Пронаоѓање на заинтересираните преку делотворно сведочење на улица
1 Исус им дал упатства на своите ученици како да ги најдат оние кои се достојни да ја чујат добрата вест на Царството (Мат. 10:11). Но денес, во многу подрачја станува сѐ потешко да се стапи во контакт со луѓето во нивните домови. Затоа, што да се стори за да се дојде до достојните кои се можеби пропуштени?
2 Сведочењето на улица може да биде делотворен начин да се пронајдат луѓето што се пропуштени при работата од куќа до куќа. Сведочењето на улица можеме да го вршиме на автобуски станици, близу добро обезбедени станбени згради, во јавни паркови и на други места каде што луѓето се занимаваат со своите секојдневни работи.
3 Кога се споменува сведочење на улица, некои имаат чувство на страв. Тие можеби се колебаат да учествуваат во ваквото сведочење бидејќи се склони кон срамежливост или претпоставуваат дека ќе ги одбијат луѓе кои не ја поднесуваат пораката на Царството. Овие грижи обично се неосновани. Оние кои имаат искуство во оваа активност велат дека не е потешко од сведочењето од врата до врата. Всушност, увиделе дека повеќето луѓе се навикнати други да им приоѓаат на улица од различни причини, а некои може да се поспремни да разговараат или да слушаат на улица отколку кога би им почукале на нивна врата. Затоа, ако ‚се ослободиме‘, може пријатно да се изненадиме (1. Сол. 2:2).
4 Како може сведочењето на улица да се врши најделотворно? Важна е добрата подготовка. Претходно прочитај ги списанијата за да избереш една или две точки за разговор кои би ги интересирале луѓето што ќе ги сретнеш. Прикладна е презентација од 30 секунди. Бидејќи цел ни е лично да стапиме во контакт со другите, избери место на кое редовно минува значителен број луѓе. Иако е можеби препорачливо уште еден објавител да биде во близина, обично е најдобро да се работи одвоено. Објавителите кои стојат еден до друг може да се склони да го минуваат времето во меѓусебен разговор и да не внимаваат на луѓето кои можеби се расположени да ја слушнат пораката на Царството.
5 Стоењето на едно место и обичното покажување на списанијата не е толку делотворно колку преземањето иницијатива да им се пристапи на поединци. Обиди се да воспоставиш контакт со погледот. Биди срдечен, пријателски настроен и директен додека настојуваш да започнеш разговор. Во некои случаи, можеби ќе мораш да одиш малку крај човекот додека му зборуваш. Ако е спремен на разговор, понуди му ги списанијата. Ако ги одбие, може ќе сакаш да му понудиш трактат.
6 Обично е најдобро да подготвиш кратка презентација во која ќе поставиш прашање или ќе кажеш нешто што ќе создаде интерес. Ако реагира поволно, обиди се да го добиеш името, адресата, а можеби и телефонскиот број на лицето, за да можеш да го следиш интересот. Можеш да кажеш: „Ако сакате да дознаете повеќе, ќе ми биде драго да ве посетам дома или да договорам друг Сведок да го стори тоа“.
7 Еден старешина, додека учествувал во сведочење на улица, ѝ пристапил на некоја жена и дознал дека никогаш немала прилика да зборува со Сведоци кај неа дома. Таа зела книга и се согласила една сестра да ја посети во погодно време. Сигурно ќе може да се најдат и ќе им се помогне на многу повеќе достојни ако делотворно сведочиме на улица (Дела 17:17).