Гради го својот живот околу службата за Јехова
1 Исус ги споредил своите слушатели со два вида градители. Едниот од нив го изградил својот начин на живот на карпестата маса на послушност кон Христос и можел да им одолее на бурите на противење и неволја. Другиот, пак, градел врз песокот на себична непослушност и не можел да опстои кога дошол притисок (Мат. 7:24—27). Живеејќи во овој завршеток на системот на ствари, доживуваме многу бури на непријателство. Темните облаци на големата неволја брзо надоаѓаат на хоризонтот. Ќе издржиме ли до крајот со неоштетена вера? (Мат. 24:3, 13, 21). Многу зависи од тоа како го градиме својот живот сега. Затоа е итно да се запрашаме: ‚Дали цврсто го градам мојот христијански живот околу послушната служба на Бог‘?
2 Што значи тоа да го градиме својот живот околу службата за Јехова? Тоа значи да го направиме Јехова самиот центар на нашиот живот. Во тоа е вклучено да се сосредоточиме на Царството како наша главна грижа. Тоа опфаќа да бидеме послушни на Бог во сите активности од нашиот секојдневен живот. Потребно е да се внесеме со цело срце во нашата лична, семејна и собраниска студија на Библијата и во нашата служба на теренот, и нив да ги направиме наши приоритети (Проп. 12:13; Мат. 6:33). Таквиот послушен правец води до вера која е цврста како карпа, која нема да се сруши наспроти бурите на неволја кои можат да наидат.
3 Задоволство е кога ќе се видат милиони луѓе како уверливо ги градат своите животи и надежи за иднината околу службата за Бог, исто онака како што правел Исус (Јован 4:34). Тие се придржуваат на еден доследен распоред на теократски активности и, како резултат на тоа, се радуваат на богати благослови. Една мајка објаснила како таа и нејзиниот сопруг успешно ги воспитале своите два сина да му служат на Јехова: „Ги исполнивме нашите животи со вистината — одевме на сите конгреси, се подготвувавме за состаноците и присуствувавме на нив и ја правевме службата на теренот редовен дел од нашиот живот“. Сопругот додал: „Вистината не е дел од нашиот живот, таа е наш живот. Сѐ друго се врти околу неа“. Дали и ти си ја поставил Јеховината служба како најголем приоритет во твоето семејство?
4 Смисли продуктивен седмичен распоред: Јеховината организација ни помага да следиме една добра духовна рутина со тоа што прави подготовка за пет состаноци во седмицата. Христијаните кои го градат својот живот околу обожавањето на Јехова ги подредуваат своите световни и семејни работи на таков начин што можат да присуствуваат на сите овие многу важни состаноци. Тие не допуштаат работите кои имаат помала важност да го попречуваат нивното редовно присуство (Фил. 1:10; Евр. 10:25).
5 Зрелите христијани увидуваат дека исто онака како што е важно да имаат редовни оброци во одредени термини секој ден, важно е да направат и определен распоред за лична и семејна студија, вклучувајќи и подготовка за состаноците (Мат. 4:4). Би можел ли да издвоиш барем 15 или 20 минути секој ден за лична студија? Клучот е да не допуштиш други работи да го потиснат времето што си го издвоил за студија. Направи таа да биде една корисна навика. За тоа можеби ќе биде потребно секое утро да се будиш порано отколку што се будиш сега. Сите 17.000 членови на бетелското семејство низ светот стануваат рано секое утро за да дискутираат за дневниот текст. Се разбира, за да станеш рано, потребно е да си легнеш навечер во разумно време со цел следниот ден да го започнеш спремен и одморен.
6 Ако си семеен поглавар, преземи иницијатива да го испланираш и да го организираш вашиот семеен распоред на теократска активност. Некои семејства заедно ја читаат Библијата, Годишникот или некоја друга публикација додека се одмараат после вечерата. Многу родители кои дочекале нивните деца да израснат во духовно јаки христијани велат дека еден фактор кој придонел за нивниот успех бил семејниот обичај да си издвојуваат по една вечер секоја седмица кога заедно уживале во духовно изградувачки моменти. Еден таков татко рекол: „Мислам дека духовниот развој на нашите деца во голема мерка се должи на нашата редовна семејна студија секоја среда навечер, која започна пред 30-тина години“. Сите три негови деца се крстиле на рана возраст, а подоцна сите три стапиле во полновремена служба. Освен семејната студија, можат да се вежбаат презентации за служба на теренот или делови од состанокот и може заедно да се ужива и во други здрави активности.
