ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Гледав, но не можев да разберам“
Во 1975 год., кога сум имал две години, мајка ми првпат се посомневала дека нешто не е во ред со мене. Додека ме држела в раце, на една нејзина пријателка ѝ паднал тежок предмет на подот. Одеднаш се чул силен тресок. Мајка ми забележала дека јас не сум ни трепнал. Кога сум имал три години, сѐ уште не сум можел да зборувам. Тогаш моето семејство ја дознало страшната вест — лекарите потврдиле дека имам целосно оштетување на слухот!
Додека сум бил бебе, моите родители се развеле и мајка ми морала сама да нѐ одгледа мене, моите двајца постари браќа и сестра ми. Во тоа време, глувите деца во Франција не се школуваа на истиот начин како што се школуваат денес. Методите што се користеа понекогаш беа многу мачни. Сепак, уште од детството доживеав една убава работа што многу глуви ја немаат. Дозволете ми да ви раскажам нешто повеќе за тоа.
Кога имав пет години
Извесно време многу педагози сметаа дека глувите деца треба да научат да зборуваат и да читаат од усни. Всушност, во Франција, каде што пораснав, беше забрането да се користи знаковен јазик во училиштата. На некои глуви дечиња дури им ги врзуваа рацете зад грбот за време на наставата.
Првите неколку години од мојот живот, секоја недела по неколку часа ме носеа на терапија кај еден логопед. Тој ме држеше за вилицата или за главата и ме тераше да изговарам гласови што не можев да ги чујам. Не умеев да комуницирам со другите деца. Тие години ми беа многу тешки.
Кога наполнив шест години, ме испратија во специјално училиште за деца со оштетен слух. Првпат во животот дојдов во контакт со други дечиња заробени во светот на тишината. За жал, и таму беше забрането да се комуницира на знаковен јазик. Ако направевме некаков знак во одделението, се изложувавме на опасност да нѐ укорат или да нѐ искубат за коса. Меѓутоа, ние комунициравме скришно, користејќи знаци што самите си ги измислувавме. Конечно можев да се разберам со други деца. Така започнаа четири среќни години од мојот живот.
Меѓутоа, кога наполнив десет години, ме префрлија во основно училиште за деца што немаа оштетен слух. Паднав во длабок очај! Мислев дека сите други глуви деца умреле и дека јас сум единственото глуво дете што останало на светот. Моето семејство го послуша советот на лекарите, кои се плашеа дека ќе го заборавам она што сум го научил на терапијата со логопедот. Затоа, моите не научија знаковен јазик ниту, пак, ми дозволија да се дружам со глуви деца. Сѐ уште се сеќавам на прегледот кај еден специјалист за слух, кој на бирото имаше книга за знаковен јазик. Кога ги видов сликите на корицата, покажав со прст и реков: „Го сакам ова!“ Лекарот брзо ја скри книгата.a
ГИ УЧАМ ВИСТИНИТЕ ОД БИБЛИЈАТА
Мајка ми се потруди да нѐ воспита според христијанските начела. Нѐ носеше на состаноци во собранието на Јеховините сведоци во Мерињак, во близина на Бордо. Како мал, не разбирав многу од состаноците. Меѓутоа, различни поединци седнуваа до мене и ми запишуваа што се изнесува на програмата. Нивната љубов и грижа ми оставија силен впечаток. Дома мајка ми ја проучуваше Библијата со мене, но јас не го разбирав потполно она што го учев. Понекогаш се чувствував како пророкот Даниел кој, откако ангелот му пренел едно пророштво, рекол: „Го чув тоа, но не го разбрав“ (Даниел 12:8). Кај мене случајот беше: „Гледав, но не можев да разберам“.
Сепак, основните библиски вистини полека почнаа да пуштаат корен во моето срце. Ми се допаѓаше она што ќе го разберев и се обидував да го применам во животот. Исто така, учев и од начинот на кој постапуваа другите. На пример, Библијата вели дека треба да бидеме стрпливи (Јаков 5:7, 8). Јас не разбирав што значи тоа. Меѓутоа, кога гледав како моите соверници ја покажуваат таа особина, сфатив што значи да се биде стрплив. Навистина, христијанското собрание многу ми помогна.
ГОРКО РАЗОЧАРУВАЊЕ И ПРИЈАТНО ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Стефан ми помогна да ја разберам Библијата
Еден ден, кога бев тинејџер, на улица видов глуви млади што комуницираа на знаковен јазик. Почнав скришно да се дружам со нив и да учам француски знаковен јазик. Продолжив да одам на христијанските состаноци, каде што еден млад Сведок, Стефан, ме зеде под своја закрила. Вложи голем труд за да комуницира со мене и многу се зближивме. Меѓутоа, за кратко време доживеав едно горко разочарување. Стефан отиде во затвор затоа што одби да служи војска. Тоа многу ме погоди! Додека Стефан беше затворен, многу бев тажен и речиси престанав да одам на состаноците.
