Добрите манири — одлика на побожните луѓе
1 Денес добрите манири се реткост. Зошто? Луѓето толку брзаат што можеби ретко размислуваат за основните учтиви постапки, како што е да речат „Ве молам“, „Благодарам“ или „Се извинувам“. Божјата реч претскажала дека во последните денови манирите ќе станат уште полоши, кога рекла дека луѓето ќе бидат ‚себељубиви, вообразени, надуени, неблагодарни, без природна наклоност, без самосовладување, без љубов кон доброта и своеглави‘ (2. Тим. 3:1—4). Сите овие особини придонесуваат за лошите манири. Како побожни луѓе, христијаните мора да внимаваат да не го усвојат недостигот на почит кон другите, што е својствен за овој свет.
2 Што се манири? Добрите манири можат да се опишат како силна свесност за чувствата на другите, способност да се живее со другите во мир. Некои аспекти на добрите манири се внимателноста, учтивоста, љубезноста, пристојноста, тактичноста и обѕирноста. Овие особини имаат корени во љубовта кон Бог и кон ближниот (Лука 10:27). Тие не нѐ чинат ништо, но вредат многу во подобрувањето на нашите контакти со другите.
3 Исус Христос дал совршен пример. Тој секогаш го практикувал Златното правило: „И како што сакате луѓето да ви прават вам, исто така правете им и вие“ (Лука 6:31). Зарем не нѐ восхитува Исусовата обѕирност и љубезен начин на постапување со неговите ученици? (Мат. 11:28—30). Неговите добри манири не произлегувале од правилата запишани во книгите за бонтон. Тие извирале од искрено и благородно срце. Мора да се трудиме да го имитираме неговиот добар пример.
4 Кога им се потребни добри манири на христијаните? Дали само во посебни прилики, кога водат сметка да остават добар впечаток? Дали им се потребни само кога се обидуваат да влијаат врз другите? Не! Треба секогаш да покажуваме добри манири. Особено во кој поглед треба да се погрижиме за ова во нашето дружење со другите во собранието?
5 Во Салата на Царството: Салата на Царството е наше место за обожавање. Таму сме на покана од Јехова Бог. Во таа смисла, ние сме гости (Псал. 15:1, NW). Дали сме примерни гости кога доаѓаме во Салата на Царството? Дали обрнуваме соодветно внимание на нашата облека и дотерување? Сигурно дека треба да избегнуваме да се облекуваме немарно или екстремно. Сеедно дали е на конгреси или на седмичните собраниски состаноци, Јеховиниот народ е познат по својот пристоен изглед што им прилега на оние кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог (1. Тим. 2:9, 10). Така покажуваме должна обѕирност и почит како кон нашиот небесен Домаќин така и кон другите поканети гости.
6 Друг начин на кој покажуваме добри манири во врска со состаноците е тоа што ќе доаѓаме на време. Мора да се признае, ова не е секогаш лесно. Некои можеби живеат прилично далеку или можеби имаат големо семејство што треба да се подготви. Меѓутоа, забележано е дека во некои собранија, 25 проценти од објавителите по навика пристигнуваат по уводната песна и молитва. Ова е сериозна работа. Добро е да имаме на ум дека манирите се поврзани со нашата свесност за чувствата на другите. Јехова, нашиот љубезен Домаќин, ги подготвил ваквите духовни гозби за наша корист. Ние покажуваме ценење и грижа за неговите чувства со тоа што ќе доаѓаме навреме. Освен тоа, доцнењето на состаноците го одвлекува вниманието и покажува непочитување кон оние што веќе пристигнале.
7 Кога се собираме, дали ги забележуваме новите што се присутни? Изразувањето добредојде е дел од покажувањето добри манири (Мат. 5:47; Рим. 15:7). Љубезен поздрав, срдечно ракување, љубезна насмевка — мали работи, но придонесуваат за она што нѐ идентификува како вистински христијани (Јован 13:35). Откако првпат бил во една Сала на Царството, еден човек рекол: „Во еден ден сретнав повеќе искрени луѓе што покажуваат љубов, кои воопшто не ги познавав, отколку што воопшто сум сретнал во црквата каде што бев воспитан. Беше очигледно дека ја пронајдов вистината“. Како резултат на тоа, тој го променил својот животен правец и по седум месеци се крстил. Да, добрите манири можат да имаат далекосежни ефекти!