7 Дали во твојот седмичен распоред ‚си откупил време‘ за проповедање на Царството? (Кол. 4:5, NW). Повеќето од нас се многу зафатени и треба да се грижат за семејните и собраниските одговорности. Ако не правиме дефинитивни подготовки за да учествуваме во делото на проповедање и поучување секоја седмица, ќе биде многу лесно другите работи да ја истиснат оваа витална активност. Сопственикот на еден огромен ранч за стока рекол: „Околу 1944 сфатив дека единствениот начин за да успеам да одам во служба е да испланирам одреден ден за тоа. До ден-денес сѐ уште одвојувам по еден ден за служба во текот на седмицата“. Еден христијански старешина увидува дека испланираниот распоред за сведочење му овозможува да има просек од 15 часа месечно во проповедничката активност. Ако има некаква световна работа во сабота, тој ја планира после утринската служба на теренот. Можеш ли и ти со твоето семејство да испланираш барем еден ден секоја седмица за служба на теренот и тоа да го направиш дел од твојот духовен пат на живот? (Фил. 3:16).
8 Преиспитај ја твојата рутина на живеење: Има некои работи кои дејствуваат против градењето на нашиот живот околу службата за Јехова. Непредвидените околности можат да го нарушат нашиот внимателно испланиран распоред за проучување, состаноци и служба. А нашиот Непријател, Сатана, ќе направи сѐ што може за да „нѐ попречи“ и за да ги наруши нашите планови (1. Сол. 2:18; Ефеш. 6:12, 13). Не допуштај тие препреки да те обесхрабрат и да се предадеш. Направи ги сите преиначувања што се потребни за да ја извршиш својата планирана теократска активност. Неопходни се одлучност и упорност за да се постигне нешто што навистина е вредно.
9 Не смееме да допуштиме световните влијанија и негативните влијанија на нашето несовршено тело да внесат недуховни активности кои би можеле да почнат да одземаат сѐ повеќе од нашето време и внимание. Потребно е да се преиспитаме себеси со следниве прашања: ‚Дали мојот животен правец постепено станал неурамнотежен или, така да се рече, надвор од фокусот? Почнав ли да го градам мојот живот околу оние работи од овој свет кои поминуваат? (1. Јов. 2:15—17). Колку време трошам на лични тежнеења, патувања заради задоволство, спортски активности или друга забава — вклучувајќи го и гледањето телевизија или сурфирањето по Интернет — во споредба со времето што го трошам на духовните активности?‘
10 Ако почувствуваш дека во животот ти попречуваат сѐ повеќе неважни активности, што треба да сториш? Исто како што Павле се молел неговите браќа да бидат ‚усовршени‘, односно „доведени во исправно израмнување“ (NW, фусн.), зошто ти не го молиш Јехова за помош повторно да се сосредоточиш на неговата служба? (2. Кор. 13:9, 11). Потоа, биди решен да живееш во склад со твојата одлука и да ги направиш потребните преиначувања (1. Кор. 9:26, 27). Јехова ќе ти помогне да не се вртиш десно или лево од послушната служба за него. (Спореди Исаија 30:20, 21.)
11 Остани зафатен во Божјата радосна служба: Милиони луѓе очајнички бараат среќа само за да откријат дека, додека се ближи крајот на животот, материјалните работи по кои толку желно тежнееле не им донеле трајна среќа. Тие биле „мака за духот“ (Проп. 2:11). Од друга страна, пак, кога нашиот живот постојано е сосредоточен на Јехова ‚секогаш гледајќи Го пред себе‘, доживуваме длабоко задоволство (Псал. 15:8, 11). Тоа е така затоа што Јехова е самата причина за нашето постоење (Откр. 4:11). Без него, Големиот Наумител, животот нема смисла. Служењето на Јехова го исполнува нашиот живот со вредна, смисловна активност која ни користи како нам така и на другите на еден траен начин — да, вечно.
12 Важно е да не станеме самозадоволни и да не го изгубиме чувството на итност во врска со крајот на Сатановиот свет кој брзо се приближува. Врз нашиот секојдневен живот влијае нашето гледиште за иднината. Луѓето во деновите на Ное, кои не верувале дека ќе има глобален потоп, ‚не узнале‘ така што ги сосредоточиле своите животи врз лични тежнеења — јадење, пиење и женење — сѐ додека потопот не ‚истребил сѐ‘ (Мат. 24:37—39). Денес, оние кои го сосредоточуваат својот живот околу овој свет ќе видат како нивните изгледи за иднината се распаѓаат пред нив во најголемото уништување кое човекот некогаш го доживеал, „Божјиот ден“ (2. Петр. 3:10—12).
13 Затоа, продолжи да го градиш својот живот околу живиот Бог, Јехова, и извршувањето на неговата волја. Во овој живот нема друга инвестиција која би можел да ја вложиш а која има толку веродостоен Поддржувач како Јехова. Тој не може да лаже — тој ќе биде верен на своите ветувања (Тит 1:2). Тој не може да умре — ништо што е доверено кај Јехова не е изгубено (Авак. 1:12; 2. Тим. 1:12). Животот на послушност и вера кој го градиме сега е само почеток на еден живот кој ќе трае вечно во радосната служба за нашиот среќен Бог! (1. Тим. 1:11; 6:19).
[Истакната мисла на страница 3]
„Вистината не е дел од нашиот живот. Таа е наш живот. Сѐ друго се врти околу неа.“