Зошто трактатите се толку драгоцени во нашата служба денес
1 Во изданието на Стражарска кула од 1. јануари 1991, страница 30, излезе искуство со наслов „Го нашол трактатот под шината“. Го раскажал надзорник на група за одржување на пруги кој нашол еден од нашите трактати заглавен под шина. Веднаш го прочитал трактатот, а потоа му рекол на својот зет: „Денес ја најдов вистината!“ Обајцата нарачале уште литература и ја проучувале. Денес, повеќе од сто нивни потомци се активни во вистината. Ова покажува што може да произлезе од читањето на само еден трактат.
2 Да ги искористиме приликите: Браќата насекаде ги користат приликите да остават трактати. Една млада девојка Сведок забележала дека нејзината наставничка е тажна заради смртта на нејзината свекрва. Младата сестра ѝ напишала на наставничката утешно писмо и во него го приложила трактатот Дали постои надеж за нашите мртви? Наставничката написмено ѝ се заблагодарила, а потоа разговарала со нашата млада сестра. Сега оваа наставничка редовно прима списанија од неа.
3 Извесни објавители кои сведочеле на улица што водела на гробишта, виделе како некои луѓе варосуваат гробови. Објавителите ја искористиле приликата да им понудат трактати. Следниот ден бил празник на кој многу луѓе ги посетувале гробиштата, затоа објавителите одлучиле да стојат на влезот од гробиштата и да нудат трактати. Биле врачени околу петстотини трактати, со само три луѓе кои одбиле. Следната година, објавителите повторно дошле и разделиле повеќе од илјада трактати, со само шестмина кои одбиле. Голем број поединци изразиле длабоко ценење. Некој човек го прочитал трактатот веднаш штом го зел и кратко после тоа се вратил да ѝ се обрати на сестрата што му го дала. Тој рекол: „Има еден човек за кој би сакал да ја прочита пораката. Можам да добијам уште еден?“
4 Трактатите се со прикладна големина и лесни за носење каде и да одиме. Кога неформално разговараме со некого, било да е странец или познаник, треба да настојуваме кратко да кажеме нешто што ќе води до дискусија за еден од осумте трактати кои сега ни се на располагање. Тоа може да го сториме и додека разговараме со соседите, додека пазариме или чекаме некого, кога сме во посета кај роднини и во многу други ситуации.
5 Зошто се делотворни: Трактатите се привлечно обоени. Кратки се. Станарите и оние кои ги среќаваме во неформални прилики не се затрупани, па да чувствуваат обврска да читаат обемен материјал. Сепак, пораката е занимлива и информативна. Читателот се здобива со цврсто библиско гледиште за темата која е обработена во трактатот. Откако го примил трактатот Живот во мирољубивиот нов свет и го разгледал заедно со објавителот, некој млад човек изјавил: „Никогаш не сум чул такви охрабрувачки информации за светската ситуација!“
6 Овие трактати ќе сакаме да ги користиме во секоја прикладна ситуација. Многу објавители увиделе дека тие им помагаат да започнуваат разговори при работа од куќа до куќа. Бројни студии кои сега се водат биле започнати со трактат. На страница 4 во ова издание на Наша служба за Царството има некои практични предлози како делотворно да се користат трактатите. Да, трактатите се мали но вредни алатки за нашата служба.