Што предизвикува вознемиреност од информации?
„ВОЗНЕМИРЕНОСТА ОД ИНФОРМАЦИИ е предизвикана од сѐ поширокиот јаз помеѓу она што го разбираме и она што мислиме дека треба да го разбереме. Тој е црна дупка помеѓу податоците и спознанието и настанува кога информациите не ни го кажуваат она што сакаме или што треба да го знаеме“. Така напишал Ричард С. Вурман во својата книга Information Anxiety. „Долго време луѓето не сфаќаа колку не знаат — не знаеја што не знаат. Но сега луѓето знаат што не знаат и тоа ги вознемирува.“ Резултатот е тоа што повеќето од нас можеби сметаат дека би требало да знаеме повеќе отколку што знаеме. Со поплавата информации кои ни стојат на патот, ние собираме само мали парченца податоци. Но честопати не знаеме што да правиме со нив. Во исто време, можеби сметаме дека секој друг знае и разбира многу повеќе од нас. Токму тогаш стануваме вознемирени!
Дејвид Шенк аргументира дека вишокот информации станале загадувач кој создава „смог од податоци“. Тој додава: „Смогот од податоци застанува на патот; ги истиснува спокојните моменти и го попречува размислувањето кое е толку многу потребно . . . Тоа ни создава голем стрес“.
Точно е тоа дека премногу информации или преоптовареност со материјал може да предизвика вознемиреност, но истото е случај и ако имаме недоволно информации или, пак, што е уште полошо, ако имаме неточни информации. Тоа е сосема исто како кога би се чувствувале осамени во една преполна соба. Како што се изразува Џон Нејсбит во својата книга Megatrends, „ние се давиме во информации, но гладуваме за спознание“.
Како може да влијае врз Вас компјутерскиот криминал
Една друга причина за вознемиреност е поривот на компјутерскиот криминал. Д-р Фредерик Б. Коен, во својата книга Protection and Security on the Information Superhighway, ја изразува својата загриженост: „ФБИ [Федералното истражно биро] проценува дека секоја година 5 милијарди долари се изгубени на компјутерскиот криминал. Неверојатно, тоа е само делче од проблемот. Слабостите во информациските системи беа искористени и за да се добие контрола во преговорите, да се уништат репутации, да се добијат воени конфликти, па дури и да се изврши убиство“. Кон ова е додадена сѐ поголемата загриженост поради проблемот на пристап на децата до компјутерската порнографија — да не го спомнуваме навлегувањето во приватноста.
Бескрупулозни оддаденици на компјутерот намерно вметнуваат вируси во компјутерските системи и предизвикуваат хаос. Криминалните хакери илегално добиваат пристап во електронските системи и добиваат доверливи информации, понекогаш дури и крадејќи пари. Таквите активности можат да имаат разорни ефекти врз илјадници корисници на персоналните компјутери. Компјутерскиот криминал претставува закана за бизнисот и владата.
Потребата да се биде добро информиран
Се разбира, сите ние имаме потреба да бидеме добро информирани, но тоа што имаме големи количества информации не мора да нѐ школува во вистинска смисла, бидејќи многу од она што се појавува како информација не е ништо повеќе од гол факт или суров податок, што нема врска со нашето искуство. Некои дури сугерираат дека, наместо „експлозија на информации“, овој феномен би можел најдобро да се нарече „експлозија на податоци“ или, пак, уште поцинично, „експлозија на неинформации“. Еве како гледа на тоа економската аналитичарка Хејзел Хендерсон: „Самата информација не просветлува. Во оваа околина со која доминира медиумот, не можеме да разбистриме што е погрешна информација, дезинформација или пропаганда. Сосредоточувањето само на информацијата довело до преоптоварување на сѐ понесмисловни милијарди делчиња неповрзани сурови податоци, наместо до потрага по смисловни нови обрасци на спознание“.
Џозеф Ј. Еспосито, претседател на издавачката група на Енциклопедија британика, ја дава оваа искрена проценка: „Повеќето информации од ерата на информации се едноставно некорисни; тие се само врева. Експлозијата на информации е соодветно наречена така; всушност, експлозијата ја блокира нашата способност да слушнеме голем дел од што и да е. Ако не можеме да слушнеме, не можеме ниту да знаеме“. Орин Е. Клап ја дава својата анализа: „Претпоставувам дека никој не знае колкав дел од она што доаѓа од јавната комуникација се псевдо-информации, кои изгледаат како да кажуваат нешто но, всушност, не кажуваат ништо“.
Несомнено, ќе се сетите дека голем дел од Вашето образование на училиште било сосредоточено на учење факти за да можете да поминете на испрашувањето. Многупати сте натрупувале факти во својот мозок непосредно пред да Ве испрашаат. Се сеќавате ли како учевте напамет долга низа датуми на лекциите по историја? На колку од тие настани и датуми можете да се сетите сега? Дали тие факти Ве научиле да расудувате и да доаѓате до логични заклучоци?