8 Ако покажуваме добри манири кон непознатите со кои се сретнуваме, зарем не треба уште повеќе да го правиме тоа ‚особено кон оние кои ни се сродни по верата‘? (Гал. 6:10). Важи начелото: „Почитувај го лицето на старецот“ (Лев. 19:32). Никогаш не треба да ги занемаруваме таквите на нашите собири.
9 Посветувајќи грижливо внимание: За време на собраниските состаноци, христијанските министри на Бог зборуваат за да дадат некој духовен дар што ќе нѐ изгради (Рим. 1:11). Сигурно дека би покажале многу лоши манири ако дремеме, гласно џвакаме гума за џвакање, постојано шепотиме некому што седи близу до нас, непотребно одиме во тоалетот, читаме нешто што не е поврзано со темата или се занимаваме со други работи за време на состанокот. Старешините треба да бидат примерни во овој поглед. Добрите христијански манири ќе нѐ поттикнат да покажеме исправна почит кон говорникот и неговата библиска порака, посветувајќи му го нашето неподелено внимание.
10 Освен тоа, од обѕирност кон говорникот и кон публиката, треба да внимаваме состаноците да не бидат прекинувани од нашите пејџери и мобилни телефони.
11 Манирите и децата: Родителите треба секогаш да внимаваат на однесувањето на своите деца. Ако некое мало дете почне да плаче или стане немирно за време на состанокот и тоа им пречи на другите, добро е да се изнесе детето надвор колку што е можно поскоро за да се смири. Понекогаш ова може да биде тешко, но запомни, со тоа ќе покажеш дека внимаваш на чувствата на другите. Родителите со мали деца што обично се немирни честопати седат некаде во задниот дел за да им пречат на колку што е можно помалку лица ако биде потребно да станат за време на состанокот. Се разбира, другите присутни можат да покажат должна обѕирност за семејствата оставајќи ги задните редови слободни за нив, ако сакаат.
12 Исто така, родителите мора да внимаваат на однесувањето на своите деца пред и по состаноците. Децата не треба да трчаат низ зградата бидејќи можат да предизвикаат несреќен случај. Трчањето надвор околу Салата на Царството може исто така да биде опасно, особено навечер кога видливоста е ограничена. Гласното зборување надвор може да им пречи на соседите и негативно да се одрази врз нашето обожавање. Родителите што вложуваат совесни напори да ги надгледуваат своите деца внатре и надвор од Салата на Царството треба да бидат пофалени затоа што тоа ја зголемува убавината на нашиот живот во единство (Псал. 133:1).
13 На студија на книга: Го цениме гостопримството на нашите браќа што ги отвораат своите домови за собраниските состаноци. Кога присуствуваме, треба да покажеме почит и обѕирност кон нивната приватна сопственост. Пред да влеземе треба внимателно да ги избришеме чевлите за да не го извалкаме подот или тепихот. Родителите треба да ги надгледуваат своите деца, грижејќи се тие да останат во кругот на домот одреден за студија на книга. Иако групата можеби е мала и атмосферата е малку неформална, не треба да си земаме преголема слобода во домовите на другите. Родителот на малото дете треба да појде со него кога треба да се однесе во тоалет. Освен тоа, бидејќи студијата на книга е собраниски состанок, треба да се облечеме онака како што се облекуваме кога одиме во Салата на Царството.
14 Добрите манири се многу важни: Практикувањето христијански манири не само што добро се одразува врз нашата служба туку и унапредува добри односи со другите (2. Кор. 6:3, 4, 6). Како обожаватели на среќниот Бог, треба да ни биде лесно да се насмевнуваме, да бидеме пријатни, па дури и да ги правиме малите, љубезни работи што ги радуваат другите. Овие учтиви одлики ќе го разубават нашиот живот како побожен народ.