Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 2001 „Учители на Божјата реч“
1 Пророкот Исаија го опишал Јехова како Голем Учител, кој на татковски начин нѐ поттикнува: „Тоа е патот, одете по него“ (Иса. 30:20, 21). Но, како ги слушаме Јеховините зборови кажани во наша корист? Јехова му зборува на својот народ преку страниците на Библијата, како и преку библиските публикации, состаноците, покраинските собири и обласните конгреси што ги подготвува „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Можеме да му бидеме благодарни на Јехова што и понатаму нѐ води на патот по кој треба да одиме.
2 Секоја година, обласниот конгрес ни дава прилика да се собереме со соверниците и внимателно да ги слушаме Јеховините поуки. Минатата година, на духовно освежувачкиот Обласен конгрес „Извршители на Божјата реч“ присуствуваа 1.690 лица. Во 2001 ќе се одржи тридневниот Обласен конгрес „Учители на Божјата реч“. Знаеме дека со нетрпение очекувате да направите подготовки да присуствувате, па затоа ви ги даваме следниве упатства за да ви помогнеме.
3 Сместување во приватни домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе сака да знае колку браќа во конгресниот град ќе можат да ги понудат своите домови за гостувачките делегати. Навистина го цениме самопожртвуваниот дух кој се покажува во тој поглед. Извесен број наши браќа и сестри, поради посебните потреби или други околности, нема да можат да бидат сместени во хотели или студентски домови. Тие ќе треба да сметаат на гостољубивоста на браќата во конгресниот град за да не го пропуштат конгресот. Во изминативе години е забележано дека понекогаш е тешко нашите браќа да ги понудат своите домови или станови за гостувачките делегати. Иако ова може да ја наруши нашата вообичаена рутина, тоа е само за трите дена на конгресот и дава убава прилика за дружење и размена на охрабрување. Затоа, ги поттикнуваме сите оние кои се во состојба да го сторат тоа, во молитва да го разгледаат ова барање.
4 Подоцна, на секое собрание во конгресниот град Заедницата ќе му испрати формулари кои ќе можат да ги пополнат оние кои сакаат да имаат гостувачки делегати во своите домови. Доколку веќе имате направено приватни договори некој да престојува кај вас, НЕ пополнувајте го формуларот. Исто така, доколку имате пополнето формулар, немојте да правите приватни договори, бидејќи Заедницата ќе смета на вас при правењето подготовки за оние кои се запишани и молат за тоа.
5 Доколку имате потреба од вакво приватно сместување, ќе ви бидат обезбедени и формулари кои ќе треба да ги пополните. Тие се само за објавителите кои се на добар глас, вклучувајќи ги и оние кои имаат деца познати по добро однесување, на кои им е одобрено од Собранискиот службен одбор. Ние ги поттикнуваме сите, како оние кои нудат така и оние на кои им е потребно сместување, да мислат на тоа доволно однапред и навреме да ги пополнат формуларите за да нема непотребни одложувања. Овие барања треба да бидат испратени до Одделот за сместување колку што е можно поскоро. Ве молиме, употребете ја адресата која ќе ви биде доставена подоцна.
6 Се разбира дека треба да се однесуваме примерно и пристојно кога имаме приватното сместување. Како што беше спомнато во претходниот пасус, нашите деца треба да имаат добро однесување во домовите на нашите браќа. Она што можеби го дозволуваш во својот дом не значи дека може да биде прифатливо и во домовите на другите. Родителите треба секогаш да имаат контрола над своите деца за тие да не оштетат нешто или да не си земат преголема слобода, што воопшто не е на место. Децата треба да бидат примерни во нивниот говор и однесување. Исто така, не се очекува домаќинот да ги обезбеди сите оброци за оние кои се сместени во неговиот дом. Се разбира, дали ќе биде понудено, тоа е лична работа за која треба да одлучи домаќинот. Но, делегатите кои се сместени во приватни домови не треба да претпоставуваат дека ќе добијат храна за време на конгресот. Не би било љубезно на тој начин да се искористува гостољубивоста на нашиот брат. Оттука, тоа треба да се земе предвид и да се одвојат настрана средства пред да се замине од дома. Исто така, не би било израз на љубов некој да си го продолжи престојот после конгресот со цел да има одмор во конгресниот град или да си брка лични работи. Освен ако домаќинот не го даде тоа до знаење, се планира приватното сместување да биде само во текот на конгресот, обично три ноќи, а ако после конгресот некој сака да престојува подолго во конгресниот град, нека си направи други подготовки.
7 Грижа за оние со посебни потреби: На постарите, немоќните, оние кои се во полновремена служба или други можеби ќе им биде потребна помош за да присуствуваат на конгресот. Роднините, старешините и другите во собранието кои се свесни за единствените околности на оние со посебни потреби, можат со љубов да ги направат неопходните подготовки. Одговорноста што ја имаат семејството и собранието не треба да се префрли на конгресната организација (1. Тим. 5:4.)
8 Присуствување на друг конгрес: Ако планираш да присуствуваш на друг конгрес а не на оној на кој е доделено твоето собрание, собранискиот секретар може да ти ја набави адресата на конгресното седиште за тој конгрес. Кога ќе пишуваш за сместување или за други информации, заедно со твоето барање приложи плик со марка, адресиран на твое име. Ако во тој град се одржуваат повеќе конгреси, погрижи се да го наведеш датумот на конгресот на кој ќе присуствуваш.
9 Заклучок: Додека се приближува времето да присуствуваш на обласниот конгрес, предмет на твоите молитви до Јехова нека биде да можеш да присуствуваш на сите сесии во текот на сите три дена и да извлечеш најголема корист од програмата. Дали веќе побара слободни денови од работа за трите дена од конгресот на кој планираш да присуствуваш? Ако не, стори го тоа колку што е можно поскоро. Обично не се добива слободен ден ако се побара во последен момент. Верниот и разборит роб го подготви овогодишниот Обласен конгрес „Учители на Божјата реч“ за да се погрижи за нашата духовна поука и за да ја изгради нашата вера. Затоа, уште сега почни да правиш планови да присуствуваш, следејќи ја опомената на псалмистот: „Славете Го Бога на свечени собранија“! (Псал. 68:26).
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
Петок и сабота
9.30 — 17.00
Недела
9.30 — 16.00