Достигни го срцето на својот студент
1 Пред да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите ученици да ги учат другите „да држат“ сѐ што заповедал тој (Мат. 28:19, 20). За некој да ги ‚држи‘ Христовите заповеди, тие информации треба да го достигнат неговото срце (Псал. 119:112). Како можеш да допреш до срцето на некој со кој ја проучуваш Библијата?
2 Моли се за Јеховино водство: Правењето ученици е Божје дело. Неговиот благослов, а не нашите способности, е она што е неопходно за успех (Дела 16:14; 1. Кор. 3:7). Затоа, многу е битно да се молиме за Јеховина помош кога ги поучуваме другите за вистината (Неем. 2:4; Иса. 50:4).
3 Согледај во што верува студентот: Ако знаеме во што веруваат луѓето и зошто веруваат така, ќе имаме увид во тоа што да речеме за да го достигнеме нивното срце. Зошто некој студент е привлечен кон извесно учење? Што го уверило во неговата веродостојност? Таквото спознание може да ни помогне да зборуваме со проникливост (Дела 17:22, 23).
4 Изнеси логичен, библиски аргумент: Вистината мора да има смисла за студентот (Дела 17:24—31). Мораме да дадеме здрава причина за нашата надеж (1. Пет. 3:15). Меѓутоа, секогаш прави го тоа љубезно и стрпливо.
5 Зајакни го поучувањето со илустрации: Не само што илустрациите му олеснуваат на студентот да ги разбере работите туку ги побудуваат и неговите емоции. Тие го ангажираат и умот и срцето. Исус честопати ги користел (Марко 4:33, 34). Се разбира, за да биде делотворна, илустрацијата што се користи мора да одговара на мислата што се дискутира и треба да се однесува на животот на студентот.
6 Укажи на користите од прифаќањето на вистината: Луѓето сакаат да знаат каква корист ќе имаат ако го применат она што го учат. Помогни му на твојот студент да ја увиди мудроста на Павловите зборови од 2. Тимотеј 3:14—17.
7 Не обесхрабрувај се ако некои луѓе не се одѕвијат на твоето поучување. Не се приемливи срцата на сите луѓе (Мат. 13:15; Јован 12:40). Меѓутоа, некои лица сепак стануваат верници (Дела 17:32—34). Твоите напори да ги достигнеш срцата на луѓето со добрата вест нека им помогнат на уште многу луѓе да го прифатат и да го „држат“ она што го заповедал Исус.