Дали вратата за пионерење сега е отворена за тебе?
1 Нашиот годишен стих за 1999 нѐ потсетува дека сѐ уште сме во Јеховиниот ‚ден на спасение‘ (2. Кор. 6:2). Но, неговиот ден на спасение наскоро ќе заврши. Потоа ќе започне неговиот ‚суден ден‘ (2. Петр. 2:9). Додека Јехова продолжува да ја проширува можноста за спасение на човештвото, колку само е возбудливо да се види како реагираат сѐ поголем број луѓе!
2 Јеховиниот народ се одѕвал на предизвикот да ги достигне оние кои реагираат пред да биде предоцна. За многу објавители на Царството, ова значело да започнат со пионерска служба. Дали вратата за пионерење сега е отворена за тебе? Зошто прашуваме?
3 Изразено ценење: Како што беше објавено во Наша служба за Царството од јануари 1999, барањето на часови за општите и за помошните пионери е намалено. За да го исполнат ова ново барање, општите пионери треба да посветат 70 часа во службата секој месец, т. е. вкупно 840 часови во службената година. Помошните пионери ќе поминат 50 часа во службата секој месец. Еве неколку од многуте изрази на ценење кои беа добиени како резултат на овие преиначувања:
„Каков само благословен подарок од нашиот небесен Татко!“
„Нема зборови кои можат да ги пренесат чувствата на радост, љубов и благодарност за оваа подготовка!“
„Тоа ќе направи да можеме многу полесно да го следиме нашиот распоред!“
„Се молиме многу повеќе сега да започнат со полновремена служба и да се радуваат на благословите кои доаѓаат од служењето на Јехова во еден поголем обем.“
4 Додека се приближуваме кон кулминацијата на Божјиот ден на спасение, очигледно е дека Јехова сака неговиот народ да даде еден конечен, силен извик на фалба. Големината и интензитетот на оваа порака се зголемени 1) со постојаниот пораст на бројот на објавители на Царството и 2) со тоа што секој настојува да го зголеми она што може да го направи во проповедањето на Царството. Јехова, оној „кој прави да израсте“, донел успех на обата начина благословувајќи го спремниот дух на сите оние кои го прифатиле спасението (1. Кор. 3:6, 7; Псал. 109:3).
5 Не ја промашувај нејзината цел: Во врска со Јеховиниот ден на спасение, Павле ги опоменал сохристијаните: „Работејќи заедно со него, исто така ве молиме да не ја прифаќате Божјата незаслужена доброта и да ја промашите нејзината цел“. Нема да ја ‚промашиме нејзината цел‘ ако ова го сметаме за ‚особено погодно време‘ да работиме на спасението на другите во секоја прилика (2. Кор. 6:1, 2, NW). Денес, Павловите зборови се здобиваат со уште поголема итност. Христијаните кои покажуваат срдечна љубов кон Јехова, сметаат дека е предност да учествуваат колку што е можно поцелосно во службата што им ја доделил. Дали сега можеш поцелосно да учествуваш во службата како општ пионер?
6 Тоа е разумна цел: Во Македонија, наша цел е да видиме 75 општи пионери пријавени од 1 септември. Сметаме дека ова е разумна и достижна цел. Зошто сме толку уверени? Во март 1997 имаше 139 браќа и сестри кои беа помошни пионери, а во април 1998 беа 121. Повеќето известија 60 часа — само 10 часа помалку од новото барање за општи пионери! Дури и ако само 25 од оние кои биле помошни пионери се пријават како општи пионери пред крајот на оваа службена година, би можеле да го почнеме септември со 75 или повеќе полновремени пионери!
7 Потребен е распоред: Дали 70-те часови месечно служба на теренот сѐ уште ти изгледаат некако недостижни? Можеби ќе ти биде од помош ако размислуваш за 17 часа седмично. Користејќи ги пробните распореди на следната страница, обиди се да си направиш распоред за општ пионер кој ќе се вклопува во твоите лични околности. Кога ќе го составуваш, разговарај со искусни пионери за да го чуеш нивното мислење за тоа како ја урамнотежуваат пионерската служба со личните и семејните одговорности. Прашај го својот покраински надгледник како пионерите во покраината ја планираат својата активност за служба секоја седмица. Потоа барај од Јехова да ги благослови твоите планови да пионериш (Изр. 16:3).
