Да ги бараме достојните
1 Упатствата на Исус за извршување на проповедничкото дело се предизвик за нас. Тој рекол: „Во кој град или село ќе влезете, побарајте кој во него е достоен“ (Мат. 10:11). Денес, кога луѓето поминуваат сѐ помалку време дома, како можеме успешно да го извршиме ова барање?
2 Анализирај го своето подрачје: Почни со тоа што ќе го анализираш своето подрачје. Кога е најверојатно луѓето да бидат дома? Каде можеш да ги најдеш во текот на денот? Дали има одреден ден од седмицата или одредено време од денот кога можеби ќе бидат поприемчиви? Тоа што ќе ја приспособиш својата служба на рутината и околностите на луѓето на твоето локално подрачје може да ти помогне да постигнеш најдобри резултати (1. Кор. 9:23, 26).
3 Многу објавители имале успех во текот на раните вечерни часови. Некои станари се поопуштени и поспремни да слушаат во тоа време. Во текот на зимските месеци, кога денот е пократок, делотворно може да се покаже сведочењето по телефон во вечерните часови (таму каде што е дозволено). Исто така, други начини за да се достигнат луѓето со добрата вест се и сведочењето на деловно подрачје и сведочењето на јавни места.
4 Во текот на еден месец на посебна активност, едно собрание организирало сведочење доцна попладне во сабота и во недела и сведочење навечер во среда и во петок. Исто така, организирале сведочење по телефон и на деловно подрачје. Овие подготовки создале толку голема одушевеност за службата што собранието решило да продолжи со тие подготовки.
5 Биди марлив во повторните посети: Ако на твоето подрачје е тешко да се најдат луѓето дома кога ќе навратиш повторно, на крајот од секоја посета, вклучувајќи ја и првата, обиди се да се договориш за конкретен термин кога ќе ги посетиш пак. Потоа, цврсто држи се на договорот (Мат. 5:37). Ако е пригодно, можеш да му го побараш телефонскиот број на станарот. Ова исто така може да ти помогне повторно да стапиш во контакт со лицето.
6 Нашите марливи напори да ги бараме достојните и да го негуваме интересот на кој ќе наидеме навистина ќе бидат благословени од Јехова (Посл. 21:5).