Исправно ракувај со Божјата реч
1 Кога му сведочел на еден службеник, ‚Филип ја отворил својата уста и, почнувајќи од [извесен] стих од Писмото, му ја објавил добрата вест за Исус‘ (Дела 8:35). Филип ‚исправно ракувал со речта на вистината‘ (2. Тим. 2:15). Меѓутоа, денес патувачките надгледници забележале дека многу објавители ретко ја користат Библијата кога сведочат. Дали ја користиш Библијата кога си во служба?
2 Божјата реч е изворот на сѐ што веруваме и поучуваме (2. Тим. 3:16, 17). Таа ги привлекува луѓето кон Јехова и ги школува како да живеат. Затоа е важно да ја користиме Библијата во службата наместо само да разговараме за теми што нѐ интересираат (Евр. 4:12). Затоа што повеќето луѓе не знаат многу за Библијата, треба да читаме од неа за да им го покажеме практичното водство што го дава таа и иднината што му ја нуди на човештвото.
3 Читај директно од Библијата: Можеш да се обидеш да појдеш на врата без чанта за книги. Литературата што сакаш да ја нудиш можеш да ја ставиш во папка и да ја носиш Библијата в рака или в џеб. Потоа, кога ќе започнеш разговор со некого, можеш да ја извадиш Библијата без да оставиш впечаток кај другиот дека се обидуваш да му држиш проповед. Постави се така за твојот слушател да може да следи во твојата Библија. Можеш да го замолиш гласно да прочита некој стих. Се остава подлабок впечаток кога може да види што вели Библијата наместо само да го чуе тоа од тебе. Се разбира, за да му помогнеш да ја сфати смислата на текстот, нагласи ги зборовите што ја пренесуваат мислата.
4 Презентација со еден библиски стих: Откако ќе се претставиш, би можел да речеш: „Во животот луѓето се обраќаат на различни извори за водство. Што мислите, кој е најдобриот извор на практично водство? [Дозволи одговор.] Што мислите за оваа изјава? [Прочитај Пословици 2:6, 7 и дозволи одговор.] Човечката мудрост се покажала жалосно недостаточна, што доведува до очај многу луѓе. Но, Божјата мудрост секогаш била сигурна и корисна“. Потоа покажи ја публикацијата што ја презентираш и од неа истакни еден пример на Божјата практична мудрост.
5 Исус го користел Писмото за да им помогне на оние што биле со искрени срца (Лука 24:32). Преку Писмото Павле ги докажал работите што ги поучувал (Дела 17:2, 3). Нашата увереност и радост во службата ќе се зголемат додека стануваме сѐ повешти во исправното ракување со Божјата реч.