Зошто да продолжиме да проповедаме?
1 Дали во твоето место долго време се извршува делото на проповедање за Царството? (Мат. 24:14). Ако е така, можеби сметаш дека собраниското подрачје е добро обработено. Кога проповедаш сега, можеби изгледа дека повеќето луѓе што ги сретнуваш се апатични кон пораката за Царството. Па сепак, забележи што е потврдено за Исусовите вистински ученици во една наша неодамнешна публикација: „На некои места, резултатите од нивната служба можеби изгледаат безначајни кога ќе се споредат со вложената работа и труд. Сепак, истрајуваат“. Но, зошто да продолжиме да проповедаме?
2 Сети се на Еремија: Нашата верна истрајност во проповедничкото дело не треба да зависи од тоа дали луѓето нѐ слушаат или не. Еремија проповедал 40 години на истото подрачје иако само малкумина го слушале а многумина се противеле на неговата порака. Зошто Еремија истрајал? Затоа што извршувал дело што Бог му заповедал да го изврши и неговото спознание за она што ќе се случи во иднина го навело да не престане смело да зборува (Ерем. 1:17; 20:9).
3 И ние сме во слична ситуација. Исус ‚ни наредил да му проповедаме на народот и да дадеме темелно сведоштво дека ова е Оној кого Бог го одредил да биде судија на живите и на мртвите‘ (Дела 10:42). Пораката што ја носиме значи живот или смрт за оние што ја слушаат. На луѓето ќе им биде судено врз основа на нивната реакција на добрата вест. Бидејќи е така, наша одговорност е да правиме токму онака како што ни било заповедано. Дури и кога луѓето не сакаат да слушаат, тоа ни дава прилика да ја покажеме длабочината на нашата љубов кон нив и нашата оддаденост кон Јехова со тоа што ќе истраеме да го правиме она што мораме. Но, тоа не е сѐ.
4 Ние извлекуваме корист: Извршувањето на Божјата волја, без оглед на одѕивот на подрачјето, ни дава внатрешен мир, задоволство и среќа, што не можат да се почувствуваат на ниеден друг начин (Псал. 40:8). Нашите животи добиваат вистинско значење и смисла. Колку повеќе учествуваме во службата, толку повеќе нашите срца и мисли се сосредоточени на надежта и радоста што ќе живееме во Божјиот нов свет. Размислувањето за овие библиски ветувања ја зголемува нашата духовност и го зајакнува нашиот однос со Јехова.
5 Дури и ако веднаш не гледаме резултати од нашата проповедничка активност, можеби во срцето на некое лице било посеано семе на вистината што ќе изникне во Јеховино одредено време (Јован 6:44; 1. Кор. 3:6). Никој од нас не знае уште колку луѓе сѐ уште ќе дознаат за Царството преку напорите што ги вложува Јеховиниот народ, локално или во целиот свет.
6 Како никогаш порано, треба да го послушаме Исусовиот налог: „Постојано гледајте, бидете будни, зашто не знаете кога е одреденото време. А што ви кажувам вам, на сите им го кажувам: Бдејте“ (Марко 13:33, 37). Затоа, секој од нас нека продолжи да ја објавува добрата вест за Царството, радувајќи го Јеховиното срце додека учествува во посветувањето на неговото величествено и свето име.