци и војници за да ме уапсат. Додека ме приведуваа, Бил гласно ми довикна да имам доверба во Јехова. Овие случки ми оставија многу силен впечаток.
Кога првпат отидов на состанок на Јеховините сведоци во Салата на Царството, некои од присутните сигурно беа шокирани. Имав долга коса, обетка на едното уво и носев кожна јакна. Меѓутоа, не ми се веруваше колку беа фини Сведоците со мене. Нивната љубезност ме одушеви.
Иако ја проучував Библијата, сѐ уште го имав старото друштво. Сепак, со текот на времето вистините што ги учев од Библијата почнаа да ми се врежуваат подлабоко во срцето. Сфатив дека, ако сакам да му служам на Јехова, ќе мора да ги сменам политичките ставови и друштвото. Тоа воопшто не беше лесно. Но, колку повеќе учев за Библијата и црпев сила од Јехова, толку полесно ги правев промените. Ја скратив косата, ја симнав обетката и си купив костум. Она што го учев ми помогна да почнам да го менувам и мојот став кон луѓето.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Живеев како криминалец и терорист. Им бев добро познат на властите во моето место. На пример, кога за првпат отидов на конгрес на Јеховините сведоци, кој се одржа во градот Наван, додека патував низ Ирска и Северна Ирска цело време ме придружуваше полиција. Но, сега сѐ е поинаку. Одам на конгреси без придружба. Исто така, сега слободно можам да проповедам со Пол, Бил и со сите други Сведоци од собранието.
Колку повеќе се менував на подобро, толку повеќе се чувствував како дел од собранието. Таму се запознав со Луиз, која е Јеховин сведок. По некое време се венчавме. Освен тоа, сега јас и син ми повторно сме заедно.
Кога ќе се сетам на она што беше порано, жал ми е што на другите им нанесував штета и болка. Но, јас сум жив доказ дека на луѓето што тргнале по погрешен пат Библијата навистина им помага да се променат и да почнат да водат смисловен и исполнет живот.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
[Истакната мисла на страница 12]
Мајка ми многу се вознемири кога дозна дека ја читам Библијата