Семејни поглавари — задржете добра духовна рутина
1 И покрај тоа што со децении живеел во идолопоклонството и расипаноста на Вавилон, Даниел бил познат по тоа што му служел на Јехова „постојано“ (Дан. 6:16, 20). Како ја задржал својата духовност? Библискиот извештај укажува дека имал редовна рутина во извршувањето на активностите поврзани со вистинското обожавање. На пример, тој обично се молел трипати на ден во својата горна соба (Дан. 6:10). Несомнено, тој си имал воспоставено образец и на други духовни активности, како што е читањето на Законот. Затоа, кога се соочил со испит што му го довел во прашање животот, Даниел бил непоколеблив во својата оддаденост на Јехова, и бил избавен на чудесен начин (Дан. 6:4—22).
2 На сличен начин, и ние денес мораме да се напрегаме да ‚останеме будни со сета постојаност‘ (Ефеш. 6:18). Светот во кој живееме „лежи во власта на злобниот“(1. Јов. 5:19). Противењето или испитите можат да дојдат ненадејно и да ја стават нашата вера на испит. За време на големата неволја, Божјите слуги ќе бидат цел на потполн напад од страна на Гог од Магог, од кој ќе изгледа дека нема излез. Ова ќе бара целосна доверба во Јехова (Езек. 38:14—16).
3 „Еден многу важен фактор е да го направиме делотворното читање и проучување на Библијата и дискутирањето за неа како семејство начин на живот.“ Ова беше кажано во воведот на драмата со наслов „Семејства — направете го секојдневното читање на Библијата свој начин на живот!“ што беше прикажана на обласниот конгрес во 1998. Потоа продолжи: „Кога семејствата следат таква програма редовно и тоа на начин што ја оживува Библијата, оваа библиски ориентирана рутина може да има огромно влијание врз семејството. Таа го зголемува нашето спознание. Ја зајакнува нашата вера. И, ни дава примери за имитирање — вистински верни мажи и жени од древни времиња — што можат да нѐ инспирираат, да нѐ поттикнат да ја поддржуваме вистината“. Додека ги разгледуваме различните аспекти на една добра духовна рутина, семејните поглавари треба да бараат еден или два начина да ја подобрат духовната програма на своето семејство.
4 Разгледувајте ја Божјата реч секојдневно: „Кога Божјето Царство ќе владее без никакво противење и кога Божјата волја ќе се врши на Земјата како и на небото, ниеден злобен човек — не, дури ни животно — нема да ‚прави зло и штета‘ “ (Иса. 11:9; Мат. 6:9, 10). Овие зборови се појавија во Секојдневно испитување на Писмото — 2001, во коментарот за библискиот стих од 11 септември. Колку утешително се покажа ова потсетување! Како семеен поглавар, имаш ли обичај секој ден да го разгледуваш библискиот стих и коментарот со своето семејство? Тоа е од голема корист. Ако не е практично да се соберете наутро, можеби ќе можете подоцна во текот на денот. Еден татко рекол: „Вечерните оброци беа пригодно време да дискутираме за дневниот библиски стих“.
5 Ако веќе имате добра рутина да дискутирате за дневниот стих како семејство, тогаш сте за пофалба. Можеби можете да се надоградувате така што во истото време ќе читате и дел од Библијата. Некои имаат навика да го читаат целото поглавје од кое е земен дневниот стих. Други, пак, читаат по ред, постепено разработувајќи одредена книга од Библијата. Секојдневното читање на Библијата ќе му помогне на твоето семејство да развива здрав страв да не го предизвика Јеховиното незадоволство и ќе ја продлабочи желбата да ја врши неговата волја (Втор. 17:18—20).
6 Програмата за читање на Библијата и разгледување на дневниот стих на твоето семејство ќе биде уште покорисна ако можеш да одвоиш неколку минути за да дискутираш за практичната вредност на информациите. Учебникот Школа за служба, на 60. страница, го дава овој предлог: „Би можеле да изберете неколку стиха од читањето на Библијата предвидено за седмицата, да подискутирате за нивното значење, а потоа да поставите вакви прашања: ‚На кој начин ова ни дава водство? Како би можеле да ги употребиме овие стихови во службата? Што откриваат тие за Јехова и за начинот на кој тој ги врши работите, и како тоа го изградува нашето ценење за него?‘ “ Таквите духовни разговори ќе им помогнат на сите во твоето домаќинство ‚и понатаму да согледуваат која е Јеховината волја‘ (Ефеш. 5:17).
7 Семејна студија: Еден добар начин семејните поглавари да им покажат на своите деца дека духовните работи се на прво место е со тоа што секоја седмица доследно ќе ја водат семејната студија. Еден млад човек се сеќава: „Понекогаш татко ми беше толку уморен од работа што едвај остануваше буден, но студијата се одржуваше без оглед на сѐ, и тоа ни помогна да ја сфатиме нејзината сериозност“. И децата можат да придонесат за успехот на таа подготовка. Едно семејство со девет деца редовно станувало во пет часот за да ја одржува својата семејна студија зашто тоа не било возможно во ниедно друго време.
