Скромност во облекувањето и дотерувањето
1 „Сите мажи, дури и момчињата, носат вратоврски. Сите жени и девојки, и младите и помалите, носат или фустан или сукња. Не можеш да видиш фармерки или раскопчана кошула. Сите зрачат од радост“. Така било наведено во еден извештај на вести. Какво мноштво било опишано? Политички собир? Спортски настан? Рок концерт? Далеку од тоа! Била опишана една група браќа и сестри на еден голем обласен конгрес минатото лето.
2 Во еден друг конгресен град, еден новински репортер го дал следниов опис за мноштвото Сведоци: „Сите мажи се чисти и носат костум и вратоврска. Жените се облекуваат скромно но елегантно“. Еден друг набљудувач, чувар од обезбедувањето, навел: „Вие се однесувате добро, учтиво, вие сте чисти и уредни луѓе. Она што го гледам е прекрасно. Во овој валкан свет, вие успевате да ја отстраните нечистотијата!“ Колку убави пофалби упатени до нас! Зарем не сме благодарни што за нашето братство може да се зборува толку убаво? Се разбира, сите во мноштвото придонеле за добрите извештаи со својот примерен изглед.
3 Ние сме познати во целиот свет по тоа што многу се разликуваме од другите со нашиот изглед (Мал. 3:18). Зошто? Затоа што ја следиме библиската опомена ‚да се украсуваме со уредна облека, со скромност и здрави мисли . . . онака како што им прилега на [оние] кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог‘ (1. Тим. 2:9, 10).
4 Што покажуваш со своето облекување и дотерување? Облеката што ја носиме и начинот на кој ја носиме даваат јасна изјава за нас — за нашите верувања, став и намери. Стиловите што ги избираме кажуваат кои сме ние и кого го претставуваме. Никогаш не смееме да го унапредуваме изопаченото размислување и однесување што го популаризира светот. Нам не ни е важно дали извесен стил е по најнова мода туку дали е соодветен за оној што тврди дека е Божји министер (Рим. 12:2). Наместо да избереме изглед што покажува дух на независност или укажува на неморален животен стил, ние сакаме да покажеме дека навистина ‚го прославуваме Бог‘ (1. Пет. 2:12).
5 Понекогаш, некој што е нов, неискусен или духовно слаб би можел да прифати нешто што светот го унапредува во облекувањето и дотерувањето без најнапред да размисли како се одразува тоа на Јехова и неговата организација. Сите би можеле малку да се преиспитаме за да видиме дали врз нас влијаело размислувањето на светот. Би можеле да му пристапиме на некој почитуван, духовно зрел брат или сестра и да го замолиме за искрена забелешка за нашиот стил на облекување и дотерување и потоа сериозно да ги одмериме сугестиите што сме ги добиле.
6 Некои спремно се согласуваат дека треба да внимаваат на тоа како се облекуваат додека присуствуваат на конгресот. Но, потоа го спуштаат своето мерило во слободните активности по завршувањето на сесиите. Задржи го високото мерило што им доликува на христијански министри (2. Кор. 6:3, 4). Каде и да одиме на јавно место, нашите конгресни значки заедно со нашето соодветно облекување и дотерување нѐ идентификуваат како Јеховини сведоци. Затоа, нашето облекување треба секогаш да биде уредно и скромно и да покажува дека ‚не сме дел од светот‘ (Јован 15:19).
7 Да правиме сѐ што можеме на овогодишниот Обласен конгрес „Ревносни објавители на Царството“ за да покажеме дека сме „народ посветен на Господа“. Добриот впечаток што ќе го оставиме ќе ја зголеми Јеховината ‚чест, име и слава‘ (Втор. 26:19).
[Рамка на страница 6]
Како да го прославиме Јехова:
■ Облекувај се на начин што му доликува на Божји министер.
■ Избегнувај стилови што го следат духот на светот.
■ Покажи скромност, која одразува здрави мисли.