Дали тоа е пречка да проповедаш?
1 Повеќето луѓе се многу зафатени. Јеховините сведоци се меѓу најзафатените — ја проучуваат Божјата реч, присуствуваат на собраниските состаноци и учествуваат во службата на теренот. Освен тоа, ние сме зафатени и на световното работно место, дома или на училиште и имаме многу други одговорности, за кои е потребно време. Ова особено е предизвик за семејните поглавари.
2 Заради лошите економски услови на различни места, поглаварите на семејствата можеби треба да работат долго за да заработат за живот. Кога тешките работни места им го одземаат поголемиот дел од времето и енергијата, малку им останува за делото на проповедање. Бидејќи имаат обврска материјално да се грижат за своите семејства, некои можеби мислат дека можат да имаат само ограничено учество во службата (1. Тим. 5:8). Се разбира, денес има многу притисоци поврзани со снабдување на основните потреби за живот. Но, световната работа не мора да стане пречка за да се проповеда добрата вест (Мар. 13:10). Затоа, ќе биде добро да ја испитаме нашата реална ситуација.
3 Бидејќи сцената на овој свет постојано се менува, еден семеен поглавар може да биде склон да троши премногу време на работното место, со цел да ги зголеми финансиските резерви за непредвидени кризи (1. Кор. 7:31). Додека зголемената световна работа навидум обезбедува додатни материјални работи или прилики за рекреација и забава, дали семејството ќе биде посреќно и позадоволно ако тоа се прави на сметка на времето за духовни активности и редовно присуство на состаноците? Сигурно ќе сакаме да избегнуваме сѐ што би ја довело во опасност нашата духовност. Мудро е да го следиме Исусовиот совет ‚да си собираме блага на небото‘ и да бидеме ‚богати пред Бога‘ (Мат. 6:19—21; Лука 12:15—21).
4 Барај ги најнапред интересите на Царството: Исус ги поучил своите следбеници да ги ставаат духовните работи пред сѐ друго. Тој ги поттикнал: „Никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘“ Зошто го рекол тоа? Тој објаснил: „Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“. Ако сме навистина убедени во ова, ниедна пречка нема да нѐ спречи да го извршуваме она што Исус го рекол потоа: „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие [неопходни материјални] работи ќе ви се додадат“. Бог ќе се погрижи за тоа! (Мат. 6:31—33). Ова сигурно не е време вниманието да ни биде одвлечено од непотребна тегобна грижа за заработувачката или од желбата да си обезбедиме комфор во еден систем на работи што наскоро ќе помине (1. Пет. 5:7; 1. Јов. 2:15—17).
5 Првенствената цел на световното вработување е да се обезбедат материјалните потреби. Но, од колку многу имаме потреба? Апостол Павле напишал: „Кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“. Дали се обидуваме да стекнеме повеќе од тоа? Ако е така, можеби ги жнееме последиците на кои опоменал Павле: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст“ (1. Тим. 6:8, 9; Мат. 6:24; Лука 14:33). Како можеме да препознаеме дали нѐ спречуваат преголеми желби?
6 Ако заради нашите световни стремежи имаме само минимално учество во службата на теренот или пропуштаме да ја увидиме потребата од правење жртви заради добрата вест, тогаш е потребно да ги промениме нашите приоритети (Евр. 13:15, 16). Поскромен животен стил многу ќе помогне да ја отстраниме оваа пречка во нашето проповедање. Интересите на Царството треба секогаш да бидат приоритет број еден кога станува збор за користењето на нашето време и енергија.
7 Труд што не е залуден: Павловите зборови нѐ охрабруваат секогаш да бидеме „обилно вработени во делото Господово, знаејќи дека [нашиот] труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Кор. 15:58). Најважното ‚дело Господово‘ е делото на проповедање на Царството и правење ученици (Мат. 24:14; 28:19, 20). За да имаме колку што е можно поцелосно учество, треба да планираме време за служба на теренот секоја седмица и да настојуваме да не го користиме тоа време за нешто друго (Ефеш. 5:15—17). Тогаш, ниту световното вработување ниту нешто друго ќе стане пречка во нашата служба.
8 Кога се даваме себеси да им ги пренесеме библиските вистини на другите, ја искусуваме поголемата среќа што доаѓа од давањето (Дела 20:35). Извршувајќи го делото на проповедање на Царството, можеме со доверба да гледаме на иднината, ‚зашто Бог не е неправеден да го заборави нашето дело и љубовта што ја покажавме кон неговото име‘ (Евр. 6:10).