Дали повеќе е еднакво на подобро?
Ако не се контролира внимателно, оддаденоста на стекнување дополнителни информации може да чини многу во поглед на време, сон, здравје, па дури и пари. Затоа што, иако повеќе информации нудат поголем избор, тие можат да го вознемират истражувачот кој се прашува дали ги проверил или дали дошол до сите информации што стојат на располагање. Д-р Хју Мек-Кеи го дава ова предупредување: „Всушност, информациите не се пат до просветлување. Информациите, сами по себе, не фрлаат светлина врз значењето на нашите животи. Информациите немаат некоја голема врска со стекнувањето мудрост. Впрочем, како и другите поседи, тие со сигурност можат да ѝ застанат на патот на мудроста. Можеме да знаеме премногу, исто како што можеме да имаме премногу“.
Честопати луѓето се преоптоварени не само од големиот обем информации кои денес стојат на располагање туку и од фрустрацијата од обидот да ги претворат информациите во нешто што е разбирливо, смисловно и вистински информативно. Се сугерираше дека би можеле да бидеме „како некој жеден човек кој бил осуден да го употреби палецот за да пие од противпожарен хидрант. Чистиот обем на информации кои стојат на располагање и начинот на кој честопати се доставуваат, прави голем дел од нив да бидат бескорисни за нас“. Затоа, она што е доволно мора да се процени не во поглед на обемот, туку во поглед на квалитетот и корисноста на информациите за нас лично.
Што е со трансферот на податоци?
Еден друг вообичаен израз што се слуша денес е „трансфер на податоци“. Ова се однесува на електронското пренесување на информациите. Иако ова има свое ценето место, тоа не е добра комуникација во потполна смисла. Зошто не? Затоа што најдобро возвраќаме на луѓе, а не на машини. Со трансферот на податоци не се гледаат изразите на лицето и нема визуелен контакт ниту гестови, кои толку често го обликуваат разговорот и пренесуваат чувства. Во разговорите лице в лице, овие фактори ги надополнуваат и честопати ги разјаснуваат зборовите што се употребуваат. Ниту еден од овие скапоцени видови помош за разбирањето не е достапен преку електронски трансфер, па дури ниту на сѐ попопуларниот целуларен телефон. Понекогаш дури ни разговорот лице в лице не пренесува точно што има на ум говорникот. Слушателот може да ги прими и да ги обработи зборовите на свој начин и да им придаде погрешно значење. Колку само поголема опасност постои да се случи ова кога говорникот не може да се види!
Жалосен животен факт е тоа што преголемиот износ време што некои го минуваат пред компјутерските екрани и телевизорските приемници понекогаш ги отуѓува членовите на семејството еден од друг во сопствениот дом.
Сте слушнале ли за технофобија?
„Технофобија“ едноставно значи „страв од технологија“, вклучувајќи ја употребата на компјутери и слични електронски направи. Некои веруваат дека ова е една од највообичаените вознемирености што ги произвела ерата на информации. Една статија во The Canberra Times, темелена на едно издание од Associated Press, гласела: „Јапонските раководители се плашат од компјутери“. За главниот директор на една голема јапонска компанија било речено: „[Тој] влева моќ и престиж. Но, ако го седнете пред компјутер, тој се растревожува“. Според една анкета спроведена на 880 јапонски компании, само 20 проценти од нивните раководители знаат да користат компјутери.
Технофобијата е потпалена од такви поголеми несреќи како што беше телефонскиот прекин во Њујорк Сити во 1991, кој ги онеспособи локалните аеродроми неколку часа. А што е со несреќата во нуклеарната електрична централа Three Mile Island во Соединетите Држави во 1979 година? На вработените во централата им требаа неколку судбоносни часови пред да можат да го разберат значењето на алармните сигнали контролирани од компјутер.
Ова се само неколку примери за тоа како технологијата на ерата на информации драматично влијаела врз човештвото. Во својата книга д-р Фредерик Б. Коен ги поставува овие прашања кои поттикнуваат на размислување: „Дали неодамна сте биле во банка? Ако не работеа компјутерите, можевте ли да земете пари? Што е со супермаркетот? Дали можеа да Ви ја пресметаат сумата без нивните сметачки компјутери?“
Можеби ќе се најдете себеси во една или повеќе од овие замислени ситуации:
• Вашиот нов видеорикордер (VCR) изгледа како да има премногу копчиња кога сакате да изберете некоја емисија што би сакале да ја снимите. Или срамежливо го викате Вашиот деветгодишен внук да Ви го намести VCR или, пак, одлучувате дека, на крајот на краиштата, и не мора да ја гледате таа емисија.
• Итно Ви требаат пари. Возите до најблиската автоматска благајна, но тогаш одеднаш се сеќавате дека, кога ја користевте минатиот пат, се збунивте и притиснавте погрешни копчиња.
