Одете и понатаму по истата уредна рутина
1 Апостол Павле имал посебна наклоност кон собранието во Филипи, за чие формирање послужил и самиот тој. Бил благодарен за нивното доброљубиво обезбедување на материјални средства и ги претставувал како добар пример (2. Кор. 8:1-6).
2 Павле, поттикнат од длабока љубов, напишал писмо до филипјаните. Книгата Insight, том 2, стр. 631, вели: „Низ целото писмо тој го охрабрува собранието во Филипи да продолжи со својот одличен начин на постапување — да бара поголемо разбирање и цврсто да се држи за речта на животот, да има поголема вера и да се надева на претстојната награда“. Тие одговориле сесрдно и така ја зацврстиле врската на љубов меѓу нив и апостолот. Павловите зборови добиваат посебно значење за нас денес, давајќи ни добра причина внимателно да размислиме за неговиот совет, особено за она што е наведено во Филипјаните 3:15-17.
3 Неопходен е зрел умствен став: Во Филипјаните 3:15, Павле пишувал како човек со долгогодишно искуство. Го признал духовниот напредок на филипјаните, обраќајќи им се како на зрели христијани со исправен умствен став. Сѐ додека нивниот умствен став ја одразувал понизноста и ценењето што ги покажал Исус, останувале „прави и чисти, непорочни чеда Божји . . ., имајќи го во себе словото на животот“ (Фил. 2:15, 16). Кога ги читаме Павловите зборови, треба да се чувствуваме како да ни се обраќа нам. На тој начин сесрдно посакуваме да го имаме истиот умствен став што го имал Исус и да покажуваме понизно ценење за нашите предности. Ние постојано му се обраќаме на Јехова во молитва, барајќи од него помош по ова и по други прашања (Фил. 4:6, 7).
4 Како што укажува Филипјаните 3:16, сите ние треба да настојуваме да напредуваме. Зборот „напредува“ значи „се движи напред, се развива“. Луѓето кои се напредни се „заинтересирани за нови идеи, пронајдоци или прилики“. Павле сакал филипјаните да разберат дека христијанството никогаш не е статично и дека оние кои го исповедат мораат постојано да се движат напред. Нивниот напреден дух ќе се покаже преку спремноста да се испитуваат себеси, да ги признаат своите слабости и да бараат прилики да сторат повеќе или да го подобрат квалитетот на она што го прават. Денес Јеховината земска организација постојано се движи напред, секогаш проширувајќи ги своите граници на активност и своето разбирање на Божјата Реч. Секој од нас мора да држи чекор со неа, искористувајќи го сето она што таа го дава и учествувајќи потполно во нејзиното дело.
5 Напредокот изискува уредна рутина: Павле продолжил така што ги поттикнал своите браќа ‚да одат и понатаму уредно по истата рутина‘ (Фил. 3:16, НС ). Да се биде „уреден“ изискува од нас да ги ставиме луѓето или работите, кога ќе се споредат едно со друго, на нивното соодветно место, и добро да се однесуваме. Самите христијани од Филипи го задржувале своето соодветно место, останувајќи близу до Јеховината организација и еден до друг. Нивните животи ги водел законот на љубовта (Јован 15:17; Фил. 2:1, 2). Павле ги поттикнувал ‚да живеат достојно за Христовото Евангелие‘ (Фил. 1:27). Потребата од уредност и добро однесување се исто толку важни за денешните христијани.
6 Рутина претставува вообичаено извршување на една утврдена постапка. Така, тоа е во тесна врска со вообичаениот начин на извршување на работите. Рутината може да послужи за наша корист бидејќи не мораме да застанеме за да се советуваме кога донесуваме одлуки за следниот чекор — веќе имаме утврдено образец кој го следиме по навика.
7 Една уредна теократска рутина се состои од навики и обичаи кои се здрави, корисни и божествени — со цел духовно да се изградуваме себеси, да им помагаме на другите и, ако е можно, да правиме повеќе во Јеховината служба. Успехот во достигнувањето на овие цели изискува воспоставување и одржување на рутина која вклучува лична студија, редовно присуствување на состаноците и учествување во делото на проповедање.
