Подготви се за проучување на пророштвото на Исаија!
1 „Верните обожаватели можат да бидат уверени дека Јехова . . . нема да му дозволи на Сатановиот свет да постои ниту ден повеќе од она што го бара правдата.“ Колку само охрабрувачка изјава! Од каде е цитирана? Од Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво I. Дали пророштвото на Исаија ни дава причина да извлечеме таков охрабрувачки заклучок? Да! Во таа библиска книга, темата за спасение е јасно и гласно истакната (Иса. 25:9). Затоа ќе бидеме многу охрабрени кога на Собраниската студија на книга ќе го проучуваме овој дел од Божјата реч. Дали ќе бидеме таму за да уживаме секоја седмица? Зошто треба да бидеме?
2 Во Исаија 30:20, Јехова е наречен нашиот ‚Голем Учител‘. Секој христијанин треба внимателно да слуша додека Јехова ни зборува преку страниците на својата Реч и преку библиските публикации што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45; Иса. 48:17, 18). Ова сигурно важи и за книгата Пророштвото на Исаија I. Како можеш да извлечеш најголема корист од нејзиното проучување?
3 Подготвувај се за да учествуваш: Секоја седмица одвојувај си доволно време за да се подготвиш за студијата на книга. Читај го доделениот материјал пасус по пасус. Размислувај за секое отпечатено прашање. Обележи ги одговорите во својата книга. Стиховите што се цитирани од Исаија се отпечатени со масни букви. Внимателно прочитај ги. Што се однесува до другите стихови што се наведени, разгледај ги за да видиш во каква врска се со материјалот. Медитирај за она што го учиш. Потоа сподели ги резултатите од твојата подготовка со твојата група за студија на книга.
4 Братот што ја води студијата на книга треба да им помогне на сите присутни добро да ја користат Библијата и да ја сфатат практичната вредност на материјалот што се обработува. Ако коментираш прв, дај едноставен, директен одговор. Ако некој веќе го направил тоа, можеш да се надоврзеш на мислата што се дискутира. Можеби би можел да покажеш како некој клучен стих ја поткрепува темата. Обиди се да коментираш со свои зборови и уживај во задоволството да учествуваш во дискусијата.
5 Желно да ја разгледуваме заеднички скапоцената порака што ја содржи книгата Исаија. Таа ќе нѐ охрабри секој ден да живееме во радосно исчекување на спасението од Јехова! (Иса. 30:18).