Дали гледаш само на надворешниот изглед?
1 Додека ја извршуваме нашата јавна служба, првиот впечаток што ќе го добиеме за некои луѓе може да нѐ натера да се двоумиме дали да им ја пренесеме добрата вест. На пример, како би реагирал ако некој човек со жесток изглед секогаш те гледа со сомневање кога одиш кај неговиот сосед кој покажал интерес за вистината? Една сестра пионер која го доживеала ова, одлучила да му пристапи на еден таков човек и да му прозбори. Тој грубо ја поздравил. Но, за чудо, ја слушал библиската порака и со некаква возбуда се согласил да проучува. Како резултат на тоа што сестрата не судела според надворешниот изглед, бил отворен патот овој човек и неговата сопруга да ја дознаат вистината.
2 Една друга сестра во почетокот била уплашена од надворешниот изглед на некој млад човек со долга коса, но настојувала накратко да му сведочи секогаш кога ќе дојдел во продавницата каде што работела. Нејзините напори дале плод и сега младиот човек е крстен Сведок. Што ќе нѐ спречи да не заклучиме брзо дека таквите нема да реагираат?
3 Да се имитира примерот на Исус: Исус знаел дека ќе го даде својот живот за секого. Затоа, тој не бил одвратен од надворешниот изглед на другите. Сфатил дека дури и оние кои се познати по својот лош морал, би можеле да бидат спремни да се променат ако им се даде исправна помош и поттик (Мат. 9:9—13). Се обидувал да им помогне и на богати и на сиромашни (Мат. 11:5; Мар. 10:17—22). Да не ги просудуваме луѓето што ги среќаваме во службата според нивниот надворешен изглед, заслепувајќи се себеси пред она што би можело да биде добра состојба на срцето (Мат. 7:1; Јован 7:24). Што може да ни помогне да го имитираме Исусовиот извонреден пример?
4 Преку нашето проучување на Библијата, сме сфатиле дека Божјата реч има моќ да го промени размислувањето, однесувањето и личноста на човекот (Ефеш. 4:22—24; Евр. 4:12). Според тоа, треба да задржиме позитивен став и да оставиме сѐ друго во рацете на Јехова, Оној кој ги чита човечките срца (1. Цар. 16:7; Дела 10:34, 35).
5 Нашето непристрасно споделување на добрата вест со сите луѓе, без оглед на нивниот надворешен изглед, нека придонесе за големото дело на жетва во овие последни денови (1. Тим. 2:3, 4).