Избегнувај го стремежот по „безвредни работи“
1 Едно популарно средство за комуникација денес е e-mail. Иако споделувањето лични искуства и мисли помеѓу членовите на семејството и пријателите преку овој медиум може да биде на место, кои „безвредни работи“ може да се поврзат со неограниченото користење на e-mail? (Посл. 12:11, NW).
2 Претпазливост во врска со e-mail: Некои тврдат дека се чувствуваат поблизу до Јеховината организација кога преку e-mail примаат, како што тие сметаат, нови информации. Ова може да вклучува искуства, белешки за настани во Бетел, извештаи за несреќи и прогонство, па дури и доверливи информации изнесени во Школите за служба на Царството. Други, пак, изгледа се премногу желни да испратат такви пораки, надевајќи се дека ќе бидат првите што им ги кажале информациите на своите пријатели.
3 Понекогаш, информациите и искуствата се искривуваат или се преувеличуваат. Или, можеби во обид да се биде сензационален некои оставаат погрешен впечаток. Оние што брзаат да ги откријат таквите работи честопати ги немаат сите факти (Посл. 29:20). Во некои случаи, дури и кога приказната звучи неверојатно, сепак се пренесува понатаму како интересна новост. Таквите неточни или измамливи извештаи се еднакви на ‚лажни приказни‘ што не унапредуваат вистинска божествена оддаденост (1. Тим. 4:6, 7).
4 Ако пренесуваш информации што на крај ќе излезе дека не се точни, тогаш имаш одредена мера одговорност за тагата или збрката што тие може да ја предизвикаат. Кога добил еден преувеличен извештај дека сите негови синови се убиени, Давид ‚ги раскинал своите облеки‘ од жал. Меѓутоа, вистината била дека умрел само еден од неговите синови. И тоа било доволно болно, но преувеличувањето му нанело уште поголема болка (2. Сам. 13:30—33). Сигурно дека не би сакале да направиме нешто што би завело или што би обесхрабрило кој и да било од нашите браќа.
5 Божјиот наименуван канал: Имај го на ум тоа дека нашиот небесен Татко има наименуван канал за комуникација, „верниот и разборит роб“. Тој „роб“ ја има одговорноста да одлучи кои информации ќе му бидат ставени на располагање на верното домаќинство, како и кое е ‚правото време‘ тие да бидат дадени. Оваа духовна храна е достапна само преку теократската организација. За веродостојни информации секогаш треба да се потпираме на Божјиот наименуван канал, а не на мрежата од Интернет корисници (Матеј 24:45).
6 Интернет веб-страници: Ние имаме официјална Интернет веб-страница: www.watchtower.org. Оваа страница е соодветна за да ѝ ги достави информациите на јавноста. Нема потреба кој и да било поединец, одбор или собрание да подготвува веб-страница во врска со Јеховините сведоци. Некои ги истакнувале на Интернет содржините на нашите публикации комплетно со сите стихови и референции, а на база на доброволен прилог дури нуделе и копии од конгресниот материјал. Сеедно дали е вклучена заработка или не, практиката на умножување и дистрибуирање на публикациите на Јеховините сведоци на електронски документ е кршење на законот за авторски права. Иако можеби некои ова го сметаат за услуга што им ја прават на браќата, тоа не е одобрено и треба да се прекине.
7 Доколку практикуваме добро просудување и здрави мисли кога користиме електронска комуникација ќе бидеме сигурни дека нашите умови се исполнети со „скапоцени и пријатни работи од вредност“ (Посл. 24:4, NW).