Сведочење по телефон — начин да се достигнат мнозина
1 Постои обилен доказ дека ние сега живееме во „последните денови“ (2. Тим. 3:1). Без сомнение, времето што преостанува за проповедање и правење на ученици е смалено. Затоа, секој од нас треба итно да постапува за на другите да им помогне да станат признати обожаватели на Јехова Бог.
2 Апостолот Павле се сметал за одговорен да даде јавна изјава на неговата вера (Рим. 10:10). Тој знаел дека Бог „сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тим. 2:4). На темел на неговото спознание на вистината, Павле се сметал себеси за должник на сите. Тоа го зголемувало неговото чувство за итност во објавувањето на добрата вест. Тој рекол: „Па, во колку од мене зависи, готов сум и вам . . . да ви го проповедам Евангелието. Зашто јас не се срамувам од Евангелието на Христа, бидејќи тоа е сила Божја за спасението на секој што верува“ (Рим. 1:14-17).
3 Дали ние лично ја чувствуваме истата таа обврска и покажуваме слична горливост да го достигнеме секого на нашето подрачје? Иако повеќе сакаме да ја споделуваме добрата вест со другите лице в лице, како што тоа е случај во сведочењето од врата до врата и на улица, зошто нашата активност да ја ограничуваме само на тоа? Можеби многу поединци на нашето собраниско подрачје никогаш не разговарале со Јеховини сведоци. Како е можно тоа?
4 Необработено подрачје: Дали на твоето подрачје има облакодери кои се чувани од вратари? Можеби има бараки за бегалци со строги безбедносни мерки кои се недостапни за посети од врата до врата. Дали на собранието му е забрането да влегува за да ја проповеда добрата вест во места каде што живеат воени лица или во бараки за бегалци во кој се влегува само со посебна дозвола, а кои се наоѓаат на подрачјето? Веројатно некои поединци кои живеат во такви места никогаш не слушнале за благословите на Божјето Царство. Дали има луѓе кои никогаш не може да се најдат дома?
5 Не мора да губиме надеж да ги достигнеме овие луѓе ако тешко можат да се најдат. Како Јехова гледа на ситуацијата? Апостолот Петар пишува: „Господ [Јехова, NW] . . . не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание. . . . и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение“ (2. Пет. 3:9, 15). Се работи за живот или смрт, а Јехова е заинтересиран за секој поединец (Мат. 18:14). Како можеме да покажеме такво сочувство и милост какво што Јехова го покажува спрема овие поединци? Така што ќе се погрижиме за секој еден на нашето подрачје да добие сведоштво (Дела 20:20, 21; Откр. 14:6, 7).
6 Организирани за темелна активност: Во минатото, Друштвото ги поттикнувало оние кои се ограничени на своите домови, или привремено или трајно поради болест или физички недостаток, добро да го искористат телефонот. Оние кои се наоѓаат во таква ситуација треба да продолжат со таа одлична работа. Исто така, добиени се извештаи дека повеќе браќа и сестри, вклучувајќи општи и помошни пионери, користеле сведочење по телефон како додаток на нивната вообичаена служба од врата до врата.
7 Некои собранија вложиле заеднички напори да организираат сведочење по телефон. Кога старешините го презеле водството во организирање на подрачјата и во давање поддршка било лично или преку други објавители, бил известен поголем успех. Надгледникот за служба е одговорен за надгледувањето на оваа активност. Меѓутоа, старешинството може да го избере било кој старешина или одговорен слуга помошник кој тесно ќе работи со надгледникот за служба во организирањето на делото.
8 Објавителите кои ја совладале својата првобитна несклоност и стекнале искуство во сведочењето по телефон, откриле дека тоа е плодно поле. На почетокот, можеби само малкумина објавители и пионери ќе вршат такви повици. Откако ќе се запознаат и ќе се ослободат во ваквиот вид на сведочење, нивната одушевеност и охрабрувачки искуства можат да ги поттикнат и другите да научат како да учествуваат во оваа интересна гранка од делото на проповедање.
9 Каде да се започне: Можеби е можно да се добијат имињата на станарите од списокот со имиња во холот на некоја станбена зграда. Потоа можат да се побараат телефонските броеви во телефонскиот именик. Градскиот именик во месната библиотека можеби има список со имињата на станарите од секој дом и стан во околината. Во некои средини е достапна посебна книга во која се наведени телефонските броеви по улици. Фотокопии на страници од најновите изданија можат да служат како подрачја. Величината на тие подрачја треба да биде релативно мала.
10 Во сите облици на активноста на сведочење, многу е корисно да се водат точни забелешки. Тоа важи и за сведочењето по телефон. Внимателно запиши ја корисната информација на Забелешки од куќа до куќа, како на пример темата за која се разговарало, интересите на станарот и темата која ќе се дискутира при следниот повик. Назначи дали треба да се изврши друг телефонски повик подоцна или е договорена лична посета.
11 Потребен е личен план: Редовниот план ќе помогне да ја изградиш твојата сигурност и да се ослободиш од стравот. Најдобро е да се јавиш кога ќе биде најверојатно дека луѓето ќе бидат дома, како навечер или за викендите. Испланирај редовен термин секоја седмица да ги извршуваш тие повици. Некои откриле дека часот пред Собраниската студија на книга е продуктивно време. Откриј што е најуспешно во твојот крај.
