Обласни конгреси на Јеховините сведоци за 2000 — „Извршители на Божјата реч“
1 „Ќе те прославувам, Господи, на големо собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам“ (Псал. 34:18). Замисли си само колку би бил восхитен Давид денес кога би видел како илјадници луѓе мирољубиво се собираат за да добијат божествена поука на нашите конгреси! Дали и ти беше меѓу оние 1670 присутни на Обласниот конгрес „Божјата пророчка реч“? Нашиот обласен конгрес во 2000 ќе ни даде нова прилика да се собереме со другите фалители на Јехова кои се „свесни за своите духовни потреби“ и радосни и желни да ‚чујат што им вели духот на собранијата‘ (Мат. 5:3; Отк. 2:29, обата NW).
2 Сместување во приватни домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе сака да знае колку браќа во конгресниот град ќе можат да ги понудат своите домови или станови за гостувачките делегати. Навистина го цениме самопожртвуваниот дух кој се покажува во тој поглед. Извесен број наши браќа и сестри, поради посебните потреби или други околности, нема да можат да бидат сместени во хотели или студентски домови. Тие ќе треба да сметаат на гостољубивоста на браќата во конгресниот град за да не го пропуштат конгресот. Во изминативе години е забележано дека понекогаш е тешко нашите браќа да ги понудат своите домови или станови за посетувачките делегати. Иако ова може да ја наруши нашата вообичаена рутина, тоа е само за трите дена на конгресот и дава убава прилика за дружење и размена на охрабрување. Затоа, ги поттикнуваме сите оние кои се во состојба да го сторат тоа, молитвено да го разгледаат ова барање.
3 Подоцна, на секое собрание во конгресниот град Заедницата ќе му испрати формулари кои ќе можат да ги пополнат оние кои сакаат да имаат посетувачки делегати во своите домови. Доколку веќе имате направено приватни договори некој да престојува кај вас, НЕ го пополнувајте формуларот. Исто така, доколку имате пополнето формулар, немојте да правите приватни договори, бидејќи Заедницата ќе смета на вас при правењето подготовки за оние кои се запишани и молат за тоа.
4 Доколку имате потреба од вакво приватно сместување, ќе ви бидат обезбедени и формулари кои ќе треба да ги пополните. Тие се само за објавителите кои се на добар глас, вклучувајќи ги и оние кои имаат деца познати по добро однесување, на кои им е одобрено од Собранискиот службен одбор. Ние ги поттикнуваме сите, како оние кои нудат така и оние на кои им е потребно сместување, да мислат на тоа доволно однапред и навреме да ги пополнат формуларите за да нема непотребни одложувања. Овие барања треба да бидат испратени до Одделот за сместување колку што е можно поскоро. Ве молиме, употребете ја адресата која ќе ви биде доставена подоцна.
5 Што се однесува до исправното однесување и пристојност, упатствата кои се применуваат за хотелите важат и за приватното сместување. Како што е спомнато во претходниот пасус, нашите деца треба да имаат добро однесување во домовите на нашите браќа. Она што можеби го дозволуваш во својот дом не значи дека може да биде прифатливо и во домовите на другите. Родителите треба секогаш да имаат контрола над своите деца за тие да не оштетат нешто или да не си земат преголема слобода, што не е прикладно. Децата треба да бидат примерни во нивниот говор и однесување. Исто така, не се очекува домаќинот да ги обезбеди сите оброци за оние кои се сместени во неговиот дом. Се разбира, дали ќе биде понудено, тоа е лична работа за која треба да одлучи домаќинот. Но, делегатите кои се сместени во приватни домови не треба да претпоставуваат дека ќе добијат храна за време на конгресот. Не би било љубезно на тој начин да се искористува гостољубивоста на нашиот брат. Оттука, тоа треба да се земе предвид и да се одвојат настрана средства пред да се замине од дома. Исто така, не би било израз на љубов некој да си го продолжи престојот после конгресот со цел да има одмор во конгресниот град или да си брка лични работи. Освен ако домаќинот не го даде тоа до знаење, се планира приватното сместување да биде само во текот на конгресот, обично три ноќи, а ако после конгресот некој сака да престојува подолго во конгресниот град, нека си направи други подготовки.
