,Проверени дали сме подобни‘ — на кој начин?
1 Бидејќи Јеховината организација постојано расте, има постојана потреба од квалификувани браќа кои ќе служат како слуги помошници. Повеќето браќа кои сѐ уште не се именувани, вклучувајќи ги и тинејџерите, имаат желба да служат во собранието. Кога ќе им се даде некоја додатна работа, се чувствуваат корисни и имаат чувство дека нешто постигнуваат. Нивниот натамошен напредок зависи од тоа дали се „проверени дали се подобни“ (1. Тим. 3:10, NW). Како се прави тоа?
2 Улогата на старешините: Како дел од проценката на тоа дали некој брат одговара на библиските квалификации за слуги помошници што се наоѓаат во 1. Тимотеј 3:8—13, старешините ќе проверат дали братот е подобен да носи одговорност. Можат да му доделат да изврши некои корисни служби поврзани со делењето списанија и литература, ракувањето со микрофоните, одржувањето на Салата на Царството итн. Старешините ќе набљудуваат како ќе се одѕвие и како ќе се грижи за своите задачи. Ќе бараат провереност, точност, марливост, скромност, дух на спремност и способност да се сложува со другите (Фил. 2:20). Дали е примерен во облекувањето и дотерувањето? Дали има чувство на одговорност? Тие сакаат да го видат ‚неговото добро однесување со благост која ѝ припаѓа на мудроста‘ (Јак. 3:13, NW). Дали навистина се напрега да биде од помош во собранието? Дали ја извршува Исусовата заповед ‚да прави ученици од луѓето‘ со тоа што ревносно учествува во службата на теренот? (Мат. 28:19, NW; види br-1, страници 14—24.)
3 Иако нема некоја точно одредена најниска граница на возраст за да се биде наименуван за слуга помошник, Библијата ги нарекува таквите браќа ‚мажи кои служат‘. Не би очекувале да бидат во раните или средните тинејџерски години, особено затоа што е спомната можноста да имаат сопруга и деца (1. Тим. 3:12, 13, NW). Тие мажи не треба да копнеат по „желбите на младоста“ туку треба да се однесуваат сериозно, да бидат на добар глас и да имаат чиста совест пред Бог и пред луѓето (2. Тим. 2:22).
4 Иако природната надареност е корисна, она што навистина вреди е ставот и духот. Дали тој брат понизно сака да го фали Бог и да им биде од корист на браќата? Ако да, Јехова ќе ги благослови неговите напори да напредува во собранието.