ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w12 15/12 стр. 14-17
  • Прашања од читателите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Прашања од читателите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Сличен материјал
  • Поглед во светот
    Разбудете се! 2014
  • Деца на утрешнината?
    Разбудете се! 2001
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Почитувај го бракот како дар од Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
w12 15/12 стр. 14-17

Прашања од читателите

Пред да станеме Јеховини сведоци, јас и жена ми се подложивме на оплодување „ин витро“ затоа што сакавме да имаме дете. Но, тогаш не беа искористени сите оплодени јајце-клетки (ембриони), туку некои беа замрзнати и складирани. Мора ли и понатаму да се чуваат или можат да бидат уништени?

Ова е само едно од многуте морални и етички прашања со кои се соочуваат брачните парови кои се одлучиле на вештачко, односно „ин витро“ оплодување. Секој пар е одговорен пред Јехова за одлуката што ќе ја донесе. Би било корисно накратко да се запознаеме со ова биомедицинско потпомогнато оплодување.

Во 1978 год., една жена во Англија го роди првото таканаречено бебе од епрувета. Таа не можела да зачне по природен пат затоа што нејзините јајцеводи биле непроодни, и поради тоа сперматозоидите не можеле да дојдат до јајце-клетките. Лекарите по хируршки пат извадиле една јајце-клетка од нејзиниот јајник, ја ставиле во посебен стаклен сад и ја оплодиле со спермата на нејзиниот сопруг. Зачнатиот ембрион неколку дена се развивал во посебен инкубатор, а потоа бил пренесен во нејзината матка, каде што се всадил. Подоцна таа родила ќерка. Оваа метода и други слични постапки се нарекуваат „ин витро“ оплодување („ин витро“ значи „во стакло).

Иако начинот на кој се изведува ова оплодување се разликува од земја до земја, тоа во основа се врши на следниов начин: Во текот на неколку седмици жената прима хормонални лекови со кои се предизвикува созревање на повеќе јајце-клетки. Мажот донира свежа сперма добиена со мастурбација. Јајце-клетките и промиената сперма се спојуваат во лабораторија. Се оплодуваат повеќе јајце-клетки, и кога почнуваат да се делат, од нив настануваат човечки ембриони. По отприлика еден ден, овие новонастанати ембриони внимателно се прегледуваат за да се одвојат оштетените од оние што изгледаат здрави и за кои има најголема веројатност дека ќе продолжат да се развиваат. Обично на третиот ден тие се пренесуваат во матката на жената. Најчесто не се пренесува само еден ембрион туку два или три кои се најквалитетни за да се зголемат шансите за бременост. Ако еден или повеќе од нив успешно се всадат во матката, жената забременува и може да се очекува дека ќе го износи плодот до крајот на бременоста.

Но, што се случува со ембрионите кои не се пренесени во матката, вклучувајќи ги и оние што не изгледаат здрави или, пак, се оштетени? Ако се остават така, тие брзо ќе пропаднат. Пред да дојде до такво нешто, вишокот ембриони можат да се замрзнат во течен азот. Зошто? Ако првиот обид за „ин витро“ оплодување е неуспешен, тогаш некои од тие ембриони можат да се искористат во следниот обид, и така значително да се намалат трошоците. Меѓутоа, со ова се наметнуваат бројни етички прашања. Слично на парот што го постави прашањето, на мнозина им е тешко да решат што да прават со своите замрзнати ембриони. Можеби не сакаат други деца. Можеби поради возраста или економската состојба не можат повторно да се подложат на оваа метода. Или, пак, можеби се плашат од ризикот што го носи повеќеплодовата бременост.a Смртта или, пак, новиот брак на едниот или на двајцата брачни другари може уште повеќе да ги искомплицираат работите. Има многу причини за загриженост и, како резултат на тоа, некои парови со години плаќаат за чување на ембрионите.

Во 2008 год., еден водечки ембриолог изјавил за весникот The New York Times дека голем број пациенти ги измачувало прашањето што да прават со преостанатите ембриони. Во статијата стоело: „Во клиниките низ целата земја се замрзнати најмалку 400.000 ембриони, а тој број расте од ден на ден... Ембрионите можат да останат живи десет или повеќе години ако се исправно замрзнати и складирани, но сите не го преживуваат процесот на одмрзнување“ (нагласено од нас). Христијанските парови кои мораат да донесат одлуки во врска со „ин витро“ оплодување треба добро да размислат за последниот дел од неговата изјава. Што ќе им помогне да донесат добра одлука?