По 11 месеци го пуштија на слобода и тој се врати. Замислете колку бев изненаден кога ми се обрати на знаковен јазик. Не ми се веруваше на она што го гледав! Што се случило? Во затворот, Стефан научил француски знаковен јазик. Додека гледав како ги движи рацете и како прави изрази на лицето, се чувствував сѐ порадосен бидејќи сфаќав од колкаво значење е тоа за мене.
КОНЕЧНО ГИ РАЗБРАВ БИБЛИСКИТЕ ВИСТИНИ
Почнав да ја проучувам Библијата со Стефан. Оттогаш, сите делови од библиската вистина што претходно ги знаев си дојдоа на свое место. Како дете многу сакав да ги гледам убавите слики во нашите библиски публикации, да ги споредувам ликовите и да го анализирам секој детаљ за да ги запомнам. Иако знаев за Авраам, за неговото „потомство“ и за ‚големото мноштво‘, сите тие вистини потполно ги разбрав дури откако ми беа објаснети на знаковен јазик (1. Мојсеева 22:15-18; Откровение 7:9). Беше очигледно дека го најдов мојот природен јазик — јазикот на моето срце.
Откако почнав да разбирам што се изнесува на состаноците, бев длабоко трогнат и мојата жед за знаење почна да се зголемува. Со помош на Стефан стекнував сѐ поголемо разбирање на Библијата и, во 1992 год., му го заветував својот живот на Јехова Бог и се крстив. Сепак, иако напредував во духовен поглед, бев претпазлив и затворен во себе како последица од тоа што во детството не можев да комуницирам со другите.
БИТКА СО ПЛАШЛИВОСТА
Со текот на времето, малата група глуви лица на која ѝ припаѓав стана дел од едно собрание во Песак, предградие на Бордо. Тоа многу ми помогна да продолжам да напредувам во духовен поглед. Иако сѐ уште имав тешкотии во комуникацијата, моите пријатели кои немаа оштетен слух внимателно ми помагаа да разберам сѐ. Една брачна двојка, Жил и Елоди, многу се трудеа да комуницираат со мене. По состаноците, често ме канеа на оброк или на кафе. Така станавме добри пријатели. Се чувствувам убаво кога сум со луѓе што живеат според Божјите прекрасни мерила!
Ванеса ми дава голема поддршка
Во ова собрание ја запознав и симпатичната Ванеса. Ме привлече нејзината емотивност и чувство за правда. Таа никогаш не гледаше на мојот хендикеп како на некоја бариера, туку како на лично искуство што го збогатува нејзиниот живот. Ми го освои срцето и се зедовме во 2005 год. Иако комуникацијата не ми е јака страна, Ванеса ми помогна да се изборам со плашливоста и отворено да си кажувам што ми лежи на срце. Многу сум благодарен за поддршката што ми ја дава додека ги извршувам моите одговорности.
УШТЕ ЕДЕН ПОДАРОК ОД ЈЕХОВА
Истата година кога се оженив, подружницата на Јеховините сведоци во Франција, која е сместена во Лувје, ме повика на едномесечна обука за преведување. Во последниве неколку години се вложуваат големи напори да се издадат неколку публикации на DVD на француски знаковен јазик. Бидејќи имаше многу работа, на преведувачкиот тим му требаше зајакнување.
Одржувам библиски говор на француски знаковен јазик
Ванеса и јас сметавме дека е огромна чест и дар од Јехова Бог да служам во подружницата. Но, мора да признаам дека во исто време бевме и малку загрижени. Си мислевме: Што ќе се случи со нашата група на знаковен јазик? Што да направиме со нашата куќа? Дали Ванеса ќе успее да најде нова работа? За секој проблем, Јехова на прекрасен начин ни даде решение. Вистински ја почувствував Јеховината љубов кон нас и кон глувите лица.
ПОДДРШКА ОД ЕДЕН ОБЕДИНЕТ НАРОД
Откако сум вклучен во преведувањето, многу повеќе сфаќам колку се прави за да им се обезбеди духовна храна на глувите. Се радувам кога гледам како многуте браќа и сестри со кои работам се трудат да комуницираат со мене. Многу ми значи тоа што научија неколку знаци и се обидуваат да ги користат. Воопшто не се чувствувам отфрлен. Сите тие изрази на љубов се доказ за огромното единство што владее меѓу Јеховиниот народ (Псалм 133:1).
Во Преведувачкото одделение во подружницата
Благодарен сум му на Јехова што преку христијанското собрание секогаш се грижеше да има некој што ќе ми помага. Исто така, благодарен сум за скромниот удел што го имам во помошта која им се пружа на глувите луѓе да го запознаат нашиот грижлив Творец и да се зближат со него. Едвај чекам да дојде денот кога јазичните бариери ќе ги нема и сите ќе зборуваат еден „чист јазик“ — вистината за Јехова Бог и за неговите намери — како дел од едно обединето семејство (Софонија 3:9).
a Дури во 1991 год., француската влада официјално ја одобри употребата на знаковен јазик во образованието на глувите деца.