Притисокот од врсниците и твојата предност да проповедаш
1 Притисокот од врсниците е силно влијание — на добро или на лошо. Оние кои заедно со нас му служат на Јехова ни вршат позитивно влијание кое нѐ поттикнува на добри христијански дела (Евр. 10:24). Меѓутоа, членовите на семејството кои не се Сведоци, колегите, соучениците, соседите или другите познаници можат да ни вршат притисок да следиме правец кој е спротивен на христијанските начела. Можеби ќе зборуваат „со омаловажување за [нашето] добро однесување во врска со Христос“ (1. Пет. 3:16). Како можеме да останеме одлучни да продолжиме да проповедаме и покрај негативниот притисок од врсниците на кој ќе наидеме?
2 Членови на семејството: Понекогаш, сопругот или таткото кој не е Јеховин сведок можеби не сака неговата сопруга или деца да учествуваат во јавната служба. Таква била ситуацијата во едно семејство во Мексико. Сопругата и седумте деца на еден човек ја прифатиле вистината. На почетокот тој се противел бидејќи не сакал неговото семејство да проповеда и да нуди библиска литература од куќа до куќа. Сметал дека тоа е под нивното достоинство. Меѓутоа, неговата сопруга и децата останале цврсти во одлуката да му служат на Јехова и да имаат редовно учество во службата. Со текот на времето, човекот почнал да увидува колку вреди да се прифати Божјата подготовка за проповедничкото дело, па и тој му се предал на Јехова. Му требале 15 години за да ја прифати вистината, но дали некогаш ќе се случело тоа ако неговото семејство не истрајало во предноста да проповеда? (Лука 1:74; 1. Кор. 7:16).
3 Колеги: Можеби некои од колегите нема да ги прифатат твоите напори да им сведочиш. Една сестра раскажала дека, кога во канцеларијата се повела дискусија во врска со крајот на светот, ѝ се исмевале затоа што предложила да се прочита Матеј, 24. поглавје. Меѓутоа, по неколку дена, една колешка ѝ рекла дека го прочитала тоа поглавје и била импресионирана. Била оставена публикација и била договорена библиска студија со нејзе и нејзиниот сопруг. Првата студија траела до два часот наутро. По третата студија почнале да доаѓаат на состаноци и кратко потоа се откажале од цигарите и почнале да учествуваат во службата. Дали ова ќе се случело ако нашата сестра не се потрудела да им ја пренесе својата надеж на другите?
4 Соученици: Не е невообичаено младите Сведоци да трпат притисок од врсниците на училиште и да се плашат од тоа дека другите млади ќе ги омаловажуваат заради тоа што учествуваат во проповедничкото дело. Една христијанка, тинејџерка од Соединетите Држави, рекла: „Се плашев да им сведочам на другите млади затоа што ми беше страв дека ќе ме исмеваат“. Затоа ги избегнувала приликите да им сведочи на врсниците на училиште и на подрачјето. Како можеш да собереш сила и смело да се соочиш со притисокот на врсниците? Имај доверба во Јехова и барај ја неговата насмевка на одобрување (Посл. 29:15). Биди горд на својата умешност да ја користиш Божјата реч во службата (2. Тим. 2:15). Младата девојка што ја цитиравме почнала да го моли Јехова, барајќи од него да ѝ помогне да негува желба да им зборува на соучениците. Почнала да сведочи неформално на училиште, имала добри резултати и наскоро разговарала со сите што ги познавала. Таа заклучила: „На тие млади им треба и сакаат да имаат надеж за иднината, а Јехова нѐ користи нас за да им помогнеме“.
5 Соседи: Можеби имаме соседи или познаници кои покажуваат дека им пречи тоа што сме и што веруваме. Ако се плашиш што мислат тие, прашај се: ‚Дали тие ја знаат вистината која води до вечен живот? Што можам да направам за да допрам до нивното срце?‘ Еден покраински надгледник забележал дека се постигнуваат добри резултати кога им се сведочи на соседите по малку а почесто. Моли го Јехова за потребната сила и мудрост да продолжиш да ги бараш оние кои се со искрени срца (Фил. 4:13).
6 Ако попуштиме на негативниот притисок од врсниците, противниците можеби ќе бидат задоволни, но дали тоа ќе биде во најдобар интерес за нив — или за нас? На Исус му се противеле луѓе од неговото место. Тој ги издржал дури и острите приговори од неговите полубраќа. Но, знаел дека ќе може да им помогне само ако остане верен на правецот што му го поставил Бог. Така, Исус ‚претрпел таков противен говор од грешниците против нивните сопствени интереси‘ (Евр. 12:2, 3). И ние мора да го правиме истото. Биди одлучен добро да ја искористиш твојата предност да ја проповедаш пораката за Царството. Правејќи го тоа, „ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тим. 4:16).