Помогни им на другите да ја ценат вредноста на Библијата
1 Исус ги обезбедил своите апостоли со она што им било потребно. Лука 24:25 известува: „Им го отвори умот за да ги разберат Писмата“. Тој знаел дека ако сакале да го имаат одобрувањето од неговиот Татко, било неопходно да ја проучуваат и да ја разберат Божјата Реч, Библијата (Псал. 1:1, 2). Нашето дело на проповедање ја има истата намера. Наша цел е да започнеме библиски студии, при што ќе можеме да ги ‚учиме луѓето да пазат сѐ што заповедал Исус‘ (Мат. 28:20). Имајќи го ова на ум, еве некои предлози кои би можеле да ти бидат од помош при вршењето повторни посети.
2 Ако си разговарал неодамна за книгата „Библијата — Реч Божја или човечка?“, можеш да го продолжиш разговорот на следниов начин:
◼ „Сега би сакал да Ви покажам нешто друго што ја илустрира практичната вредност на библискиот совет. На многумина им паѓа тешко да излезат на крај со другите луѓе. Што можеме да сториме за да изградиме подобри односи со оние околу нас? [После одговорот, сврти на страница 168, пасус 15, и прочитај Мат. 7:12. Вклучи мисли што се изнесени во пасус 16.] Ова е уште еден пример за мудроста што се наоѓа во библискиот совет. Следниот пат кога ќе наминам, би сакал да Ви покажам еден совет кој го нуди Библијата за да им помогне на брачните двојки да пронајдат уште поголема радост во нивната врска“. Направи подготовки да дојдеш повторно и да разговараш во врска со страниците 170-172, кои покажуваат што препорачува Библијата за среќен семеен живот.
3 Ако си разговарал со некој кој покажал интерес за Библијата, тогаш овој пристап би можел да биде делотворен за започнување на библиска студија:
◼ „Речиси сите оние со кои би разговарале ќе Ви речат дека тие би сакале да живеат во еден мирољубив и безбеден свет. Ако е тоа она што секој го сака, тогаш зошто живееме во свет кој е исполнет со толку многу немири и насилство? [Дозволи одговор.] Би сакал да Ви покажам каде во Библијата можете да го најдете одговорот на тоа прашање“. Прочитај 2. Кор. 4:4. Објасни како Бог ќе го уништи Ѓаволот и ќе воспостави еден свет на траен мир и среќа. Прочитај Откр. 21:3, 4. Потоа можеш да кажеш: „Следниот пат кога ќе наминам, би сакал да Ви покажам некои библиски стихови кои образложуваат зошто можете да се надевате на еден свет без болка“.
4 Ако си го користел директниот пристап за започнување на студија и ако имало добра реакција, кога ќе дојдеш повторно би можел да го кажеш следново:
◼ „Минатиот пат дискутиравме за некои причини зошто е корисно да се проучува Библијата. Искрениот обид да го правиме ова во што поголема мера, може да ни помогне да го цениме она што Бог го има подготвено за нас. [Прочитај Јован 17:3.] Ние имаме развиено една програма за проучување на Библијата која им помогнала на илјадници да научат повеќе за она што Бог го ветил и за тоа како можеме да му угодиме“. Покажи ја книгата Спознание, осврни се на насловите на поглавјата и демонстрирај како водиме библиска студија.
5 Ако можеш да им помогнеш на искрените луѓе да ја ценат ненадминливата вредност на Божјата Реч, тогаш си им помогнал на најдобриот можен начин. Мудроста што можат да ја научат со студирање на нејзините страници може да биде „дрво на животот“, кое ќе им донесе многу среќа (Изр. 3:18).