„Многу пати го обработивме нашето подрачје!“
1 Дали некогаш си помислил дека твоето подрачје е толку често обработувано што на него повеќе нема луѓе слични на овци? Можеби си помислил: ‚Знам како ќе реагираат луѓето. Зошто постојано да одам кај оние што не се заинтересирани?‘ Вистина е дека многу подрачја се често обработувани. Меѓутоа, на овој факт треба да се гледа позитивно, а не негативно. Зошто? Забележи ги четирите причини што се наведени подолу.
2 Нашите молитви се одговорени: Исус рекол: „Жетвата навистина е голема, а работници се малку. Затоа молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2). Со децении го молевме Јехова за повеќе помош. На многу места сега ги имаме оние уште работници што се потребни и почесто го обработуваме подрачјето. Зарем фактот што Јехова одговори на нашите молитви не треба да биде причина за радост?
3 Упорноста дава добар плод: Дури и на често обработуваните подрачја, луѓето реагираат на пораката за Царството и стекнуваат спознание за вистината. Затоа треба постојано да одиме кај нив со надеж дека ќе најдеме повеќе луѓе со искрени срца (Иса 6:8—11). Како што правеле првите Исусови ученици, ‚постојано оди‘ кај луѓето на подрачјето што ти е доделено, настојувајќи да го поттикнеш нивниот интерес за Божјето Царство (Мат. 10:6, 7).
4 Во Португалија, многу собранија го обработуваат своето подрачје секоја седмица, но сѐ уште наоѓаат луѓе слични на овци. Особено една сестра има многу позитивен став. Таа вели: „Пред да заминам во служба секое утро, го молам Јехова да ми помогне да најдам некого што е заинтересиран да ја проучува Библијата“. Еден ден се договорила за студија со вработените во еден фризерски салон. Меѓутоа, подоцна само една личност дошла на студијата. Таа рекла: „Другите не се заинтересирани, но јас сум“. За еден месец и таа самата водела две библиски студии. Кратко потоа се крстила и подоцна започнала со пионерска служба!
5 Делото се извршува: Добрата вест се проповеда, токму како што прорекол Исус (Мат. 24:14). Дури и на места каде што луѓето ‚не слушаат‘, ние им го привлекуваме вниманието со проповедничката активност. Очекуваме некои да не ја прифатат, па дури и да се противат на вистината. Сепак, таквите треба да бидат благовремено предупредени за претстојниот суд од Јехова (Езек. 2:4, 5; 3:7, 8, 19).
6 Сѐ уште не сме готови: Не е наше да одлучиме кога да престанеме со проповедничкото дело. Јехова точно знае кога треба да биде завршено. Тој знае дали на нашето подрачје има луѓе кои сѐ уште може да се одѕвијат на добрата вест. Денес некои луѓе велат дека не се заинтересирани, но драстичните промени во нивниот живот — отпуштање од работа, сериозна болест, смрт на некој сакан — можат да ги направат поприемливи во друга прилика. Заради предрасуди или едноставно заради тоа што се премногу зафатени за да слушаат, многу луѓе никогаш, всушност, не чуле што проповедаме. Постојаните пријателски посети можат да ги натераат да обрнат внимание и да слушаат.
7 Оние што се од помладата генерација и сега имаат свои семејства, посериозно го сфаќаат животот и поставуваат прашања на кои може да даде одговор само Божјата реч. Една млада мајка поканила две жени Сведоци во својот дом и рекла: „Како девојче, никогаш не можев да сфатам зошто мајка ми ги одбиваше Сведоците и им велеше дека не е заинтересирана, кога тие само сакаа да разговараат за Библијата. Одлучив кога ќе пораснам, кога ќе се омажам и кога ќе имам свој дом, да ги поканам Јеховините сведоци кај мене и да ми ја објаснат Библијата“. Токму тоа и го направила, на радост на Сведоците што дошле кај нејзе.
8 Можеш ли да бидеш поделотворен? Можеби не се виновни секогаш луѓето за тоа што ни изгледа тешко често да го обработуваме подрачјето. Понекогаш проблемот е во самите нас. Дали започнуваме со негативни мисли? Тоа може да влијае врз нашиот став и веројатно врз тонот на гласот и изразот на лицето. Покажи позитивен дух и пријатен израз на лицето. Обиди се со нов пристап. Менувај ја својата презентација и настојувај да ја подобриш. Можеби ќе можеш да го промениш уводното прашање или да обработиш поинаков стих во разговорот. Запрашај други браќа и сестри што е тоа што сметаат дека е успешно во обработувањето на подрачјето. Оди во служба со различни објавители и пионери и забележи што ја прави делотворна нивната служба.
9 Делото на проповедање на Царството има Јеховино одобрување и благослов, а нашето учество во него ја докажува нашата љубов кон Јехова и кон ближниот (Мат. 22:37—39). Затоа, да го извршиме нашето дело до крај, не уморувајќи се додека го обработуваме подрачјето секогаш одново.