Како може да се грижиме за потребите на другите
„ИЛЈАДНИЦИ Сведоци беа принудени да ги напуштат своите домови поради немирите што избувнаа откако беа оспорени резултатите на изборите“, вели Франсоа, кој служи како старешина во една земја во развој. „Немаше доволно храна и лекови, а она што можеше да се најде беше прескапо. Банките беа затворени, а банкоматите испразнети или престанаа да работат.“
Браќата од подружницата веднаш испратиле пари, како и сѐ друго што им било неопходно на Сведоците кои ги напуштиле своите домови и привремено биле згрижени во Салите на Царството низ целата земја. Спротивставените фракции поставиле барикади на патиштата, но обично не ги спречувале возилата на подружницата да поминуваат бидејќи и двете страни знаеле дека Сведоците се потполно неутрални.
„Додека бевме на пат кон една Сала на Царството, одеднаш врз нашето комбе беше отворен снајперски оган“, вели Франсоа. „За среќа, куршумите не нѐ погодија. Кога видовме дека еден војник трча кон нас со пушка во рацете, веднаш го свртевме комбето назад, и со полна брзина се упативме кон подружницата. Му бевме многу благодарни на Јехова што останавме живи. Следниот ден, 130-те браќа кои се наоѓаа во таа Сала на Царството успеаја да стигнат на безбедно. Некои дојдоа во подружницата, каде што се грижевме за нивните духовни и материјални потреби сѐ додека не стивнаа немирите.“
„Подоцна во подружницата пристигнаа многу писма од целата земја во кои браќата ја изразија својата длабока благодарност“, вели Франсоа. „Нивната доверба во Јехова уште повеќе се зајакна затоа што од прва рака видоа како соверници од други места им пружаат помош.“
Кога нашите браќа се погодени од природни катастрофи или од несреќи предизвикани од луѓе, ние не им велиме „згрејте се и наситете се“ туку правиме сѐ што е во наша моќ да се погрижиме за нивните потреби (Јак. 2:15, 16). Слично на тоа, кога дознале дека ќе завладее глад, христијаните во првиот век решиле ‚секој според своите можности, да испратат помош за на тој начин да им послужат на браќата што живееле во Јудеја‘ (Дела 11:28-30).
Како Јеховини слуги, ние сме спремни да им помагаме во материјален поглед на оние што се во неволја. Но, луѓето имаат и духовни потреби (Мат. 5:3). Исус ни заповедал да ги поучуваме за Бог со цел да им помогнеме да станат свесни дека имаат такви потреби и да направат нешто да ги задоволат (Мат. 28:19, 20). Секој од нас посветува голем дел од своето време, сила и средства за да ја врши таа задача. Како организација, ние користиме дел од доброволните прилози за да обезбедиме материјална помош, но тие главно се користат за да се шири добрата вест за Царството. На тој начин покажуваме дека ги сакаме Бог и ближните (Мат. 22:37-39).
Оние што го поддржуваат меѓународното дело на Јеховините сведоци можат да бидат уверени дека нивните прилози се користат на исправен и најдобар начин. Дали си во можност да им помогнеш на своите браќа кои се во неволја? Дали сакаш со своите прилози да им помогнеш на луѓето да го запознаат Бог? Ако да, тогаш „немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“ (Изр. 3:27).