Рубрика прашања
◼ Како може да му се помогне некому кој долго време бил неактивен повторно да се квалификува за објавител на добрата вест?
Кога некој кој е неактивен дава доказ дека има искрена желба да му служи на Јехова, тоа е причина за радост (Лука 15:4—6). Тој веројатно дозволил противењето или животните притисоци да ја задушат неговата лична студија, присуството на состаноците и учеството во службата на теренот. Како може најдобро да му се укаже лична помош за да напредува духовно?
Сите ние треба да преземеме иницијатива да го увериме во нашата искрена христијанска љубов кон него. Старешините веднаш ќе ги утврдат неговите специфични духовни потреби (Јак. 5:14, 15). Ако бил неактивен само кратко време, можеби сѐ што е потребно за повторно да стане активен во службата на теренот е да му помогне некој искусен објавител. Меѓутоа, ако неактивниот не бил поврзан со собранието подолго време, веројатно ќе му треба поголема помош. За да изгради вера и ценење, препорачливо е да има лична библиска студија со некоја соодветна публикација. Во тој случај, надгледникот за служба ќе договори студијата да ја води некој квалификуван објавител (Евр. 5:12—14; види Рубрика прашања во Наша служба за Царството од ноември 1998.) Ако познаваш некого на кој му треба таква помош, разговарај со надгледникот за служба од твоето собрание.
Пред да повикаш повторно да учествува во службата некој кој бил неактивен долго време, препорачливо е двајца старешини да се состанат со него за да видат дали се квалификува за објавител на Царството. Тие ќе следат една процедура која е слична на онаа што се користи кога се одржува состанок со новите кои сакаат да се квалификуваат за објавители на добрата вест. (Види Стражарска кула од 1 април 1989, страница 29.) Неактивниот треба да има искрена желба да им ја пренесува добрата вест на другите. Исто така, тој треба да ги исполнува основните барања што се изнесени на страници 98 и 99 од книгата Нашата служба и треба да биде редовен во присуствувањето на собраниските состаноци.
Редовната духовна рутина многу ќе помогне оној што се вратил да се зајакне и да го задржи својот скапоцен однос со Јехова и да продолжи да оди по патот на вечен живот (Мат. 7:14; Евр. 10:23—25). Тоа што ќе го вложува „сиот свој сесрден труд“ и ќе развива трајни христијански особини, ќе го спречи повторно да стане ‚неактивен или бесплоден‘ како христијански ученик (2. Петр. 1:5—8).