„Ќе одиме во домот Господов“
1 Давид со горливост одговорил на повикот: „Ќе одиме [да одиме, NW] во домот Господов“ (Пс. 121:1). Јеховиниот ‚дом‘, кој бил претставен со храмот, бил собирно место за оние кои имале желба да го обожаваат вистинскиот Бог. Тоа било прибежиште на безбедност и мир. Денес, светското христијанско собрание е Божјиот ‚дом‘, „столб и тврдина на вистината“ (1. Тим. 3:15). Сите негови подготовки за спасение се ставени на располагање преку овој канал. Затоа ‚ќе појдат кон него сите народи‘ ако сакаат да се радуваат на благословите што се ветени под Божјата Царска влада (Иса. 2:2).
2 Овој ‚дом‘ опфаќа повеќе од 69.000 собранија во 229 земји. Вратите на Царските сали ширум светот се отворени, а повеќе од четири милиони ревни работници го шират повикот: „Дојди! . . . кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откр. 22:17). Многумина ја слушнале оваа порака и одговориле со ценење. Други дошле во контакт, но сѐ уште не дошле во Јеховиниот дом за да се поврзат со христијанското собрание. Таквите имаат „духовни потреби“ (NW) кои можат да се задоволат со подготовките кои се наоѓаат само во собранието (Мат. 5:3). Живееме во критични времиња, а крајот на овој систем брзо се приближува. Еден рамнодушен или противнички став може да доведе до опасно одлагање. Итно е луѓето да направат напори да ‚се приближат кон Бог‘ така што ќе се приближат до неговата организација (Јак. 4:8). Како можеме да им помогнеме?
3 Насочи го интересот на организацијата: Уште од нашиот прв контакт со заинтересираните лица треба да им го насочуваме вниманието на организацијата. Иако можеби ние лично сме во состојба да пронаоѓаме стихови и да објаснуваме основни науки, ние не сме изворот на таквото спознание. Сѐ што сме научиле дошло од организацијата со посредство на класата роб која нѐ снабдува со ‚навремена храна‘ (Мат. 24:45-47). Уште од почетокот, новите треба да сфатат дека вистинското обожавање вклучува многу повеќе отколку само нас или месното собрание; постои организирано, теократско, во светот раширено друштво кое делува под Јеховина управа.
4 Водството што го добиваме потекнува од Јехова, кој ветил дека ќе нѐ води и учи (Пс. 31:8; Иса. 54:13). Овие упатства првенствено се расеани низ нашата литература. Ако можеме да им помогнеме на интересентите да развијат високо ценење за литературата, признавајќи ја како извор на животоспасувачка поука, далеку е поверојатно дека ќе ја читаат и ќе ја применуваат нејзината порака наместо брзо да ја отфрлат. Секогаш треба да ја претставуваме и да ја користиме оваа литература на начин кој изградува почитување кон неа. Тоа ги учи новите да ја ценат организацијата и да имаат доверба во нејзините подготовки.
5 Нека интересентите знаат дека во заедницата постои централно место за состанување каде што редовно се дава поука. Дајте им ја адресата на Царската сала и термините за состаноци. Објаснете им ја разликата помеѓу нашите состаноци и религиозните собири на кои можеби порано присуствувале. Секој е добредојден; нема собирање ни лично молење за прилози. Додека наименуваните слуги ја водат програмата, секој има прилика да учествува со коментари или во програмските точки. Добредојдени се и семејства; децата се вклучени во нашите библиски дискусии. Нашите слуги не носат посебни облеки или наметки. Царската сала е вкусно декорирана и нема свеќи, кипови или икони. Присутните воглавно живеат во локалното соседство.
6 Интересот постепено насочувајте го на библиска студија: Главната цел на библиската студија е да се научи вистината од Божјата Реч. Таа треба кај ученикот да изгради ценење за Јеховината организација и да го направи свесен колку е важно да стане дел од неа. Големата работа што ја направиле Исус и неговите ученици во првиот век, ги привлекла искрените и ги обединила да работат под централното водечко тело. Во средините каде што одговорот бил позитивен, биле формирани собранија за редовно да ги оспособуваат и им даваат поука. Оние кои биле поврзани биле духовно зајакнати и тоа им помагало да истраат во времињата на неволја (Евр. 10:24, 25; 1. Петр. 5:8-10). Во наше време Јехова има намера „да соедини сѐ . . . во Христа“ (Ефес. 1:9, 10). Како резултат на тоа, имаме светско „братство“ (1. Петр. 2:17, NW).