• Ѕвони телефонот во канцеларијата. По грешка повикот Ви бил префрлен Вам. Повикот бил за Вашиот шеф горе на следниот спрат. Постои сосема едноставен начин да го префрлите повикот, но, несигурни, одлучувате наместо Вас повикот да го префрли телефонистот на разводната табла.
• Контролната табла на Вашиот неодамна купен автомобил изгледа како да припаѓа на пилотската кабина на некој современ патнички авион. Одеднаш светнува црвено светло, а Вие се вознемирувате затоа што не знаете што означува светлото. Тогаш морате да проверите во книга со детални инструкции.
Ова се само неколку примери на технофобија. Можеме да бидеме сигурни дека технологијата и понатаму ќе развива пософистицирана опрема, која луѓето од претходните генерации, без сомнение, би ја нарекле „чудесна“. Секој нов модернизиран производ кој влегува на пазарот бара поголемо искуство за да се користи ефикасно. Самите прирачници со упатства, што ги напишале експерти со нивниот жаргонa‚ стануваат застрашувачки кога ќе се претпостави дека корисникот го разбира речникот и поседува извесно спознание и вештини.
Теоретичарот за информации Пол Кауфман ја сумира ситуацијата на овој начин: „Нашето општество има слика на информации која, иако примамлива, на крајот има спротивни резултати . . . Една причина е тоа што премногу внимание беше сосредоточено на компјутерите и на хардверот, а премалку на луѓето кои, всушност, ги користат информациите за да го осмислат светот и кои прават корисни работи еден за друг . . . Проблемот не е во тоа што ние имаме превисоко мислење за компјутерите, туку дека почнавме да имаме прилично ниско мислење за луѓето“. Изгледа дека обземеноста со славата од произведувањето зашеметувачка нова технологија, честопати, ги оставила луѓето загрижени за она што следи. Едвард Менделсон вели: „Технолошките визионери никогаш не можат да ја увидат разликата помеѓу возможното и пожелното. Ако може да се направи една машина која ќе извршува некои заслепувачки комплицирани задачи, тогаш визионерот претполага дека задачата вреди да се изврши“.
Токму ваквото игнорирање на човечкиот елемент во технологијата многу придонело за вознемиреноста од информации.
Дали продуктивноста навистина е подобрена?
Колумнистот Пол Атвел, пишувајќи во The Australian, коментира за неговото истражување за тоа колку време и пари се заштедени со компјутерите во минатите години. Еве неколку негови доброизнесени мисли: „И покрај годините инвестирање во компјутерските системи наменети да се занимаваат со административни задачи и да ги контролираат трошоците, многу универзитети и колеџи увидуваат дека нивниот административен персонал и понатаму расте . . . Неколку децении, произведувачите на компјутери тврдеа дека технологијата што ја продаваат ќе предизвика големи пробиви во продуктивноста, овозможувајќи извесен обем административна работа да се изврши со далеку помалку работници и со многу помал трошок. Наместо тоа, како што почнуваме да увидуваме, технологијата на информации довела до прераспределба на напорите: многу нови работи ги извршува иста или поголема работна сила отколку старата работа што ја извршуваат помалку вработени. Честопати воопшто не се заштедуваат пари. Еден пример за ваквата прераспределба е тоа што луѓето користат технологија за да го разубават изгледот на документите наместо само побрзо да произведат документација“.
Сега изгледа дека информацискиот автопат, потенцијално опасен за христијаните, ќе остане да постои. Но, како можеме да ја избегнеме вознемиреноста од информации — барем донекаде? Во следнава кратка статија нудиме неколку практични предлози.
[Фуснота]
a Примери за компјутерски жаргон: log on значи „поврзи со системот“; boot up — „започни или стави во движење“; portrait position — „вертикално“; landscape position — „хоризонтално“.
[Рамка на страница 6]
Пренатрупаност со информациско ѓубре
„Општеството, како што знаеме сите од искуство, неумоливо станува сѐ погрубо. Сведоци сме на новото владеење на ТВ-ѓубре, радио на омраза, шокантни џокеи, деликтни парничења, мајстории за придобивање публицитет, претерано насилна и саркастична реторика. Филмовите се сѐ поексплицитни во сексуален поглед и сѐ понасилни. Рекламирањето е погласно, поосвојувачко и честопати на границата на вкусот . . . Вулгарноста расте, а вообичаената пристојност опаѓа . . . Она што другите го нарекоа наша ‚криза во семејните вредности‘, има поголема врска со информациската револуција отколку со недостигот на почитување на Холивуд за традиционалниот модел на семејство“ (Data Smog—Surviving the Information Glut од Дејвид Шенк).
[Рамка на страница 7]
Мудроста — старомодниот начин
„Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување, ако со нив го поучиш синот твој; ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, — ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓа знаењето и разумот. Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува“ (Изреки 2:1—6, 10, 11).
[Слика на страници 8 и 9]
Преоптовареноста од информации била споредена со обидот да се земе една голтка од хидрант