8 За семејната студија да биде делотворна, семејниот поглавар мора да ‚обрнува постојано внимание на своето поучување‘ (1. Тим. 4:16). Учебникот Школа за служба, на 32. страница, вели: „Би можело да се рече дека делотворната семејна студија започнува со студирање на самото твое семејство. Како напредуваат членовите на семејството во духовен поглед? . . Кога си во служба на теренот со своите деца, дали им е пријатно пред своите врсници да се идентификуваат како Јеховини сведоци? Дали уживаат во вашата програма на семејно читање и проучување на Библијата? Дали навистина го прават Јеховиниот пат свој начин на живот? Внимателното набљудување ќе ти открие што треба ти, како семеен поглавар, да сториш за да втемелиш и изградиш духовни особини во секој член на семејството“.
9 Собраниски состаноци: Подготвувањето и редовното присуство на собраниските состаноци треба да биде важен дел од вашата седмична рутина (Евр. 10:24, 25). Понекогаш, можеби ќе можете да се подготвите за состаноците како семејство. Наместо да чекаш до последната минута, можеш ли да организираш добро да се подготвите однапред? Редовната рутина во овој поглед ќе ги зголеми и квалитетот на вашата подготовка и користите што ќе ги извлечете од состаноците (Посл. 21:5).
10 Квалитетот и доследноста се карактеристики на една делотворна духовна рутина. Што ако поради околностите ти е тешко да се подготвуваш за сите состаноци? Учебникот Школа за служба, на 31. страница, го дава овој предлог: „Избегнувај ја замката набрзина да прелеташ преку материјалот колку само да го поминеш или, што е уште полошо, ништо да не проучуваш од него бидејќи не можеш да го поминеш целиот. Наместо тоа, одреди колку можеш да проучуваш и направи го тоа квалитетно. Така прави секоја седмица. Со текот на времето, настојувај да го прошириш тој материјал за да ги опфатиш и другите состаноци“.
11 Кога семејствата пристигнуваат на состаноците рано, тоа им помага да имаат исправен умствен став да го фалат Јехова и да извлечат корист од упатствата што тој ги дава. Дали твоето семејство има ваква навика? За тоа е потребно добро планирање и соработка од сите во домаќинството. Ако често забележуваш дека твоето семејство брза и е под стрес во деновите кога има состанок, можат ли да се направат преиначувања во вашата рутина? Има ли работи за кои би можеле да се погрижите однапред? Ако некој член на семејството е оптоварен со премногу работи, можат ли другите да помогнат? Ќе се намали ли стресот ако секој е подготвен да тргне на состанок неколку минути порано? Добриот ред придонесува за дух на мир како во семејството така и во собранието (1. Кор. 14:33, 40).
12 Служба на теренот: Одредувањето конкретни термини за учество во службата е уште еден дел од добрата духовна рутина. Еден млад човек по име Џејсон се сеќава: „Во моето семејство, сабота претпладне беше секогаш посветена на службата на теренот. Ова беше добро за мене, бидејќи колку повеќе учествував во службата толку повеќе гледав колкаво добро постигнува таа и повеќе уживав во неа“. Мнозина што пораснале во домаќинства на Сведоци, на сличен начин забележале дека тоа што издвојувале конкретно време за служба секоја седмица им помогнало да напредуваат како христијански министри.
13 Исто така, редовната рутина може да помогне да се направи попријатно и попродуктивно времето што твоето семејство го поминува во служба. Како може да се постигне тоа? Стражарска кула од 1 јули 1999, на 21. страница го даде следниов предлог: „Дали понекогаш го користите времето на вашата семејна студија за да им помогнете на членовите на вашето семејство да се подготват за седмичната служба на теренот? Ова може да биде многу корисно (2. Тим. 2:15). Може да им помогне да ја направат својата служба смисловна и продуктивна. Повремено за таквата подготовка би можеле да го одвоите целиот период за проучување. Почесто, некои аспекти од службата на теренот би можеле да ги опфатите во пократки дискусии на крајот од семејната студија или во некое друго време во текот на седмицата“. Дали твоето семејство направило ваков обид?
14 Продолжете да напредувате: Од разгледаново, дали забележа подрачја на кои твоето семејство стои добро? Пофали го и настојувај да ги надоградуваш тие подрачја. Ако увидиш некои подрачја на кои треба подобрување, избери едно или две на кои прво ќе работиш. Кога ќе станат дел од твојата духовна рутина, работи на уште едно или две. Биди позитивен и разумен (Фил. 4:4, 5). Воспоставувањето добра духовна рутина за твоето семејство бара голем напор, но се исплати, зашто Јехова нѐ уверува: „Оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение“ (Псал. 50:23).