7 Седмичната библиска студија треба да вклучува поука која ќе им помогне на учениците да ја ценат организацијата и да извлечат корист од подготовките за нивно спасение. Секоја седмица одвој неколку минути да се осврнеш или да опишеш нешто околу организацијата и како таа функционира. Корисни говорни точки можеш да најдеш во Стражарска кула од 1. ноември 1984. Брошурите Јеховините сведоци во дваесетиот век и Јеховините сведоци — Обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот зборуваат за главните аспекти на организацијата и како тие можат да ни користат. Ако организираш библиските ученици да ја гледаат видео касетата Јеховините сведоци — Организацијата зад името ќе им овозможиш самите да видат што се постигнува. Избрани извештаи и искуства од Годишникот можат да го прикажат успехот на делото во други земји и култури. Може да се користат и други публикации. Низ извесен период постепено објаснувајте им работи како што е одењето од куќа до куќа, целта на нашите состаноци, како го финансираме нашето дело и светскиот опсег на нашата активност.
8 Запознавањето со други Сведоци може да има подбудувачки учинок врз новите и така да ја прошири претставата за собранието. За таа цел, покани други објавители одвреме-навреме да присуствуваат на студијата. Некој од собранието кој има слично минато или интереси може да му придаде нови димензии на становиштето на твојот ученик. Можеби некој старешина може да те придружува само за да се запознае. Ако се погрижиш покраинскиот надгледник или неговата сопруга да ја посетат студијата, тоа може да се покаже како вистински благослов. Ако некој Сведок живее во близината, запознај го со него, а тоа може додатно да го охрабри ученикот да присуствува на собраниските состаноци.
9 Охрабрете ги новите да доаѓаат на состаноци: Новите треба да сфатат колку е важно да присуствуваат на состаноците. Обидете се да го подбудите нивниот интерес. Укажете им на статиите што ќе се обработуваат на Студија на Стражарска кула. Споменете наслови од наредни јавни предавања. Осврнете се на главни мисли од материјалот што ќе се обработи на Теократска школа на проповедање и на Собраниска студија на книга. Кажи што чувствуваш за она што го учиш на овие состаноци и зошто чувствуваш потреба да присуствуваш. Ако можете, понудете им превоз. Телефонски разговор пред состанокот може да пружи додатен поттик да присуствуваат.
10 Кога еден библиски ученик ќе дојде на состанок, нека се чувствува добредојден. Претстави го на другите, вклучувајќи ги и старешините. Ако присуствувал на јавно предавање, претстави го на говорникот. Покажи му ја Царската сала. Објасни ја целта на пултовите за литература и списанија, кутиите за прилог, библиотеката и годишниот цитат. Нека знае и дека салата не е само дом на обожавање туку и центар од кој е организирано делото на проповедање на локално ниво.
11 Објасни како се водат состаноците. Покажи му ги на ученикот публикациите кои ги користиме. Истакни дека Библијата е наш главен учебник. Секој може да учествува, вклучувајќи ги и малите деца. Објасни дека сета музика и стихови во песнарката ја компонирале Јеховини сведоци за да се користи при нашето обожавање. Укажи дека присутните имаат различно минато. Дај позитивни коментари за духот на пријателство и гостопримливост. Овој љубезен, искрен интерес може да биде еден од најсилните фактори кои ќе го наведат да дојде повторно.
12 Зошто некои се воздржуваат: Честопати, и покрај сето она што сте го направиле, некои одбиваат да се приближат до организацијата. Не отстапувајте брзо. Обидете се да се ставите на нивно место. До тој момент, тие веројатно не чувствувале вистинска потреба да присуствуваат на религиозна служба освен во посебни прилики. Можеби врз нив вршат притисок членовите на семејството или блиските пријатели. Можеби се заплашени од соседите кои даваат потценувачки забелешки. И, секако, можат да постојат различни пречки заради друштвените или рекреативните цели што ги имаат. Тие може да гледаат на нив како на непремостливи препреки; вие треба да им помогнете да ги посматраат работите од соодветен агол и ‚да се уверат во поважните работи‘ (Фил. 1:10, NW).
13 Дајте им библиски причини да истрајат. Нагласете дека на сите нам ни треба охрабрување и духовно изградување кое го добиваме кога се собираме заедно (Рим. 1:11, 12). Исус јасно покажал дека противењето од страна на семејството не е оправдана причина човек да се воздржува (Мат. 10:34-39). Павле нѐ поттикнал да не се срамиме јавно да се покажеме како Исусови ученици (2. Тим. 1:8, 12-14). Личните тежнеења и пречки мора да се контролираат, инаку ќе станат замка (Лука 21:34-36). Оние кои заслужуваат Јеховин благослов треба да бидат со цело, а не со половина срце (Кол. 3:23, 24). Вградувањето на ценење за таквите библиски начела може да им го отвори патот да напредуваат духовно.
14 Вратите се отворени: Јеховиниот дом на вистинско обожавање е издигнат над сите други. Повикот е разгласен во 229 земји ширум светот: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, . . . Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови“ (Иса. 2:3). Позитивниот одговор на новите може да им го спаси животот. Насочувањето на вниманието на Јеховината организација е еден од најдобрите начини да им помогнеме.