Задржи урамнотежен став кон компјутерската технологија
1 Апостол Павле ги подбудил христијаните во првиот век да не дозволат вниманието да им биде одвлечено, „оти времето натаму е кратко“ (1. Кор. 7:29). Затоа што се приближува крајот на овој систем на ствари, колку е само итно ‚да го бараме најнапред царството на Бога и Неговата правда‘ и ‚да го откупуваме поволното време‘! Времето е драгоцено (Мат. 6:33; Ефеш. 5:15, 16, НС).
2 Се смета дека технологијата заштедува многу време. На пример, со едно притискање на компјутерско копче, корисникот може веднаш да добие огромен број информации. Компјутерите можат честопати за секунда да направат нешто за кое можеби би требало часови или седмици со некое друго средство. Кога исправно се употребуваат, тие можат да бидат корисни алатки.
3 Дали навистина штеди време? Од друга страна, пак, таквата технологија не го остава корисникот без значителни трошоци — како во пари така и во време. Може да бидат потребни часови за да се програмира компјутерот да извршува некои операции. Освен тоа, ако некој се заинтересира за самата технологија може да потроши време кое би можел да го употреби поинаку. Мора да задржиме урамнотежено гледиште, имајќи на ум начелото што го содржи советот на апостол Павле, имено да одиме „како мудри, откупувајќи си го поволното време“. (Види 1. Коринтјаните 7:31.)
4 Извесен број поединци со добра намера направиле компјутерски програми за да ги водат собраниските извештаи. Се разбира, секој лично одлучува како ќе го користи својот компјутер. Меѓутоа, собраниските извештаи за кои се обезбедени формулари, не треба да се чуваат во компјутер, бидејќи децата или некои други неовластени лица би можеле да дојдат до нив. Сите собраниски извештаи — благајнички извештаи, извештај на собраниски објавител итн. — треба да се водат на формуларите што ги дава Заедницата, но и информациите од овие собраниски формулари не треба да се складираат во компјутер. На тој начин, доверливите извештаи на собранието ќе бидат заштитени.
5 Одговорните надгледници треба да бидат разборити кога прават доделба за Теократската школа за проповедање и за програмата за Состанокот за служба. Треба да го имаат на ум материјалот што треба да се обработи во една одредена точка од програмата. На пример, можеби во школата не е соодветно некој материјал да го одржи кој и да е ученик. Треба да се разгледа целта на изнесувањето, како и способностите на поединецот и видот на материјалот. Одлуката за тоа не треба да му се препушти на компјутерот.
6 Еден брат, кому му е доделен дел што треба да го изнесе на собраниски состанок, не треба да се потпира на материјал подготвен од страна на некој друг, особено некој непознат, само затоа што е тоа ставено на располагање во компјутерска мрежа и ако го употреби, ќе заштеди труд. Христијаните кои се одговорни нема да си даваат слобода да подготвуваат библиски говори или делови за состанок и да ги ставаат на располагање во компјутерски мрежи за да ги користат некои други. Меѓутоа, компјутерот и библиотеката на Стражарска кула на CD-ROM можат да бидат корисни алатки во рацете на некој брат и да придонесат за делотворно истражување во ограниченото време што му стои на располагање.
7 Што се однесува до умножувањето и растурањето на компјутерски програми, листи и друг сличен материјал меѓу браќата, како и подготвувањето и доставувањето на делови од Состанокот за служба и Теократската школа за проповедање со електронски или други средства, честопати е подобро за браќата сами да го подготват својот материјал, имајќи ја на ум користа што ќе се постигне локално (1. Тим. 4:13, 15). Во никој случај не смеат да се користат некакви врски во собранието за да се покријат трошоците за компјутеризирањето на материјалот. Теократските врски не треба да се користат за финансиска добивка.
8 А што е со растурањето на компјутерски отпечатени стихови за да се користат на Студија на Стражарска кула или на Собраниска студија на книга? Можеби е попрепорачливо објавителите сами да потцртуваат и да прават белешки директно во Библијата и во публикациите што се проучуваат. Ако се користат на состаноците компјутерски отпечатени библиски стихови што се цитирани во публикациите, тоа би можело да ја спречи употребата на самата Библија за да се бараат стиховите. Но, барањето на библиските стихови за време на библиската студија или на собраниските состаноци е дел од оспособувањето што го добиваме, кое, пак, нѐ опремува за делотворно користење на Библијата во службата на подрачјето. Во повеќето случаи, а особено кај подолгите цитати, директно читање од Библијата е поделотворно, особено кога присутните се охрабрени да следат во Библијата.
