Можеш ли да служиш онаму каде што има поголема потреба?
1 Дали некогаш си размислувал да се преселиш онаму каде што има потреба за повеќе објавители на Царството? Ако си повикан ‚да прејдеш и да помогнеш‘, дали би се одѕвал како што се одѕвал апостол Павле? (Дела 16:9, 10). Во многу собранија има потреба од духовно зрели семејства, од пионери што ќе помогнат да се обработи подрачјето или од квалификувани старешини и слуги помошници што ќе помогнат во преземањето водство. Подрачјето може да се состои од мали изолирани гратчиња расфрлани низ пространи рурални области. Најблиската Сала на Царството можеби е оддалечена многу километри. Световното вработување можеби е ограничено. Временските прилики можеби не се секогаш идеални. Дали ќе бидеш спремен да прифатиш таков предизвик? Како е можно да успееш во тоа?
2 Потребна е вера и доверба: На Божје упатство, Авраам излегол од својот град Ур и патувал 1.000 километри до Харан заедно со својата сопруга, внук и остарен татко, Тара (Бит. 11:31, 32; Неем. 9:7). Откако умрел Тара, Јехова му заповедал на Авраам, кој тогаш имал 75 години, да го напушти Харан и своите роднини и да отпатува во една земја што ќе му ја покаже Бог. Авраам, Сара и Лот ‚тргнале‘ (Бит. 12:1, 4, 5). Се разбира, Авраам не се преселил за да служи онаму каде што имало поголема потреба од министри. Но, неговата преселба барала нешто. Што?
3 Биле потребни вера и доверба за Авраам да започне со таков потфат. Морал да го промени своето размислување и начинот на живот. Морал да ја напушти сигурноста покрај своите роднини. Но, имал доверба дека Јехова ќе се грижи за него и за неговото домаќинство. Многумина денес ја покажуваат својата доверба во Јехова на сличен начин.
4 Краткорочни доделби: Дали некогаш си ги доживеал богатите благослови што произлегуваат од работата на недоделено подрачје? На пример, размисли за она што се случило во Соединетите Држави, каде што многу браќа и сестри се ставиле на располагање на тој начин. Минатата година, во 48-те држави, 5.699 објавители обработија 163 од вкупно 174 недоделени подрачја. Други 5.676 објавители помагаа во 380 собранија да се обработат ретко обработувани подрачја. За некои, ова значеше да патуваат многу далеку. Дали трудот се исплатеше?
5 Еден брат од Калифорнија што отишол во Јута напишал: „Кога првпат ми предложија да одведам една група на ретко обработувано подрачје, се колебав. Но, одлучив да ја прифатам задачата. Не само што не зажалив туку тоа го промени и мојот живот. Секој ден му се заблагодарувам на Јехова за предноста што сум дел од ова патување“. Еден брат од Флорида, кој отишол во Тенеси, рекол дека тоа било најнезаборавното искуство во неговите 20 години во вистината! Еден тинејџер од Конектикат, кој отишол во Западна Вирџинија, рекол: „Тоа беше најубавото искуство во мојот живот!“ Повеќето објавители се согласуваат дека служењето дури и кратко време онаму каде што има поголема потреба го продлабочило нивното ценење за службата. Разговарај со оние што го направиле тоа. Ќе откриеш дека биле духовно подигнати и веројатно повторно ќе го направат истото ако им се укаже прилика.
6 Прифаќањето на привремена доделба да се служи онаму каде што има поголема потреба може да послужи и за друга цел. Оние што го прават тоа можат да добијат корисни информации што ќе им помогнат ‚да го пресметаат трошокот‘ на преселувањето во друг дел од земјата (Лука 14:28).
7 Јехова е решен да се објави добрата вест „по целата населена земја“ пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Знаејќи го ова, ако можеш, ќе бидеш ли спремен да се преселиш онаму каде што има поголема потреба? Таква потреба има на многу подрачја.
8 Преселба онаму каде што има поголема потреба: Дали си во пензија? Дали имаш постојан приход? Ако не, можеш ли да средиш сам да работиш за себе? Можеш ли да заработуваш за живот без оглед на тоа каде си, преку телефон или преку компјутер? Ако не можеш да се преселиш, можеш ли да му помогнеш на некој член на семејството да служи на некое друго место?
9 Ако по размислување во молитва се чувствуваш дораснат на предизвикот да се преселиш онаму каде што има поголема потреба, дискутирај за таа работа со своето семејство и со старешините во собранието. Потоа, напиши писмо и дај им го на старешините за да можат да ги внесат и своите забелешки и препораки пред да го испратат до канцеларијата на подружницата.
10 Што треба да вклучиш во своето писмо? Возраста, датумот на крштавање, одговорностите во собранието, брачниот статус и дали имаш малолетни деца. Наведи во кои градови би сакал да служиш, во зависност од твоите лични потреби. На пример, можеш ли да живееш или да издржиш на места каде што има поинакви климатски услови?
11 Дали имаш ревност и иницијатива? Дали околностите ти допуштаат да служиш онаму каде што има поголема потреба? Ако е така, посматрај како Јехова постојано излева богати благослови врз оние што имаат доверба во него додека покажуваат дух на самопожртвуваност (Псал. 34:8; Мал. 3:10).