На овие парови можат да им помогнат некои начела кои се поврзани со една друга медицинска дилема. Некој христијанин можеби мора да одлучи што ќе прави со болен член на семејството за кој нема надеж дека ќе закрепне и кој се одржува во живот само со помош на апарати, на пример, со респиратор за вештачко дишење. Вистинските христијани не сакаат да им ја скратат медицинската нега на своите најмили. Во склад со 2. Мојсеева 20:13 и Псалм 36:9, тие многу го ценат животот. Во англиското издание на Разбудете се! од 8 мај 1974 год., стоеше: „Со оглед на тоа што го почитуваат Божјето гледиште за светоста на животот, како и поради својата совест и послушност кон човечките закони, оние што сакаат да живеат во склад со библиските начела нема никогаш да се одлучат за активна еутаназија“, односно нема намерно да ја предизвикаат смртта на болниот. Но, понекогаш саканото лице се одржува во живот само со помош на апарати. Членовите на семејството мора да одлучат дали ќе продолжат или ќе прекинат вештачки да го одржуваат во живот.

Се разбира, оваа ситуација не е иста како онаа со која се соочува брачниот пар кој се подложил на „ин витро“ оплодување и сега има замрзнати ембриони кои се чуваат во некоја клиника. Една од можностите која можеби ќе им ја понудат е да ги извадат ембрионите од течниот азот за да се одмрзнат. Бидејќи повеќе не се во складиштето каде што на вештачки начин биле одржувани во живот, ембрионите брзо ќе пропаднат. Брачниот пар мора да одлучи дали ќе дозволи такво нешто (Гал. 6:7).

Бидејќи се подложиле на вакво оплодување за да имаат дете, некои парови можеби ќе одлучат и понатаму да ги плаќаат трошоците за чување на своите замрзнати ембриони или, пак, можеби ќе ги употребат во некој следен обид да добијат дете. Други, пак, можеби ќе решат повеќе да не ги чуваат замрзнатите ембриони затоа што сметаат дека тие се одржувани во живот на вештачки начин. Христијаните кои се наоѓаат во ваква ситуација се одговорни пред Бог да одлучат на темел на совеста која им е обликувана според библиските начела. Најважно треба да им биде да задржат чиста совест, и да не ја повредат совеста на другите (1. Тим. 1:19).

Христијаните кои се наоѓаат во ваква ситуација се одговорни пред Бог да одлучат на темел на совеста која им е обликувана според библиските начела

Еден стручњак на полето на репродуктивната ендокринологија утврдил дека повеќето парови „се збунети, а истовремено и многу загрижени кога мораат да ја донесат тешката одлука што ќе прават со своите [замрзнати] ембриони“. На крајот заклучил: „Се чини дека за многу парови едноставно ниту една одлука не е добра“.

Јасно е дека вистинските христијани кои сакаат да се подложат на „ин витро“ оплодување мора добро да размислат за сите овие сериозни прашања кои со себе ги повлекува таквата медицинска метода. Библијата советува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а неискусните одат понатаму и ја трпат казната“ (Изр. 22:3, фус.).

ДРУГИ НАЧИНИ НА КОРИСТЕЊЕ НА МЕТОДАТА „ИН ВИТРО“

Со развојот на овој вид оплодување, почнале да се применуваат постапки кои се во потполна спротивност на Божјиот начин на размислување кој е изнесен во Библијата. На пример, јајце-клетките на некоја жена можат да бидат оплодени со спермата на некој маж кој не е нејзин сопруг, а потоа тие ембриони да бидат всадени во нејзината матка. (Оваа метода понекогаш ја користат некои лезбејски парови.) Друга можност е со спермата на сопругот да бидат оплодени јајце-клетки на некоја друга жена, а зачнатите ембриони подоцна да бидат всадени во матката на неговата сопруга.

Некои парови решаваат да „посвојат ембриони“, односно во матката на жената се всадуваат ембриони кои не се зачнати ниту од нејзини јајце-клетки ниту од спермата на нејзиниот сопруг. Уште една можност е јајце-клетките и спермата на некој брачен пар да се спојат вонтелесно со методата „ин витро“, а потоа зачнатите ембриони да се всадат во матката на сурогат-мајка, која ќе го носи и ќе го роди бебето за нив.b

Ваквите постапки се неприфатливи за Божјите слуги кои ја почитуваат следната негова заповед: „Не давај го своето семе на жената на својот ближен за да не станеш нечист со тоа“ (3. Мој. 18:20, 29, фус.; Изр. 6:29). Ако при оплодувањето се користат јајце-клетки или сперма (или, пак, и двете) од лица кои не се маж и жена, тогаш станува збор за нешто кое Библијата го нарекува порни́а, односно сексуален неморал. Ваквите постапки претставуваат тешка злоупотреба на половите органи (Мат. 5:32; 1. Кор. 5:11; 6:9, 18; Евр. 13:4).

b Повеќе информации во врска со сурогат-мајчинството има во хрватското издание на Разбудете се! од 8 јуни 1993, страници 28-29.

Маж и жена кои живеат невенчано ја проучуваат Библијата и сакаат да се крстат, но не можат да ја озаконат својата врска бидејќи мажот престојува нелегално во земјата. Законот на земјата во која живеат не им дозволува на нелегалните доселеници да стапат во брак. Дали би можеле да се крстат ако потпишат писмен документ со кој се заветуваат на меѓусебна верност?

