Биди пример во зборувањето и во однесувањето
1 Апостол Павле го поттикнал Тимотеј да стане пример во зборувањето и во однесувањето (1. Тим. 4:12, НС). И ние би требало да покажуваме примерен говор и однесување, особено кога сме вработени во службата, затоа што ако правиме така, тоа може да биде одлучувачко дали ќе го достигнеме срцето на оние што ги среќаваме или не.
2 Треба да ги покажуваме сите аспекти на добри манири, вклучувајќи учтивост, обѕирност, љубезност, пристојност и тактичност. Одразувајќи ги овие особини, покажуваме дека сме свесни за тоа како нашите постапки влијаат врз чувствата на другите. Добрите манири во службата може да бидат споредени со зачините кои се користат за да се подобри вкусот на храната. Без нив, здравата храна може да има слаб и блуткав вкус. Пропустот да се покажуваат добри манири во нашите постапки со другите, може да има сличен ефект (Кол. 4:6).
3 Биди пример во зборувањето: Една пријателска насмевка и срдечен поздрав се витални елементи на нашата презентација на добрата вест. Кога нашиот увод го зачинуваме со срдечност и искреност, на станарот му даваме до знаење дека ние сме вистински заинтересирани за него. Кога зборува тој, слушај го внимателно и покажи должно почитување кон неговото мислење. Кога зборуваш ти, направи го тоа со тактичност и љубезност. (Спореди Дела 6:8, НС.)
4 Повремено ќе сретнеме некој поединец кој може да биде непријателски настроен, па дури и воинствен. Како би требало да реагираме? Петар нѐ поттикнал да зборуваме на начин кој покажува „благост и длабоко почитување“ (1. Петр. 3:15, НС; Рим. 12:17, 18). Исус рекол дека ако станарот грубо ја одбива пораката за Царството, би требало едноставно да го ‚истресеме правот од нозете наши‘ (Мат. 10:14). Ако покажуваме примерни манири под такви околности, тоа на крај може да го омекне срцето на противникот.
5 Биди пример во однесувањето: Проповедањето на добрата вест на прометни улици и на јавни места бара да бидеме обѕирни, никогаш бучни или упорни, и да не го попречуваме движењето на минувачите. Кога сме во домови на заинтересираните лица, треба да задржиме прикладна пристојност и да се однесуваме како љубезни гости, покажувајќи ценење за нивната гостољубивост. Секое дете кое нѐ придружува, мора да покажува почитување кон станарот и кон неговата сопственост и би требало да има добро однесување и да биде внимателно додека ние разговараме. Ако децата се немирни, тоа ќе остави неповолен впечаток (Изр. 29:15).
6 Нашиот личен изглед би требало јасно да им покаже на другите дека ние сме слуги на Божјата Реч. Во нашето облекување и дотерување не треба да бидеме ниту неуредни и запуштени ниту блескави и екстравагантни. Нашиот изглед треба секогаш да биде достоен на добрата вест. (Спореди Филипјаните 1:27.) Ако обрнеме грижливо внимание на нашиот изглед и опрема, нема да им дадеме на другите причина за сопнување или за наоѓање мана на нашата служба (2. Кор. 6:3, 4). Нашиот примерен говор и однесување придонесуваат кон привлечниот квалитет на пораката за Царството, донесувајќи му чест на Јехова (1. Петр. 2:12).