12 Како да се подготвиш: Разговарај со другите на кои им се допаѓа оваа предносна служба и собери идеи. Секогаш биди позитивен. На Јехова гледај како на твојот извор и сила, и барај негово водство преку молитва (Пс. 26:14; Фил. 4:13). Планирај целото свое срце да го ставиш во оваа активност, исто како во другите облици на сведочење. (Спореди Марко 12:33.)
13 Искуството покажало дека може да биде корисно да се седи на работна маса. Седењето на стол со наслон го поттикнува бистрото размислување и концентрацијата. Распореди го пред себе сиот материјал за сведочење што би можел да го употребиш — трактати, литературата што моментално се нуди, најновите списанија или некои интересни постари изданија, Библијата, книгата Расудување, покана за состаноците со наведено точно време и адреса на Царската сала, пенкало или молив и Забелешки од куќа до куќа. Литературата нека ти биде подготвена, можеби дури отворена на одредена статија. Темелно вежбај ја твојата понуда. Имај на ум дека целта на твојот повик е да дадеш сведоштво и да се договориш за посета со поединецот колку што е можно поскоро.
14 Вршење на самиот повик: Опушти се. Биди природен. Потребен е срдечен и пријатен глас за сведочењето по телефон да биде делотворно. Насмевката на лицето ќе се одрази преку тонот на гласот. Зборувај пополека и јасно, користејќи доволна јачина на гласот. Биди учтив, стрплив и пријателски расположен. Немој да се плашиш од одбивање. Прифати го фактот дека луѓето можеби нема да се интересираат за твојата порака. Гледај на тоа како што би гледал на редовната служба од врата до врата.
15 Во уводот наведи го твоето целосно име. Подобро е да не кажуваш дека им телефонираш на сите луѓе во една одредена зграда или комплекс на згради, зашто тоа би можело да предизвика предрасуди.
16 Многу уводи од книгата Расудување можат да се прочитаат од збор до збор на еден разговорен начин. На пример, би можел да се претставиш на следниов начин: „Здраво, јас се викам ________. Ви се јавувам затоа што не сум во состојба да дојдам и лично да ве видам“. Потоа, без пауза, речи: „Ме интересира вашиот поглед за тоа дали квалитетот на животот некогаш ќе се подобри. Повеќето од нас се радуваме што сме живи, но многумина се прашуваат: ‚Дали е возможен вистински среќен живот? Што мислите вие за тоа?‘ [Дозволи време за одговор.] Што мислите, која е една од најголемите препреки за среќа денес?“ Или, откако ќе се претставиш како што е наведено горе, би можел да кажеш: „Јас сум вклучен во едно меѓународно доброволно дело, и ме интересира вашето размислување за смислата на животот. Додека старееме, сфаќаме дека животот е многу краток. Дали е тоа сѐ што животот треба да значи? Што вие мислите за тоа?“ (Види во книгата Расудување, стр. 11, поднаслов „Живот/Среќа“.) Повторувањето на предлозите во Наша служба за Царството од јули 1990, страница 4, во врска со користење на уводи и избегнување на приговори на кои се наидува во сведочењето по телефон ќе дадат понатамошни корисни информации.
17 Користи ја Библијата на почетокот на разговорот. На одредено место во разговорот, кога изгледа дека е соодветно, спомни дека си Јеховин сведок. Дозволи му на станарот да учествува во разговорот. Немој да се колебаш да сослушаш ако лицето сака да каже што мисли. Заблагодари се за неговите изрази и запазувања. Биди подготвен да го пофалиш. Меѓутоа, ако поединецот почне да доминира во разговорот или да се расправа, прекини го повикот на тактичен начин. Нека Божјиот дух ги води твоите напори и нека ти помогне да ги бараш оние чии срца се исправно настроени спрема него.
18 Подобро е ти да го завршиш разговорот отколку да допуштиш станарот да го направи тоа. Можеш да го завршиш едноставно така што ќе го поканиш лицето на јавно предавање во Царската сала, ќе му ја дадеш адресата и термините на состаноците. Можеш да прашаш дали може да биде посетено дома за да се разговара понатаму на темата за која се дискутирало. Можеби дури би било можно делотворно да се понуди литература по телефон. Можат да се понудат списанија со цел да се започне обиколка со списанија.
19 Учествувај во радоста на сведочење по телефон: Дали сите телефонски повици ќе станат библиски студии? Не, но некои ќе станат. На пример, една сестра за еден месец направила преку 300 повици. Откако се претставила, објаснила зошто се јавува по телефон наместо да го посети секој станар. Потоа изнела краток увод. Тоа довело до 12 добри повици. Сѐ уште контактира со тројца заинтерсирани луѓе преку телефон, а други четворица се согласиле да ги посетува во нивните домови. Еден поединец ја зел книгата Живеј засекогаш и сега редовно го посетуваат.
20 Исус Христос им заповедал на своите ученици да се напрегаат проповедничкото дело да го прошират до „крајот на земјата“ (Дела 1:8). Во некои краеви, извршувањето на оваа заповед значи да се сведочи по телефон. Откако ќе го повториш горенаведениот материјал, запрашај се: ‚Дали можам да сторам повеќе на моето собраниско подрачје за да им ја проповедам добрата вест на „сите луѓе“, вклучувајќи ги оние кои живеат во области што никогаш порано не биле допрени?‘ Браќата кои ги следеле овие предлози биле мошне охрабрени од резултатите. Откриле дека сведочењето по телефон може да биде извонреден начин за да ‚се прославува својата служба‘ (Рим. 11:13). Искуси ја и ти истата радост преку сведочење по телефон.