Иако можеби изгледа дека нивниот проблем може да се реши на таков начин, од библиска гледна точка тоа не би било исправно. За да разбереме зошто, добро е најнапред да видиме која е целта на таквиот документ, зошто постои, и како и каде може да се користи.

Овој документ е писмена изјава која пред сведоци ја потпишува парот што не може законски да се венча од причини кои ќе бидат наведени подолу. Со таа изјава, мажот и жената се заветуваат дека ќе си бидат верни еден на друг и дека ќе ја озаконат својата врска штом тоа ќе биде можно. Со потпишувањето на оваа изјава, тие се заветуваат на верност пред Бог и пред луѓето, а собранието ја смета нивната врска како законска брачна заедница исто како да е склучена пред државните власти.

Зошто и кога се потпишува ваква изјава? Јехова го основал бракот и тој ја смета оваа заедница за многу важна. Неговиот Син рекол: „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:5, 6; 1. Мој. 2:22-24). Исус додал: „Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд [сексуален неморал], и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Мат. 19:9). Според тоа, ‚блудот‘, односно сексуалниот неморал, е единствената причина наведена во Библијата поради која некој брак може да заврши со развод. На пример, ако мажот има полови односи надвор од бракот, неговата недолжна сопруга може да реши дали ќе се разведе од него или не. Ако се разведе, тогаш е слободна да се премажи за друг.

Меѓутоа, во некои земји, црквата не го почитувала ова јасно библиско гледиште. Тоа особено било проблем во минатото. Таа поучувала дека не е дозволен развод од ниту една причина. Затоа во некои земји, поради големото влијание што го имала црквата, не е можно да се добие законски развод, дури ни поради оправданата причина која ја навел Исус. Во други земји може да се добие развод, но постапката е многу сложена и долготрајна. Понекогаш паровите не можат законски да се разведат со години. Би можело да се каже дека во такви случаи црквата или власта го ‚спречуваат‘ она што Бог го дозволува (Дела 11:17).

На пример, некој пар можеби живее во земја каде што е невозможно или многу тешко да се добие развод. Ако двајцата се слободни за брак според библиските мерила и ако направиле сѐ што во разумна мера може да се направи за да се разведат од претходниот брачен другар, можат да потпишат изјава со која се заветуваат на верност. Јеховината организација го нуди ова решение за христијаните кои живеат во тие земји. Сепак, таа можност не важи за повеќето земји во кои може да се добие развод, дури и ако бракоразводната постапка е скапа или многу сложена.

Некои што живеат во земји во кои е можно да се добие развод не сфаќаат која е целта на оваа изјава. Поради тоа се распрашуваат дали можат да потпишат ваков документ за да ги избегнат можните компликации и непријатности што со себе ги носи разводот.

Да се вратиме сега на горенаведеното прашање од читателите. Мажот и жената живеат заедно невенчано и сакаат да стапат во брак. И двајцата се слободни да се венчаат од библиска гледна точка, и не се законски врзани за некој друг брачен партнер. Но, мажот престојува нелегално во земјата, а законот на таа земја не дозволува некој нелегален доселеник да стапи во брак. (Во многу земји властите дозволуваат да се склучи брак дури и ако едниот или двајцата партнери немаат законски регулиран престој.) Државата во која живеат мажот и жената кои го поставиле ова прашање дозволува развод. Бидејќи изјавата со која некој се заветува на верност не е предвидена за такви ситуации, таа не може да се користи во ваков случај. Ниту мажот ниту жената не се спречени да добијат развод од претходен брачен партнер. И двајцата се слободни да стапат во брак. Но, како да се венчаат кога мажот нема законски престој во земјата? Би можеле да се венчаат во некоја друга земја во која неговиот статус не би бил проблем. Но, можеби ќе можат да се венчаат и во државата во која живеат доколку тој преземе чекори за да добие законски престој.

Да, овој пар може да го доведе својот живот во склад со Божјите мерила и со човечките закони (Мар. 12:17; Рим. 13:1). Се надеваме дека ќе успее во тоа. Потоа и двајцата можат да ги исполнат условите за крштавање (Евр. 13:4).

a Што ако се чини дека плодот има оштетувања или ако во матката успешно се всадиле повеќе ембриони? Намерниот прекин на бременоста би бил абортус. Освен тоа, кај овој вид оплодување многу честа е повеќеплодовата бременост (со близнаци, тројки итн.), при која е поголем ризикот од предвремено породување и крварење кај мајката. Доколку жената има ваква бременост, лекарите можеби ќе ја советуваат да размисли за „селективна редукција“, односно да дозволи еден или повеќе од ембрионите да бидат усмртени. Тоа би било намерен абортус, што е рамно на убиство (2. Мој. 21:22, 23; Пс. 139:16).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели