Дали сме будни — избегнувајќи го она што ни го одвлекува вниманието?
1 Исус предупредил: ‚Бидете будни . . . за да ги избегнете‘ неволјите кои сигурно ќе дојдат (Лука 21:36). Живееме во најопасното време од човечката историја. Оние кои ќе се препуштат на духовна дремливост, ќе ги снајде несреќа. Тоа претставува опасност за секого од нас. Исус споменал јадење, пиење и грижи за секојдневниот живот. Зошто? Затоа што дури и тие работи би можеле да нѐ преокупираат, да станат нешто што ни го одвлекува вниманието и да предизвикаат опасна духовна дремливост.
2 Вообичаени работи што го одвлекуваат вниманието: Некои станале преокупирани со претерана или сомнителна рекреација, станувајќи дури и зависници од телевизорот. Се разбира, да го бараме најнапред Царството не значи дека мораме да ги избегнуваме сите видови рекреација. Кога сме разумни и умерени, рекреацијата може да биде корисна. (Спореди 1. Тимотеј 4:8.) Но, ако таа стане нешто многу важно во нашиот живот, тогаш ни го одвлекува вниманието со тоа што одзема многу од нашето време, од нашите средства или од уделот што го имаме во делото на проповедање за Царството.
3 Една друга вообичаена работа што го одвлекува вниманието и предизвикува духовна дремливост е желбата за оние материјални работи кои не се толку неопходни. Тоа изискува некој да троши повеќе време на световната работа и да ги истисне духовните тежнеења. Некои ги изгубиле од вид духовните цели со тоа што станале преокупирани со стекнување материјален имот за да си обезбедат поудобен начин на живот. Иако ни се потребни „храна и облекло“, мораме да внимаваме да не развиеме љубов кон парите, бидејќи тоа може да нѐ одвлече од верата (1. Тим. 6:8-10). Ако пропуштиме да го сосредоточиме погледот на интересите на Царството, би можеле да станеме немарни во грижата за духовните потреби на нашето семејство и со тоа да пропуштиме да ја извршиме својата служба (1. Тим. 5:8; 2. Тим. 4:5).
4 Но, некои сѐ уште допуштаат нивните ‚срца да бидат оптоварени со грижите на овој свет‘ до таа мерка што духовно заспиваат (Лука 21:34). Одвреме навреме сме загрижени поради некои здравствени проблеми или поради вознемирувачки ситуации во семејството. Но, не смееме да дозволиме таквите лични работи да ја намалат нашата свесност за крајот на овој систем на ствари, кој се наближува сѐ побрзо (Марко 13:33).
5 Ништо не би му причинило поголемо задоволство на Ѓаволот од тоа да успее да нѐ стави во дремлива состојба, да тежнееме по некакви световни фантазии. Мораме да се бориме за да останеме духовно будни. Знаеме дека ‚Јеховиниот ден ќе дојде како крадец‘ (НС) и затоа е неопходно „да бидеме будни и трезвени“ (1. Сол. 5:2, 6). Ако кај себе откриеме некакви знаци на дремливост, веднаш треба ‚да ги отфрлиме сите дела на мракот‘ (Рим. 13:11-13).
6 Помош за да останеме будни: Што ќе ни биде од помош? Неопходна е молитвата. Треба да се молиме непрестајно (1. Сол. 5:17). Блискоста со христијанското собрание ќе нѐ ‚поттикне кон љубов и добри дела‘ (Евр. 10:24). Редовното, чесно самоиспитување може да ни помогне да бидеме будни во поглед на потребата да се надминуваат слабостите (2. Кор. 13:5). Со добрите навики за лична студија, постојано ќе бидеме ‚хранети со зборовите на верата‘ (1. Тим. 4:6). Ако сме марливи, можеме да бидеме уверени дека ќе можеме да ги избегнуваме работите кои ни го одвлекуваат вниманието и дека ‚ќе останеме будни и ќе стоиме цврсто во верата‘ (1. Кор. 16:13, НС).