Обилното сеење носи богати благослови
1 Сите ние нестрпливо го очекуваме исполнувањето на величествените ветувања што ги содржи Божјата реч. Уште сега Јехова ни става на располагање многу благослови што внесуваат радост во нашиот живот. Меѓутоа, колкава корист ќе извлечеме ние лично, во голема мера зависи од напорот што го вложуваме. Како што рекол апостол Павле, „кој обилно сее, обилно и ќе жнее“ (2. Кор. 9:6). Разгледај две подрачја на кои важи ова начело.
2 Нашата лична служба: Споделувањето на добрата вест со луѓето кога можеме да дадеме сведоштво носи многу награди (Посл. 3:27, 28). Пофално е тоа што мнозина сеат обилно така што го зголемуваат своето учество во службата, вклучувајќи помошна или општа пионерска служба. Сите можеме обилно да сееме така што совесно ќе навраќаме да го негуваме секој покажан интерес и ќе нудиме библиска студија секогаш кога ќе се укаже прилика за тоа (Рим. 12:11). Како резултат на нашето напрегање на овие полиња ќе имаме изградувачки искуства и зголемена радост во службата.
3 Поддржување на интересите на Царството: Павле зборувал за ‚обилно сеење‘ во врска со материјалното давање (2. Кор. 9:6, 7, 11, 13). Денес можеме да направиме многу во физички и во материјален поглед за да ги поддржуваме интересите на Царството. Можеме да помагаме во изградбата на Сали на Царството и Конгресни сали. Исто така, можеме да се ставаме на располагање да учествуваме во чистењето и одржувањето на овие центри на вистинското обожавање. Освен тоа, можеме финансиски да приложиме за трошоците на локалното собрание, како и за светското дело на проповедање на Царството и правење ученици. Додека сите го даваме својот дел, колку само сме радосни кога го гледаме Јеховиниот обилен благослов врз делото што го заповедал тој! (Мал. 3:10; Лука 6:38).
4 Божјата реч нѐ поттикнува ‚да го правиме она што е добро, да бидеме богати во добри дела, да бидеме дарежливи, спремни да делиме‘. Додека внимаваме на оваа опомена, уживаме богати благослови уште сега. Во исто време, ние ‚сигурно си собираме извонреден темел за иднината и за вистинскиот живот‘ што доаѓа (1. Тим. 6:18, 19).