Сведочењето преку телефон може да биде ефикасно
1. Зошто може да се каже дека сведочењето преку телефон е важен дел од нашата служба?
1 Зошто е корисно сведочењето преку телефон? Бидејќи тоа е уште еден начин на кој можеме да им помогнеме на другите да ја дознаат вистината која води до спасение (2. Пет. 3:9). Иако проповедањето од куќа до куќа е нашата главна метода за објавување на добрата вест за Божјето Царство, ние спремно користиме и други методи за да им сведочиме на оние што не ги наоѓаме дома (Мат. 24:14; Лука 10:1-7; Отк. 14:6).
2. Како е организирано сведочењето преку телефон?
2 Како е организирано: Како што е случај со службата од куќа до куќа, објавителите можат да добијат подрачја и за сведочење преку телефон. Може да сведочиме сами или во мала група од двајца или тројца објавители. Просторијата што ќе ја користиме треба да има услови за тоа. Многумина увиделе дека е добро пред себе да имаат маса на која ќе ги стават публикациите што обично ги користат кога проповедаат од куќа до куќа.
3. Што треба да имаме на ум кога сведочиме преку телефон?
3 Како да сведочиме преку телефон: Кога сведочиме преку телефон, треба да зборуваме природно, како што зборуваме секојдневно. Некои што немаат искуство со вакво сведочење можат да му прочитаат некоја презентација на станарот, но треба да звучат природно. За таа цел можат да послужат уводите што се наоѓаат во брошурката Како да се започнат и продолжат библиски дискусии, во Нашата служба за Царството и во трактатот Сакаш ли да ја дознаеш вистината? Кога сакаш да изнесеш своја презентација, одреди тема, подготви прашање и биди спремен да прочиташ неколку библиски стихови кои го даваат одговорот. Обично би можел да ги нудиш истите публикации што се нудат од куќа до куќа. Имај ги на ум следниве потсетувања: опушти се и зборувај полека. Биди учтив, стрплив и љубезен, бидејќи тоа може да се забележи и преку телефон. Слушај додека станарот зборува, а потоа изрази ценење за она што ќе го каже. Немој да спомнуваш дека може да даде доброволен прилог, бидејќи би можел да си помисли дека се јавуваш за да бараш пари.
4. Како сведочењето преку телефон ќе ни помогне да си го обработиме подрачјето?
4 Човекот со кого зборуваш преку телефон можеби е хендикепиран или болен или, пак, има такво работното време што не можеме да го најдеме дома кога сведочиме од куќа до куќа. Некои луѓе живеат во станбени комплекси со безбедносни капии или во згради во кои не може да се влезе без одобрување. Затоа, за да ја извршиме нашата служба уште подобро и потемелно, добро е да сведочиме и преку телефон.