Од куќа до куќа без престан
1 Во древниот Израел, жртви биле принесувани секојдневно (2. Мој. 29:38-42). Огнот на олтарот постојано горел; димот што се издигнувал бил „мирис благопријатен“ што му се допаѓал на Јехова (2. Мој. 29:18). Денес, подбудени сме „да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евр. 13:15). Наместо да ги користиме жртвите што биле пропишани со Законот, ние го обожавме Јехова така што без престан ја разгласуваме неговата слава (Иса. 43:21; Дела 5:42).
2 Исус Христос, најголемиот Сведок кој некогаш чекорел по Земјата, нѐ поучил како мора да го вршиме чистото обожавање преку принесување на пофална жртва. Тој им покажал на своите ученици дека пораката за која проповедаат е итна. Знаел дека најделотворниот начин да се достигнат луѓето со добрата вест е да им се зборува ним лично, кај нив дома (Мат. 10:7, 12). Ние увидуваме дека апостолите ја следеле неговата божествено инспирирана заповед да проповедаат од куќа до куќа (Дела 20:20).
3 Ни денес не е поинаку. Како Исусови ученици, вистинските христијани го следат неговиот пример така што ја проповедаат добрата вест од куќа до куќа. Иако можеби нѐ критикуваат и нѐ прогонуваат поради тоа, милиони ја запознале вистината и секоја година стотици илјади нови ученици стапуваат во редовите на големото мноштво, со што даваат доказ дека ова е начин на кој Јехова ја извршува својата волја. Токму затоа истрајуваме во нашата служба.
4 Корист од проповедањето од куќа до куќа: „Бог не гледа на лице; туку, . . . оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). Директното посетување на секоја куќа на нашето подрачје јасно покажува непристрасност, а секому редовно му дава прилика да ја чуе пораката на Царството. Покрај тоа, приемчивите поединци добиваат лична помош според нивните индивидуални потреби.
5 Скоро сите објавители, вклучувајќи ги и помладите, старите, па дури и новите, можат да учествуваат во делото од куќа до куќа. На овој начин секој може да даде ‚јавна изјава за спасение‘ (Рим. 10:10, НС). Учествувањето со другите во службата од куќа до куќа нѐ зближува во љубов и единство. Во исто време, ни се дава прилика да ја покажеме нашата истрајност кога се соочуваме со незаинтересираност или противење. Ова јавно покажување на вера нѐ прави „театарски спектакл“ кој им помага на искрените да сфатат дека ние имаме организирани подготовки за поучување за Библијата и дека тие можат да извлечат корист од нив (1. Кор. 4:9, НС). Многу работи јасно покажуваат дека Јехова го благословува делото од куќа до куќа и дека го користи да го собере големото мноштво во својот ‚дом‘ на чисто обожавање (Иса. 2:2-4).
6 Сега, како никогаш порано во историјата, луѓето треба да ја чујат пораката на Царството. Да продолжиме да проповедаме од куќа до куќа без престан сѐ додека Јехова не рече дека е доволно (Иса. 6:11). Ако постапуваме така, ќе бидеме наградени со радост која произлегува од учествување во важната и корисна служба од куќа до куќа во ова време на крајот (1. Кор. 15:58).