Уредната облека покажува длабока почит кон Бог
1. Како можеме да изразиме благодарност за нашиот претстоен обласен конгрес?
1 Наскоро ќе ја имаме предноста да му бидеме гости на Јехова на обласниот конгрес за 2003 „Оддајте му слава на Бог“. Колку сме му благодарни на Јехова што нѐ поканил на толку богата духовна гозба! Можеме да ја покажеме нашата длабока почит кон него и нашата благодарност за неговите духовни подготовки со начинот на кој се облекуваме и дотеруваме (Псал. 116:12, 17).
2. Зошто е важно да бидеме чисти и уредно дотерани?
2 Чисти и уредни: Нашиот изглед треба да ги одразува мерилата на нашиот Бог, кој е чист и уреден (1. Кор. 14:33; 2. Кор. 7:1). Нашата надворешност, косата и ноктите треба да бидат чисти и треба да бидеме уредно дотерани. Немарното дотерување е вообичаено денес. Меѓутоа, само затоа што некоја филмска ѕвезда или некој спортски јунак изгледа неуредно нема никаква причина и еден христијанин да изгледа така. Ако ги следиме модните трендови, на луѓето можеби ќе им биде тешко да ја видат разликата помеѓу оние што му служат на вистинскиот Бог и оние што не му служат (Мал. 3:18).
3. Како можеме да се осигураме дека нашиот изглед ќе биде во склад со советот што се наоѓа во 1. Тимотеј 2:9, 10?
3 Облека што им прилега на христијански министри: Кога му пишал на христијанскиот надгледник Тимотеј, апостол Павле охрабрил „жените да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли . . . онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог, имено со добри дела“ (1. Тим. 2:9, 10). За да се осигураме дека нашата облека е уредна потребно е внимателно да размислиме. Облеката треба да биде уредна, чиста и скромна — не невкусно накитена и провокативна (1. Петр. 3:3).
4, 5. На кои мерки на претпазливост треба да внимаваат христијанските мажи и жени?
4 Павле исто така предупредил на претерувањето со „плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека“ (1. Тим. 2:9). Да се биде урамнотежен во користењето накит, шминка и други украси е мудар правец што христијанките треба да го следат (Посл. 11:2).
5 Советот што апостол Павле им го упатил на христијанските жени во принцип важи и за христијанските мажи. Браќата треба да избегнуваат стилови што го одразуваат размислувањето на светот (1. Јов. 2:16). На пример, во некои земји е популарна торбеста облека поголема за неколку броја, но овој стил не претставува соодветен изглед за еден министер на Бог.
6. Зошто треба да задржиме високи мерила во облекувањето и дотерувањето кога патуваме до и од конгресот, на конгресот и по сесиите секој ден?
6 За време на слободните активности: За време на програмата, повеќето браќа и сестри оставаат одличен пример во врска со облекувањето и дотерувањето. Меѓутоа, извештаите покажуваат дека некои се невнимателни кога патуваат до и од конгресот или кога се зафатени со слободни активности по сесиите. Навистина, нашиот личен изглед — сеедно дали за време на програмата или во некое друго време — влијае на тоа како другите гледаат на Божјиот народ. Затоа што ги носиме нашите конгресни значки, треба секогаш да бидеме облечени на начин што им прилега на христијанските министри. Ова честопати ги поттикнува другите да ни дадат комплименти и го отвора патот да се даде сведоштво (1. Кор. 10:31—33).
7. Каков ефект може да има нашето уредно облекување и дотерување врз другите?
7 Исто како што една љубезна насмевка го разубавува изгледот на нашето лице, така и уредното облекување и дотерување ѝ дава достоинство на пораката што ја носиме и на организацијата што ја претставуваме. Некои што ќе нѐ набљудуваат за време на обласниот конгрес „Оддајте му слава на Бог“ оваа година можеби ќе бидат поттикнати да се распрашаат зошто сме поинакви и можеби на крај ќе речат: „Ќе дојдеме со вас, чувме [и видовме] дека Господ е со вас“ (Зах. 8:23). Сите да ја покажеме нашата длабока почит кон Јехова со своето облекување и дотерување.
[Рамка на страница 5]
Покажи достоинствен изглед
▪ Кога патуваш
▪ На конгресот
▪ За време на слободните активности