6 Посебни потреби: На постарите, немоќните, оние кои се во полновремена служба или други можеби ќе им биде потребна помош за да присуствуваат на конгресот. Роднините, старешините и другите во собранието кои се свесни за единствените околности на оние со посебни потреби, можат со љубов да ги направат неопходните подготовки, не префрлајќи ја на конгресната организација одговорноста што ја имаат семејството и собранието. (Спореди 1. Тимотеј 5:4.)
7 Присуствување на друг конгрес: Ако планираш да присуствуваш на друг конгрес а не на оној на кој е доделено твоето собрание, собранискиот секретар може да ти ја набави адресата на конгресното седиште за тој конгрес. Кога ќе пишуваш за сместување или за други информации, заедно со твоето барање приложи плик со марка, адресиран на твое име. Ако во тој град се одржуваат повеќе конгреси, погрижи се да ги наведеш датумите на конгресот на кој ќе присуствуваш.
8 Направи подготовки да присуствуваш сите три дена: Дали Сатана се обидел да те одвлече од посветувањето внимание на духовните работи? За жал, многу браќа и сестри и нивните семејства пропуштаат витална духовна храна. На кој начин? Со тоа што не присуствуваат на сесиите на обласниот конгрес во петок. Во некои случаи е забележано дека голем процент наши браќа ги пропуштаат духовната поука и дружењето што го даваат овие сесии.
9 Можеби некои браќа се колебаат да им пристапат на своите работодавци и да побараат слободни денови за да присуствуваат на конгресот. Дали е тоа случај и со тебе? Зошто не го молиш Јехова за оваа работа и не собереш храброст за да му ја објасниш твојата ситуација на работодавачот? Сети се на добриот исход со Неемија, кој се наоѓал во слична ситуација (Неем. 2:1—6). Имај вера во спремноста на нашиот небесен Татко да ти помогне, знаејќи дека, ако на прво место ги ставиш интересите на Царството, тој ќе се погрижи за неопходните работи за живот (Мат. 6:32б, 33).
10 Како влијаат врз тебе нашите конгреси? Една сестра од источниот дел на Соединетите Држави напишала: „Многу сум ви благодарна за обласниот конгрес за 1999. Дружењето со браќата кои ги гледам само еднаш годишно ми причинува голема радост. Дојдов во контакт со вистината како трудна тинејџерка и сѐ уште со голема радост се сеќавам кога сестрата што ја проучуваше Библијата со мене ме одведе на мојот прв конгрес. Гледав нагоре кон небото над тој отворен стадион додека ја пеевме песната на Царството ‚Миријади браќа‘ и плачев. ‚Покрај сите овие прекрасни луѓе наоколу‘, се прашував, ‚како може Јехова да ме сака мене?‘ Тој ден одлучив целосно да му служам на Јехова“. Колку трогателно! Сигурно е задоволство да се биде во друштво на Јеховиниот чист народ, зарем не?
11 Во текот на завршницата на последните денови, нашиот годишен обласен конгрес ни е потребен повеќе од кога и да е порано. Тој е подготовка од Јехова за одржување на нашето духовно здравје и рамнотежа. Затоа, биди решен да присуствуваш сите три дена на овогодишниот Обласен конгрес „Извршители на Божјата реч “. Како можеш да истраеш во својата решеност? Однапред прашај го работодавачот за слободни денови од работа за да присуствуваш на целиот конгрес. Ако имаш ограничени финансии, почни уште сега да издвојуваш потребни средства за да присуствуваш. Моли го Јехова да ти помогне да ги надминеш сите пречки. Додека го правиш тоа, можеш да очекуваш да уживаш во срдечното друштво на твоите браќа и сестри и да ги слушаш зборовите на вечен живот од нашиот небесен Татко, Јехова. (Спореди Јован 6:68.)
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
Петок и сабота
9.30 — 17.00
Недела
9.30 — 16.00