8 Една уредна рутина опфаќа неопходни работи: Една неопходна работа е „познавањето и разбирањето на сѐ“ (Фил. 1:9). Личната студија ја продлабочува нашата вера, го зголемува нашето ценење за вистината и нѐ мотивира да правиме добри дела. Меѓутоа, некои увидуваат дека е тешко да се биде постојан во навиките на проучување. Една од главните изнесени причини е недостигот на време.
9 Користа од секојдневното читање на Библијата не може доволно да се нагласи. Нејзините упатства се ‚полезни‘ во секој поглед (2. Тим. 3:16, 17). Како да најдеме време за библиска студија во нашата секојдневна рутина? Некои утврдиле дека можат секој ден да стануваат неколку минути порано, кога умот им е буден. Други утврдуваат дека можат подобро да го прават тоа неколку минути пред да си легнат. Жените кои не работат можеби ќе можат во текот на денот да одвојуваат по малку време попладне пред другите да се вратат дома од работа или од училиште. Покрај редовното читање на Библијата, во својата седмична рутина на проучување некои го вклучиле и читањето на други публикации на Заедницата.
10 Кога ќе си создадеме нови навики, постои реална можност тие да дојдат во судир со нашите поранешни навики. Порано можеби сме биле склони да дозволиме неважни активности да ни го одземат распложивото време. Да се прекине со тој начин на постапување не е лесно. Никој нема намера да ни диктира какви да ни бидат навиките на проучување; ниту од нас се бара да полагаме сметка што правиме во тој поглед. Постојаноста во нашите навики на проучување во голема мера зависи од нашето ценење на она „што е подобро“ и спремноста да го откупиме „поволното време“ (НС ) за да извлечеме корист од него (Фил. 1:10; Ефеш. 5:16).
11 Христијанските состаноци играат битна улога во нашиот духовен напредок, пружајќи ни ги неопходните упатства и охрабрувања. Затоа, посетувањето на состаноците е уште еден неопходен дел од нашата уредна рутина. Павле ја нагласил важноста на ова. Присуствувањето на состаноците не е нешто што се бира по расположение (Евр. 10:24, 25).
12 Како можеме да покажеме уредност кога го правиме својот седмичен распоред на активности? На некои им се погодува да вршат свои работи кога е најзгодно, а потоа се обидуваат да ги уфрлат состаноците во слободните термини, иако треба да биде обратно. На нашите седмични состаноци треба да им се даде предност, а другите активности да се планираат во друго време.
13 Редовното присуствување на состаноците изискува добро планирање и соработка во семејството. Во текот на седмицата, повеќето од нас имаат исполнет план на активности кој честопати нѐ става во временски теснец. Тоа значи дека вечерата, ако е можно, треба да се испланира доволно рано за семејството да има доволно време да јаде, да се подготви и да стигне на состанокот пред тој да почне. За таа цел членовите на семејството можат да соработуваат на различни начини.
14 Редовната служба на подрачјето е нужна ако сакаме да продолжиме да напредуваме во една уредна рутина. Сите ние јасно ја согледуваме сериозната одговорност да ја проповедаме пораката на Царството. Токму тоа нѐ прави Јеховини сведоци (Иса. 43:10). Бидејќи тоа е најитното и најкорисното дело што некогаш се спроведувало, невозможно е да имаме исправен став кон него ако го гледаме како спореден дел од нашата рутина. Павле советувал: „Секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евр. 13:15).
15 Кога ги планираме своите активности за секоја седмица, треба да одвоиме посебно време за служба на подрачјето. Собранието веројатно има закажано секоја седмица по неколку пати состаноци за служба, а само од нашата одлука зависи кои од нив ќе ги поддржуваме. Ќе биде добро да посегнеме по удел во секое облежје на службата, како што е работата од куќа до куќа со списанија и со друга литература, правењето повторни посети и водењето библиски студии. Можеме дури и однапред да планираме да сведочиме неформално така што ќе носиме литература и ќе бидеме спремни за ситуации во кои ќе започнеме разговор. Бидејќи ние обично одиме со некого во службата, треба да го прашаме за неговиот план за и ние да ги уредиме работите да одговараат и на двајцата.
