Служи му на Јехова без нешто да ти го одвлекува вниманието
1 „Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!“ (Пс. 143:15). Дали сѐ уште важат овие зборови на цар Давид, дури и во овие зли времиња? (Ефеш. 5:16). Да! Христијаните сѐ уште наоѓаат радост во службата за Јехова. Не ни е секогаш лесно. Сатана ни создава потешкотии во овие „времиња тешки“, но сепак не сме обесхрабрени (2. Тим. 3:1, 2). Сѐ полошите прилики се натамошен доказ дека наближува времето за Божјето Царство да го збрише овој гнил стар свет и да го замени со чист нов свет (2. Петр. 3:13). Темнината на овој свет не го гуши ниту гаси пламенот на нашата среќна надеж; наместо тоа, нашата надеж за Царството свети сѐ посјајно. Зар не си радосен што му служиш на Јехова како светило во овој мрачен свет? (Фил. 2:15).
2 Како поединци, мораме постојано да внимаваме како му служиме на Јехова. Зошто? Затоа што Сатана е голем Одвлекувач на внимание. Еден речник зборот „одвлекува“ го дефинира како „трга настрана“, „привлекува или насочува (на пр. нечие внимание) на друг објект или во повеќе насоки истовремено“ и „вознемирува или збунува со конфликтни емоции или мотиви“. Откако е исфрлен на Земјата, Сатана е успешен во ‚мамењето‘ на човештвото. Тој користи многу средства да му го сврти на човек вниманието од вистински важните прашања на денешницава (Откр. 12:9). Иако Јеховините сведоци во изминативе стотина години се трудат да го проповедаат Царството, колку луѓе ги ценат најважните спорни прашања за светењето на Божјето име и за оправдување на неговата сувереност преку Божјето Царство? Релативно малку (1. Јов. 5:19). Ако Сатана може да им го одвлече вниманието на милијарди луѓе на Земјата, секогаш присутна опасност е да ни го одвлече или зароби и нашето внимание за да ја напуштиме Јеховината служба. За жал, некои наши браќа биле збунети од Сатановите одвлекувања. Тие допуштиле умовите да им бидат насочени во повеќе насоки. Денес постојат секакви видови одвлекувачи на внимание. Разгледај само неколку од нив.
3 Економски проблеми и љубов кон материјални работи: Во повеќето држави на Земјата, невработеноста и високите животни трошоци создаваат грижи. Вистина, мораме да обезбедиме храна, облека и покрив над главата за себе и за нашите семејства. Но, ако си дозволиме претерано да се загрижиме за потребите на животот, овие грижи ќе го овладеат нашето размислување. Нашиот физички опстанок може да стане најважната работа во животот наместо тоа да е нашето поддржување на спорното прашање за Царството. Апостол Павле дал совет во тој поглед во Евреите 13:5, 6. Исус Христос нѐ уверува дека оние кои го бараат најнапред Царството не треба да бидат загрижени; Јехова им го обезбедува она што навистина им е потребно (Мат. 6:25-34). Пионерите и други полновремени слуги ширум светот можат да потврдат дека ова е вистина.
4 Сатановиот свет унапредува љубов кон материјални работи. Стекнувањето на сѐ повеќе материјални работи и заштитувањето на истите е движечка сила во животот на милиони луѓе. Слични одвлекувања постоеле и во Исусовите денови. Некој богат млад владар го прашал Исус што треба да стори за да наследи вечен живот. Исус му одговорил: „Ако сакаш да бидеш совршен [или комплетен], оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ (Мат. 19:16-23). Очигледно, неговите бројни материјални ствари го одвлекле овој млад човек од служењето на Бог со цела душа. Неговото срце било свртено кон богатството. Исус знаел дека младиот човек ќе има корист ако го симне од себе товарот на овие пречки. Тие го спречиле да биде комплетен во својата оддаденост на Бог. Како е со тебе? Дали се наоѓаш себеси како работиш подолго на световната работа само за да одржиш еден животен стил на кој си навикнал? Дали ова влијае на твојата служба за Јехова? Дали твоите материјални ствари ги истиснуваат интересите на Царството? (Мат. 6:24). Можеш ли да го поедноставиш својот живот за да посветиш повеќе време на духовните интереси?
5 Обични работи во секојдневниот живот: Ако не сме внимателни, може да нѐ окупираат обичните секојдневни работи, па да почнеме да ги занемаруваме духовните. Сети се на луѓето од Ноевото време. Тие биле толку преокупирани со друштвени работи, јадење и пиење, мажење и женење, што не обрнувале внимание на Ноевата предупредувачка порака за претстојниот Потоп. Пред да сфатат, Поплавата дошла и ги збришала сите. Работите што им го одвлекувале вниманието за нив значеле уништување. Исус рекол: „Така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Мат. 24:37-39). Навистина, повеќето луѓе денес се премногу внесени во својот живот за да обрнат внимание на предупредувачката порака што им ја носиме. Тие покажуваат страшна незаинтересираност за духовните работи.
