Добро запознај ги своите браќа
1 Нашиот однос со соверниците не се состои само од заедничко посетување на состаноците во Салата на Царството. Ние сме извршители на Божјата волја, и тоа нѐ доведува во духовен однос со Исус (Марко 3:34, 35). Тоа, исто така, нѐ доведува и во духовен семеен однос со другите во христијанското собрание, нашите духовни браќа и сестри, за кои ни е заповедано да ги сакаме (Јован 13:35). Така, оние кои се поврзани со ‚членовите на Божјето домаќинство‘ (НС), треба да се стремат меѓусебно добро да се запознаат (Ефеш. 2:19).
2 Запознај ги браќата по име: Дали ги знаеш имињата на сите браќа и сестри од твојата група за Собраниска студија на книга? Групата обично е мала, што прилично ни олеснува да ги научиме имињата на повеќето, ако не и на сите, кои ја посетуваат. Ако не ги знаеш барем нивните имиња, можеш ли да кажеш дека добро ги познаваш?
3 А како е со запознавањето со другите, вклучувајќи ги децата, кои ги посетуваат состаноците во Салата на Царството? Можеби сме склони да се дружиме само со мала група пријатели. Иако не е погрешно да уживаме во редовно дружење со извесни поединци, не сакаме да се поздравуваме и изградувачки да разговараме само со неколкумина. Треба да ‚бидеме широки‘, вложувајќи напори за добро да ги запознаеме сите наши браќа и сестри (2. Кор. 6:11-13). Тоа очигледно ќе значи и да ги научиме нивните имиња.
4 Браќата кои ги водат собраниските состаноци треба да се обидат да ги запознаат по име сите кои се присутни. Прозивањето од подиум на секој поединец по име секому му дава чувство дека неговите коментари се ценат, а во исто време тоа им помага и на другите да ги научат имињата на сите. Се разбира, меѓу присутните секогаш ќе има некои понови лица или посетители, што му отежнува секому да го научи секое име. Но и покрај тоа, постојаните искрени напори се охрабрувачки за другите и одразуваат искрен личен интерес (Рим. 1:11, 12).
5 Преземи ја иницијативата за добро да се запознаеш: Патувачките надгледници обично се во состојба добро да се запознаат со голем број браќа и сестри. Како го постигнуваат тоа? На три главни начини: 1) Редовно работат со нив во службата на подрачјето; 2) колку што им дозволуваат околностите, прифаќаат покани да ги посетат кај нив дома; и 3) на состаноците преземаат иницијатива да ги поздрават и возрасните и децата.
6 Можеш ли да се сетиш на кои начини да го зголемиш своето друштво и подобро да се запознаеш со своите браќа? Бездруго можеме да ги поканиме другите да нѐ придружуваат во службата на подрачјето. Одењето од куќа до куќа, правењето повторни посети, одењето на библиски студии или сведочењето на улица со списанија се одлични начини добро да се запознаеме. Добро е, исто така, повремено да ги поканиш другите кај тебе дома, можеби на оброк или на мало освежување. Преземањето иницијатива да им се пристапи на новите или на оние што се срамежливи не само што многу ќе придонесе за нивно духовно изградување туку и ќе донесе богати благослови (Дела 20:35; 1. Сол. 5:11).
7 Павле добро ги познавал своите браќа. Тоа што во своите писма се осврнувал на многумина од нив лично по име е доказ за неговиот несебичен интерес и за искрената љубов што ја имал кон нив (1. Сол. 2:17; 2. Тим. 4:19, 20). Нашите напори добро да ги запознаеме браќата ќе значат благослови за сите нас.