16 Нашиот утврден ред во проповедањето треба да се одржи и покрај незаинтересираност на нашето подрачје. Однапред знаеме дека само малкумина ќе одговорат поволно (Мат. 13:15; 24:9). На Језекиил му било наложено да им проповеда на луѓе кои биле ‚непокорни, бунтовни и неверни‘. Јехова му ветил на Језекиил дека ќе му помогне така што го ‚направил неговото лице тврдо како нивните лица‘, што значи „како дијамант, кој е потврд од каменот“ (Езек. 2:3, 4; 3:7-9). Затоа, редовната рутина во службата изискува истрајност.
17 Добри примери за имитирање: Повеќето од нас подобро ја вршат службата кога има некој што ќе го преземе водството. Павле и неговите придружници служат за добар пример, а тој ги подбудил другите да го имитираат (Фил. 3:17). Неговата рутина ги опфаќала сите потребни елементи за да остане духовно јак.
18 И денес ние сме благословени со одлични примери. Во Евреите 13:7 (НС ), Павле подбудил: „Сеќавајте се на оние кои го преземаат водството меѓу вас . . . и додека размислувате за исходот на нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“. Се разбира, Христос е нашиот Пример, но ние можеме да ја имитираме и верата што ја покажуваат оние кои го преземаат водството. Како и Павле, старешините мораат да бидат свесни за потребата да бидат добар пример за другите. Иако нивните околности може да варираат, секој треба да биде во состојба да покаже дека одржува уредна рутина во задржувањето на интересите на Царството на прво место. И покрај световните и семејните обврски, старешините треба да имаат добро утврдени навики во личното проучување, во присуствувањето на состаноците и во преземањето водство во службата на подрачјето. Преку тоа што старешините покажуваат дека ‚својата куќа добро ја управуваат‘, сите во собранието ќе бидат охрабрени да одат и понатаму во една уредна рутина (1. Тим. 3:4, 5).
19 Цели за новата службена година: Почетокот на новата службена година е соодветно време да размислиме за нашата лична рутина. Што покажува разгледувањето на нашата активност во изминатата година? Дали сме биле во состојба да го задржиме или, ако било можно, да го поправиме нашето ниво на активност? Можеби сме биле потемелни во нашата лична студија. Можеби поредовно сме ги посетувале состаноците или сме ја зголемиле својата активност во службата така што сме се пријавиле за помошни пионери. Веројатно можеме да укажеме на некои конкретни гестови на христијанска доброљубивост во корист на другите во нашето собрание или во семејството. Ако е така, можеме да се радуваме што сме постапувале на начин кој му се допаѓа на Бог и имаме причина ‚повеќе во тоа да успеваме‘ (1. Сол. 4:1).
20 Што ако нашата рутина била на некој начин непостојана или повремена? Како се одразило тоа на нашата духовност? Дали бил нашиот напредок спречен од некоја причина? Поправањето почнува со барање помош од Јехова (Фил. 4:6, 13). Дискутирај за твоите потреби со останатите од семејството, барајќи ја нивната помош во приспособувањето во некои аспекти од твојата рутина. Ако имаш проблеми, побарај помош од старешините. Ако вложуваме искрени напори и реагираме на Јеховините упатства, можеме да бидеме сигурни дека ќе избегнеме да останеме „неактивни ниту бесплодни“ (2. Петр. 1:5-8, НС ).
21 Чекорењето по уредна рутина води до благослови кои ги прават исплатливи твоите напори. Ако си одлучил да одиш и понатаму во една уредна рутина, „во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа“ (Рим. 12:11). (За подетална обработка на оваа тема, види Стражарска кула од 1. септември 1985, стр. 11-18.)