Стекнувај добри навики, ќе добиеш многу благослови
1. Зошто е корисно да ги преиспитаме своите духовни навики?
1 Кога си станал христијанин, веројатно многу си се трудел да стекнеш добра рутина во извршувањето на духовните активности, во кои спаѓаат: проучувањето на Библијата, присуството на христијанските состаноци, службата на проповедање и молитвата. Бидејќи Јехова го благословил твојот труд, ти духовно си напредувал. Можеби поминале неколку години откако си крстен. Дали сѐ уште имаш добри духовни навики што си ги стекнал додека си станувал христијанин?
2. Како ни користи секојдневното читање на Библијата?
2 Преиспитај ги своите навики: Имаш ли навика секој ден да читаш дел од Божјата реч? Ако го правиме ова, навистина ќе добиеме многу благослови! (Ис. Нав. 1:8; Пс. 1:2, 3). Во древниот Израел, секој цар требало од својот личен примерок да го чита Законот „во секое време на својот живот“. Со каков резултат? Така царот би станал понизен во срцето и би научил да се бои од Јехова за да не сврти настрана од Неговите заповеди (Втор. 17:18-20). Слично и денес, секојдневното читање на Библијата ни помага да останеме беспрекорни и недолжни среде овој злобен, расипан свет. Исто така, тоа ни помага да бидеме потполно опремени за службата (Фил. 2:15; 2. Тим. 3:17).
3. Какви благослови добиваме ако редовно одиме на состаноците?
3 Исус имал обичај да оди во синагогата, каде што се дискутирало за Библијата (Лука 4:16). Нема сомнение дека ова го зајакнало да се соочи со испитите што стоеле пред него. И ние сме зајакнати од духовната поука што ја добиваме на собраниските состаноци и од корисната „размена на охрабрување“ (Рим. 1:12). Дружењето со браќата ни помага да ги издржиме тешкотиите во овие последни денови (Евр. 10:24, 25). Дали сѐ уште имаш обичај да одиш на сите состаноци?
4. Како ни користи учеството во службата на проповедање секоја седмица?
4 Извештајот од Библијата ни кажува дека апостолите ја објавувале добрата вест „секој ден во храмот и од куќа до куќа“ (Дела 5:42). Иако веројатно нема да можеме да проповедаме секој ден, сепак, дали можеме да стекнеме навика да учествуваме во некој вид служба секоја седмица? На тој начин, сигурно повешто ќе ја користиме Божјата реч, и веројатно ќе имаме охрабрувачки искуства додека им ја пренесуваме библиската вистина на другите.
5. Зошто е многу важно редовно да му се молиме на Јехова?
5 Пророкот Даниел бил богато благословен затоа што целиот живот „постојано“ му служел на Јехова. Во ова била вклучена и навиката редовно да му се моли на Јехова (Дан. 6:10, 16, 20). Слично на тоа, ако редовно од срце му се обраќаме на Јехова во молитва, тој ќе ни го даде својот свет дух (Лука 11:9-13). Освен тоа, Јехова ќе ни одговори со тоа што ќе ни се приближи и ќе ни дозволи да станеме негови блиски пријатели (Пс. 25:14; Јак. 4:8). Колку голема награда! Затоа, силно да се напрегаме да ги одржиме добрите духовни навики и да добиеме богати благослови од Јехова.