6 Дали твојот живот станува толку претрупан со друштвени активности што духовните добиваат сѐ помало и помало внимание? Во една прилика Исус бил поканет на гости кај Марта и Марија. Марија сконцентрирано слушала што тој ќе каже. А Марта, од друга страна, „се . . . зафатила со многу работи“. Марта прекумерно сакала да биде добра домаќинка. Не сфатила дека треба да одвои време да го слуша Исус. Тој доброљубиво ѝ укажал на Марта дека непотребни биле комплицираните подготовки; повеќе внимание требало да се посвети на духовните работи. Дали треба и ти да го примениш овој совет? (Лука 10:38-42). Исус исто така предупредил дека мораме да внимаваме да не се прејадуваме или опиваме, затапувајќи ги своите чувства. Во овие критични часови од човечката историја треба да бидеме потполно будни (Лука 21:34-36).
7 Тежнеење по задоволства: Една од најголемите мамки кои Ѓаволот ги користи за да ни го одвлече вниманието од спорното прашање за Царството е тежнеењето по задоволства. Милиони луѓе во т. н. христијанство задоволствата ги ставиле на местото на Бог. Повеќе сакаат да се развеселат со некоја разонода отколку сериозно да се заинтересираат за Божјата Реч (2. Тим. 3:4). Се разбира, здравате забава и рекреација сама по себе не е погрешна. Но, претерано трошење време секоја седмица на работи како што се телевизијата, филмовите, видеото, спортовите, читањето на световна литература или некое хоби може да дозволи да се развие лукаво срце и да нѐ тргне од Јехова (Јеремија 17:9; Евр. 3:12). Како може тоа да се случи? Во текот на христијанските состаноци може да увидиш дека умот ти талка; дури може да посакуваш состанокот да заврши за да се вратиш на своите задоволства. Наскоро, може да се фатиш себеси како бараш причини да останеш дома наместо да ги посетуваш состаноците или да работиш во службата на проповедање. Сега е време јасно да одредиш дали ваквите тежнеења станале одвлекувачи во твојот живот (Лука 8:14). Зар не е подобро дел од тие драгоцени часови што се трошат на забава да се искористат за духовно изградување?
8 Споредни работи кои го одземаат времето: Некои почнале да вложуваат напори за да ги решат вообичаените проблеми во современото општество. Христијаните треба да избегнуваат да се вклучуваат во световните бесконечни дебати околу социјални прашања или во неговите залудни борби да се исправи неправдата (Јован 17:16). Сето ова е дел од Сатановата замисла да го одвлече вниманието од библиските совети и од темелниот факт дека постои само едно долгорочно решение — Царството на Бог. Ако сме доживеале лична навреда или неправда, мора да внимаваме да не станеме осветнички настроени или емоционално избезумени, та да заборавиме кои сме — Сведоци на Јехова. Пред сѐ, Јехова е тој кој што е обвинет и неговото име мораме да го светиме (Иса. 43:10-12; Мат. 6:9).
9 Иако секој сака да одржи извесна мера на добро здравје, непотребно посветување внимание на наизглед бесконечните теории и лекови што се нудат, може некого да опседне со здравствени работи. Има многу луѓе кои препорачуваат голем избор на диети, третмани и терапии за телесни и емоционални проблеми, од кои многу си противречат една на друга. Што ќе прави некој за своето здравје е лична одлука, сѐ додека не почне да се коси со библиските начела. Секогаш да задржиме потполна доверба во Божјето Царство како вистински лек за болестите на човештвото (Иса. 33:24; Откр. 21:3, 4).
10 Бидете цврсти, непоколебливи: Како што се приближува крајот, Сатана ќе ги зголеми своите напори да те одвлече од службата за Јехова. „Спротивете му се со тврда вера“ (1. Петр. 5:9). Како? Мораш да се храниш со Божјите мисли (Мат. 4:4). Не дозволувај одвлекувачите на внимание на светот да те лишат тебе и твоето семејство од времето што ви е потребно за да медитирате и на мира да размислувате за Божјата Реч. На семејните оброци, дискутирајте заедно за изградувачки искуства и за други духовни работи. Тесно придржувајте се за планот за лична студија и подготвување за состаноците.
11 Кога грижите се закануваат да го вознемират твојот ум, фрли го бремето на Јехова во молитва. Биди сигурен дека тој се грижи за тебе (1. Петр. 5:7). Нека мирот од Бог го штити твоето срце и душевни сили (Филип. 4:6, 7). Не дозволувај одвлекувачи на внимание да ја замаглат твојата духовна визија. Имај го Јехова секогаш пред себе, како што го имал Исус (Дела 2:25). Задржи ја својата визија сосредоточена право пред тебе на твојата цел, како што нѐ охрабрува Изреки 4:25-27: „Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени кон праведното. Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат прави. Не скршнувај ни десно, ни лево“.
12 Верно присуствувај на сите состаноците и дисциплинирај се така што ќе обрнеш внимание на упатствата од Божјата Реч (Евр. 2:1; 10:24, 25). И наместо да бараш задоволства кои ги нуди овој декадентен свет, постави си за цел да одржиш продуктивна служба. Тоа е тоа што носи трајна радост и задоволство (1. Сол. 2:19, 20). На крајот, не дозволувај нешто или некој да те одвлече од твојата света служба. „Бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Кор. 15:58).