Благодарни за она што го имаме
1 „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас“ (Рим. 5:8). Колку само благодарни треба да бидеме сите ние за ненадминливата жртва што ја направиле и Јехова и неговиот Син во наша корист! Со помош на Христовата пролиена крв, дадена ни е можност за вечен живот, нешто што не може да ни го даде ниту едно човечко суштество.
2 Како можеме да го покажеме своето ценење? Има многу луѓе што се жедни за вистинско спознание, кое може да се најде само во Божјата Света Реч. Јеховина волја е тие да дојдат до спознание за вистината (1. Тим. 2:4). Ние го покажуваме своето ценење за вистината со тоа што ја ‚соопштуваме радосната вест за Царството Божјо‘ (Лука 4:43). Сесрдното учество во тоа дело покажува дека го цениме тоа што Христос умрел за нас и дека сакаме да го имитираме со тоа што верно ќе ја слушаме неговата заповед да правиме ученици од другите (Мат. 28:19, 20).
3 Кои можности за проповедање ни се отворени? Дали ни е возможно одвреме-навреме да се пријавиме за помошни пионери? Откако ќе пресметаат колку ќе ги чини, некои веројатно ќе можат да ја прифатат општата пионерска служба. Ако ги искористиме овие одлични можности, ќе поминуваме повеќе време во ширење на добрата вест за Царството. Порано можеби си размислувал да се пријавиш, но постоеле пречки. Можеби околностите ти се промениле. Ако се промениле, дали си размислил сериозно да стапиш во пионерската служба или да служиш како помошен пионер?
4 Нашата благодарност станува поголема кога гледаме што се случува околу нас. По целиот свет, насилството, омразите и борбите се во пораст. Овие времиња Павле добро ги опишал како „критични“ и како времиња со кои ‚тешко се излегува на крај‘ (2. Тим. 3:1, НС). Сред овие мачни услови, ние имаме во изобилство една добра вест која можеме да ја поделиме со другите. Имаме две извонредни списанија, Стражарска кула и Разбудете се! Овој месец ќе можеме да ги нудиме поединечно и како претплата. Исто така, имаме брошури на голем број теми. Овие публикации можат да им донесат вистинско освежување на оние што ги читаат. Благодарноста за она што го имаме треба да нѐ наведе великодушно да ги делиме со другите (Евр. 13:16).
5 Можеби во местото во кое живееш, луѓето покажуваат мал интерес за духовни работи. За разлика од нив, има и плодни подрачја. Голем интерес се наоѓа меѓу групите што зборуваат на странски јазици. Ако знаеш да зборуваш повеќе од еден јазик, можно е да служиш во подрачје во оваа земја каде што има вистинска потреба од твојата помош? Твојот покраински надгледник можеби ќе има некои предлози по ова прашање.
6 Постојат многу причини да бидеме благодарни за она што го имаме, а што претставува вистинско изобилство од добри работи. Својата благодарност кон Јехова можеме најдобро да ја изразиме со тоа што ќе им го објавуваме неговото име и намери на другите (Иса. 12:4, 5).