Дали ја браниш Божјата реч?
1 Иако во светот честопати се напаѓа веродостојноста на Библијата, вистинските христијани ревносно ја бранат Божјата реч. Бидејќи сме уверени дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“, ние се согласуваме со Исус Христос, кој во молитва до Јехова рекол: „Твојата реч е вистина“ (2. Тим. 3:16; Јован 17:17). Како можеме делотворно да ја браниме Божјата реч?
2 Запомни повеќе стихови: Исус без сомнение трудољубиво ја проучувал Божјата реч. Затоа можел во текот на целата своја служба да поучува од Светото писмо (Лука 4:16-21; 24:44-46). На кој начин би можеле ние да запомниме повеќе стихови? Така што секој ден ќе ја читаме Библијата и потоа длабоко ќе размислуваме за некој стих што многу нѐ охрабрил или што можеме да го користиме во службата. Кога се подготвуваме за состаноците, треба да ги побараме и да ги прочитаме наведените стихови директно од Библијата и можеби да подготвиме коментар за нив. Исто така, додека сме на состаноците, треба да следиме во Библијата кога говорникот чита од неа. Со тоа што ќе запомниме повеќе стихови ќе можеме ‚исправно да се служиме со речта на вистината‘ (2. Тим. 2:15).
3 Нека зборува Библијата: Кога учествуваме во службата, треба да ја користиме Библијата. На пример, ако допуштаат околностите, треба да се обидеме на станарот да му прочитаме еден стих и да поразговараме за него. Доколку ни постави некое прашање или приговори за нешто, најдобро е да ја користиме Библијата за да одговориме. Дури и ако станарот е зафатен, сепак би можеле да свртиме внимание на некоја библиска мисла со зборовите: „Пред да си одам, би сакал да ви кажам само една мисла од Библијата“. Секогаш кога е можно, читај директно од Библијата, и тоа така што станарот ќе може да го види стихот што го читаш.
4 Кога на еден станар му биле покажани стихови што го побиваат тројството, тој рекол: „Цел живот одам в црква, а немав поим дека ова го пишува во Библијата!“ Потоа спремно прифатил да ја проучува Библијата. Исус рекол дека неговите овци ќе го слушаат неговиот глас (Јован 10:16, 27). Искрените луѓе најдобро ќе ја препознаат вистината ако ја прочитаат директно од Светото писмо. Затоа, да ја браниме Божјата реч на вистината!