Исус покажал која е смислата на животот
‚Живејте онака како што живееше и тој‘ (1. Јованово 2:6)
КАКО што беше кажано во претходната статија, Исус имал смисла во животот. Затоа, ако сакаме и нашиот живот да има смисла, треба да го следиме неговиот пример и да ги слушаме неговите совети.
Како што покажува стихот цитиран погоре, Јехова нѐ поттикнува да го правиме токму тоа. Да живееме онака како што живеел Исус значи во секој аспект од нашиот живот да го следиме неговиот пример и учења. Така ќе се зближиме со Бог и ќе имаме смисла во животот.
Исус спомнал начела кои можат да ни помогнат да се угледаме на неговиот пример. Многу од тие начела ги кажал во својата прочуена Проповед на гората. Да наведеме неколку од нив и да видиме како можеме да ги примениме.
НАЧЕЛО: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3)
КАКО ОВА НАЧЕЛО НИ ПОМАГА ДА ВОДИМЕ СМИСЛОВЕН ЖИВОТ
Исус покажал дека луѓето имаат духовни потреби. Природно сакаме да го дознаеме одговорот на прашањата како што се: Зошто постоиме? Зошто има толку многу страдања? Дали Бог се грижи за нас? Постои ли живот по смртта? За да најдеме смисла во животот, треба да го дознаеме одговорот на овие прашања. Исус знаел дека само една книга може да ни ги даде точните одговори. Тоа е Божјата Реч. Кога му се помолил на својот Татко, Исус рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Може ли Божјата Реч да ни ги задоволи духовните потреби?
ПРИМЕР ОД РЕАЛНИОТ ЖИВОТ
Како главен пејач на една популарна група, Еса бил на добар пат да стане рок ѕвезда. И покрај тоа, не бил потполно среќен. „Иако се чувствував убаво во групата, сакав да најдам подлабока смисла во животот“, вели тој. Со текот на времето, Еса дошол во контакт со еден Јеховин сведок. „Го преплавив со прашања“, вели Еса. „Неговите логични одговори темелени на Светото писмо го разбудија мојот интерес. Затоа се согласив да ја проучувам Библијата со него.“ Она што го учел Еса го допрело до срце и го поттикнало да му го посвети својот живот на Јехова. „Во минатото, глава не можев да кренам од проблеми“, вели тој. „Но, сега мојот живот има вистинска смисла.“a
НАЧЕЛО: „Среќни се милосрдните“ (Матеј 5:7)
КАКО ОВА НАЧЕЛО НИ ПОМАГА ДА ВОДИМЕ СМИСЛОВЕН ЖИВОТ
Да се биде милосрден значи да се покажува сочувство, добрина и обѕир кон другите. Исус покажувал милосрдност кон луѓето што биле во неволја. Бидејќи имал длабоко сочувство, секогаш правел нешто за да им ги олесни маките (Матеј 14:14; 20:30-34). Кога сме милосрдни како Исус, нашиот живот има поголема смисла, бидејќи оние што покажуваат милосрдност се среќни (Дела 20:35). Ќе покажеме дека сме милосрдни со нашите убави зборови и добри дела. Така ќе им ги олесниме тешкотиите на оние што се во неволја. Но, дали навистина е за наше добро да бидеме милосрдни?
Марија и Карлос
ПРИМЕР ОД РЕАЛНИОТ ЖИВОТ
Марија и нејзиниот сопруг, Карлос, се пример на луѓе што покажуваат милосрдност. Татко ѝ на Марија е вдовец и последниве неколку години е врзан за кревет. Марија и Карлос го зеле кај себе и му ја пружаат потребната нега. Тие минуваат многу бессони ноќи, па дури и сред ноќ го носат во болница кога има проблеми со шеќерот. Иако понекогаш се претепани од умор, тие се среќни. Како што рекол Исус, чувствуваат длабоко задоволство затоа што знаат дека прават сѐ што можат за татко ѝ на Марија.
НАЧЕЛО: „Среќни се миротворците“ (Матеј 5:9)
КАКО ОВА НАЧЕЛО НИ ПОМАГА ДА ВОДИМЕ СМИСЛОВЕН ЖИВОТ
Да се биде ‚миротворец‘ значи да се биде мирољубив. Како тоа што ќе бидеме мирољубиви ќе ни помогне да имаме поголема смисла во животот? Една работа е тоа што ќе имаме подобри односи со другите луѓе. Мудро е да го следиме библискиот совет: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Изразот „сите луѓе“ ги опфаќа и членовите на семејството и другите кои немаат исти верски убедувања како нас. Како тоа што ќе живееме во мир со „сите луѓе“ може да ни даде поголема смисла во животот?
Наир
ПРИМЕР ОД РЕАЛНИОТ ЖИВОТ
Размисли за она што ѝ се случило на една жена која се вика Наир. Низ годините доживеала многу проблеми кои ја ставиле на испит нејзината способност да остане смирена, особено со членовите на нејзиното семејство. Откако маж ѝ ја напуштил пред 15 години, таа сама ги подига своите деца. Еден од нејзините синови бил зависник од дрога, честопати губел контрола над себе и ја малтретирал неа и нејзината ќерка. Наир е убедена дека тоа што го научила од Библијата ѝ дало сила да го задржи мирот дури и во тие тешки мигови. Таа се труди да не се расправа за ништо. Се обидува да биде љубезна, сочувствителна и да има разбирање за другите (Ефешаните 4:31, 32). Уверена е дека тоа што научила да биде мирољубива ѝ помогнало да биде во што е можно подобри односи со семејството и со другите луѓе.
МИСЛИ НА ИДНИНАТА
Ако ги применуваме мудрите совети на Исус, ќе бидеме среќни и задоволни. Меѓутоа, за да имаме вистинска смисла во животот, мора да знаеме и што ни носи иднината. Зар животот може да има смисла ако знаеме дека кога-тогаш ќе остариме, ќе се разболиме и ќе умреме? Сепак, тоа е реалноста во овој свет.
Но, има една добра вест! Јехова многу ќе ги благослови оние кои се трудат да ‚живеат како што живеел Исус‘. Јехова ни ветува дека наскоро ќе донесе еден праведен нов свет, во кој верните луѓе ќе имаат вечен живот и совршено здравје — како што била Божјата намера во почетокот. Во Библијата пишува: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).
Марија, спомната во првата статија, со радост го чека времето кога ќе се исполнат овие зборови. А ти? Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за „вистинскиот живот“ — животот под власта на Божјето Царство? (1. Тимотеј 6:19). Ако да, можеш да стапиш во контакт со некој Јеховин сведок од твоето место или да им пишеш на издавачите на ова списание.b
a Животната приказна на Еса можеш да ја прочиташ во статијата, „Библијата менува животи — Бев суров човек“.
b Многумина редовно ја проучуваат Библијата со помош на книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.