8 Нека ви биде семеен проект: Дали сте размислувале пионерењето да го направите семеен проект? Би можеле да седнете како семејство и да дискутирате за тоа како — со внимателно планирање и добра соработка — еден или двајца членови на семејството можат да пионерат. Се разбира, некои ќе откријат дека искрената проценка на нивните околности не допушта да бидат општи пионери токму сега. Ако е така, постави си го пионерењето како идна цел. Но, почни да правиш планови да работиш кон одреден датум за да почнеш со пионерење. Можеби можеш да бидеш помошен пионер неколку пати во текот на годината за да го достигнеш барањето за општа пионерска служба.
9 Повеќе од 50-те општи пионери кои моментално се на списокот во Македонија имаат различни околности. Сите немаат најдобро здравје, а многумина имаат семејни и финансиски обврски. Некои се во поодминати години, некои се самци а некои се браќа кои имаат семејни и собраниски одговорности. Сите тие ‚го откупуваат поволното време‘ за пионерење, што во многу случаи значи да живеат поедноставен, но поисполнет живот (Кол. 4:5, NW).
10 Дали треба нешто да поедноставиш? Поедноставувањето на твојот живот може да биде клуч кој ќе ја отвори вратата за да пионериш. Дали живот ти е како една голема куќа со непотребни соби и покуќнина, што бара многу време, пари и работа за одржување? Ако е така, прилагодувањето кон поскромни околности може да остави простор за пионерење. Можеш ли да го намалиш времето што го трошиш на световно вработување? Можеш ли да откупиш време од неважните активности или да покажеш поголема рамнотежа во износот на времето што го трошиш за рекреација?
11 Во 1. Тимотеј 6:8, Библијата нѐ опоменува: „Кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“. Да бидеме задоволни со помалку е еден важен фактор во правењето најмногу што можеме во Јеховината служба и ни олеснува да им дадеме приоритет на духовните интереси (Мат. 6:22, 33). На страница 104 од Годишњак за 1998, во извештајот за Јапонија се дадени неколку предлози за тоа зошто има толку добар пионерски дух во таа земја. Размисли за еден: „Општо земено, вистина е дека јапонските домови се прилично скромни и тоа бара малку време за одржување, а во најголем дел животот по традиција е едноставен“. Зарем тоа не е суштината на 1. Тимотеј 6:8?
12 Ширум светот, Божјите слуги ја проповедаат добрата вест со сѐ поголем интензитет пред да заврши Јеховиниот ден на спасение. Пофално е тоа што минатата година во просек скоро 700.000 учествуваа во некој облик на пионерска служба секој месец. Можеш ли да го преиначиш својот живот за да им се придружиш? Те повикуваме внимателно и молитвено да ги испиташ своите околности за да одговориш на прашањето: „Дали вратата за пионерење сега е отворена за тебе?“
[Истакната мисла на страница 3]
ЦЕЛ: 75 ОПШТИ ПИОНЕРИ!
[Рамка на страница 4]
Пробни распореди за општи пионери
Потребно: 17 часа седмично
Еден работен ден и викендот
Ден Часови
Петок 8
Сабота 6
Недела 3
Вкупно часови: 17
Два работни дена и сабота
Ден Часови
Вторник 7
Четврток 7
Сабота 3
Вкупно часови: 17
Три работни дена и недела
Ден Часови
Понеделник 5
Среда 5
Петок 5
Недела 2
Вкупно часови: 17
Две вечери и викендот
Ден Часови
Понеделник 3
Среда 3
Сабота 8
Недела 3
Вкупно часови: 17
Направи си личен распоред за општ пионер
Ден Часови
Понеделник
Вторник
Среда
Четврток
Петок
Сабота
Недела
Вкупно часови: 17