9 Други сериозни стапици: Како што беше изнесено во Стражарска кула од 1 август 1993 на 17. страница, поврзувањето на компјутерот со електронска огласна табла може да отвори пат за сериозни духовни штети. Исто како што една бескрупулозна особа може да стави на огласната табла вирус — програма наменета да ги расипе и уништи компјутерските документи — така отпадниците, свештениците и лица кои сакаат да го расипат моралот на другите или нешто слично, можат слободно да ги стават своите отровни идеи на огласните табли. Доколку една огласна табла, дури и ако е означена со „Само за ЈС“, не е соодветно надгледувана и доколку нејзината употреба не е ограничена само на оние кои се зрели, верни слуги на Јехова, може да ги изложи христијанските корисници на „лошо друштво“ (1. Кор. 15:33, НС). Заедницата има примено извештаи дека таквите таканаречени приватни мрежи се употребувани не само за да се шпекулира со духовни работи туку и за да се даваат лоши совети, да се шират оговарања и лажни информации, да се сеат негативни идеи, да се поставуваат прашања и сомневање кои ја поткопуваат верата на некои и за да се шират приватни толкувања на Писмото. Некои информации може да се навидум интересни и информативни, а сепак да се проткаени со отровни елементи. Христијаните чекаат навремена духовна храна и објаснувањаод „верниот и разумен роб“. (Види Стражарска кула од 1 јули 1994, стр. 9-11.) Еден христијанин има сериозна одговорност да ја штити својата вера од сите расипувачки влијанија, па според тоа треба секогаш да знае со кого се дружи (Мат. 24:45-47, НС; 2. Јов. 10, 11).
10 Истата статија од Стражарска кула ја нагласи важноста на почитување на авторските права. Повеќето компании кои подготвуваат и продаваат компјутерски програми ги задржуваат авторските права за нив и даваат лиценца која во кратки црти изложува како можат програмите законски да се користат. Лиценцата обично вели дека сопственикот не смее да им дава на други копии од програмата; всушност, меѓународниот закон за авторски права таквата постапка ја смета за незаконска. Голем број алчни луѓе без никаква совест го кршат законот. Меѓутоа, христијаните треба да бидат совесни во правните работи, давајќи му го на Цезарот она што му припаѓа нему (Мат. 22:21; Рим. 13:1).
11 Некои големи фирми продаваат компјутери кои имаат вградени и лиценцирани програми. Меѓутоа, извесни продавници за компјутери не набавуваат лиценци бидејќи програмите кои тие ги вградуваат се илегални копии, што значи дека купувачот го прекршува законот ако ги користи програмите. Во врска со ова, христијаните треба да избегнуваат да ставаат или да земаат од електронските огласни табли материјали со авторски права (како што се публикациите на Заедницата) и тоа да се копира без правна дозвола од сопствениците (Евр. 13:18).
12 Вредноста на секоја употреба на технологија мора да се одмери во однос на потенцијалните опасности што доаѓаат со нејзината употреба. Тоа е случај со телевизијата. Таа може да се користи за добро, но нездравиот учинок што денес таа го има врз човештвото навел дури и световни извори да изразат сериозна загриженост. Компјутерските мрежи што се раширени во целиот свет можат да донесат неограничен број корисни информации во домот или на работното место. Тие им нудат голем број потребни услуги на фирмите и на организациите, како и на поединците кои сакаат да задржат чекор со личните или со деловните интереси на ова динамично општество во кое живееме. Истовремено, компјутерските мрежи се преплавени со проблеми како што е порнографијата, разделувачка пропаганда полна со омраза и детални информации за тоа како да се изведат подли и зли дела.
13 Според тоа, постојат голем број важни причини поради кои еден христијанин треба да задржи урамнотежен став кон компјутерската технологија. Многу поединци уживаат во New World Translation, во Insight и во GetVerse програмата, која Заедницата им ја има ставено на располагање на компјутерски дискети. Други имаат корист од библиотеката на Стражарска кула на CD-ROM што го има издадено Заедницата, а вклучува додатни можности за истражување. Иако ја сфаќа вредноста на извесна технологија, човек кој користи таква модерна технологија за корисни цели треба да биде и претпазлив за да се заштити себеси и другите од секакво негативно влијание. Треба да покажуваме урамнотеженост во поглед на безопасната употреба на технологијата за да не ни потроши преголем дел од нашето испланирано време или да ни го одвлече вниманието од нашето првенствено дело и од целите (Мат. 6:22; 28:19, 20).