Зошто повторно одиме на истите врати
1. Кое прашање се појавува во врска со нашето проповедничко дело?
1 На многу места, подрачјата ги обработуваме повеќепати. Повторно одиме на истите врати, дури и ако станарите ни рекле дека не се заинтересирани. Зошто и понатаму одиме кај оние што порано не сакале да нѐ сослушаат?
2. Која е главната причина зошто истрајно проповедаме?
2 Љубов кон Јехова и кон луѓето: Главната причина зошто истрајно проповедаме е тоа што го сакаме Јехова. Срцата нѐ мотивираат да продолжиме да им зборуваме на другите за нашиот величествен Бог (Лука 6:45). Љубовта кон Јехова нѐ тера да ги држиме неговите заповеди и да им помагаме и на другите да го прават истото (Изр. 27:11; 1. Јов. 5:3). Истрајно го извршуваме ова дело без оглед на тоа како реагираат луѓето. Така било и со христијаните од првиот век, кои продолжиле да проповедаат „без престан“ дури и кога биле прогонувани (Дела 5:42). Кога луѓето не сакаат да нѐ слушаат, ние не се обесхрабруваме туку продолжуваме понатаму. Со тоа покажуваме дека многу го сакаме Јехова и дека му служиме од срце.
3. Како љубовта кон луѓето ќе ни помогне да продолжиме да проповедаме?
3 Ние истрајуваме и затоа што ги сакаме нашите ближни (Лука 10:27). Јехова не сака никој да биде уништен (2. Пет. 3:9). Дури и на често обработуваните подрачја сѐ уште наоѓаме луѓе што сакаат да му служат на Јехова. На пример, на Гвадалупе, каде што секој 56-ти жител е Јеховин сведок, минатата година се крстиле 214 лица. На Спомен-свеченоста биле присутни 20.000 души — речиси секој 22-ри жител на Гвадалупе!
4. Какви промени настануваат на подрачјето?
4 Промени на подрачјето: На нашето подрачје постојано има промени. На пример, таму каде што нѐ одбиле, следниот пат може да ни отвори и да нѐ сослуша некој друг член од семејството кој никогаш не ја чул добрата вест. Или, пак, можеби ќе најдеме нови станари кои се заинтересирани. Ако родителите не ја прифатиле вистината, можеби нивните деца ќе сакаат да ја чујат пораката за Царството откако ќе пораснат и ќе си заминат од дома.
5. Што може да ги поттикне луѓето да бидат поспремни да слушаат?
5 И луѓето се менуваат. Апостол Павле порано бил „хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:13). Слично на него, многумина што денес му служат на Јехова порано не биле заинтересирани за вистината. Некои дури и се противеле на добрата вест. Бидејќи условите во светот постојано се менуваат, некои од оние што се противеле или не биле заинтересирани можеби ќе сакаат да ја чујат пораката. Други, пак, можеби ќе бидат поспремни да слушаат откако ќе ги снајдат тешки моменти во животот, како на пример, кога ќе им умре некој од семејството, кога ќе ја изгубат работата или кога ќе доживеат некој финансиски или здравствен проблем.
6. Зошто мора да продолжиме ревносно да проповедаме?
6 Овој свет се ближи кон својот крај, а нашето дело на проповедање и поучување се забрзува (Иса. 60:22). Затоа продолжуваме ревносно да проповедаме и се трудиме да задржиме позитивен став. Следниот човек со кој ќе разговараме за вистината можеби ќе нѐ сослуша. Затоа, мора да продолжиме да проповедаме! ‚Правејќи го тоа ќе се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат‘ (1. Тим. 4:16).