Нека навиката дејствува во твоја корист
ЧОВЕКОТ 12 години живеел во едно предградие на Атина. Секој ден се враќал од работа накај дома по истиот пат. Потоа се преселил во друго предградие на спротивниот крај од градот. Еден ден, откако завршил со работа, си тргнал накај дома. Дури кога се нашол во старото соседство сфатил дека заминал во погрешен правец. Од навика, се упатил кон стариот дом!
Не е ни чудо што навиката понекогаш е наречена втора природа, нешто што силно влијае врз нашиот живот. Во таа смисла, навиките можат да се споредат со оган. Огнот може да биде добредојдена светлина во мрак, може да ни го стопли телото и на него може да го згрееме јадењето. Сепак, огнот може да биде и свиреп непријател кој уништува животи и имоти. Истото е случај и со навиките. Ако правилно се негуваат, тие се од голема корист. Но, можат да бидат и разорни.
Во случајот со човекот спомнат во почетокот, навиката го чинела само време додека бил заглавен во градскиот сообраќај. Кога станува збор за поважните работи, навиките можат да нѐ наградат со успех или да нѐ одведат во катастрофа. Разгледај неколку вистински примери што се наоѓаат во Библијата, кои покажуваат како навиките можат да помогнат или да ја спречат нашата служба за Бог и нашиот однос со него.
Библиски примери за добри и лоши навики
Ное, Јов и Даниел биле благословени со близок однос со Бог. Библијата ги воздигнува поради ‚нивната праведност‘ (Езекиел 14:14). Значајно е тоа што животниот пат на сите тројца покажал дека развиле добри навики.
На Ное му било кажано да изгради арка, брод подолг од фудбалско игралиште и повисок од една четирикатница. Таков огромен проект би бил преголем зафат за кој и да е бродоградител во древни времиња. Ное и седумте други членови на неговото семејство ја изградиле арката без современа опрема. Покрај тоа, Ное продолжил да им проповеда на современиците. Можеме да бидеме сигурни дека тој, исто така, се грижел за духовните и за физичките потреби на своето семејство (2. Петрово 2:5). За да го постигне сето ова, Ное сигурно имал добри работни навики. Освен тоа, Ное влегол во библиската историја како човек кој ‚одел со Бог . . . сѐ како што му заповедал Бог, така сторил‘ (Битие 6:9, 22; 7:5). Со оглед на тоа што во Библијата е прогласен за „непорочен“, тој сигурно продолжил да оди со Бог и по Потопот, па дури и по побуната против Јехова што избила во Вавел. Навистина, Ное продолжил да оди со Бог сѐ до својата смрт, на 950 години (Битие 9:29).
Добрите навики го направиле Јов „непорочен и праведен“ човек (Јов 1:1, 8; 2:3). Тој по обичај, или по навика, дејствувал како семеен свештеник при принесувањето жртви за своите деца по секоја нивна гозба, во случај да ‚„не згрешиле и да не го похулиле Бога во своето срце“. Така правел Јов постојано‘ (Јов 1:5). Во семејството на Јов, несомнено биле важни обичаите што биле сосредоточени на обожавањето на Јехова.
Даниел му служел на Јехова „постојано“ во текот на својот долг живот (Даниел 6:16, 20). Какви добри духовни навики имал Даниел? Како прво, редовно му се молел на Јехова. И покрај царскиот декрет против оваа пракса, ‚три пати дневно [Даниел] паѓал на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правел секогаш‘ (Даниел 6:10). Не можел да се откаже од својата навика да му се моли на Бог, дури и кога поради тоа животот му бил во опасност . Несомнено, оваа навика го зајакнала Даниел на неговиот животен пат на извонреден интегритет кон Бог. Даниел веројатно имал и добра навика да проучува и длабоко да размислува за возбудливите Божји ветувања (Еремија 25:11, 12; Даниел 9:2). Овие добри навики сигурно му помогнале да истрае до крајот, верно да ја истрча трката за живот до самата цел.
За разлика од нив, Дина поминала многу лошо поради една лоша навика. Таа ‚[имала навика, NW] да посетува некои девојки во оној крај‘, кои не го обожавале Јехова (Битие 34:1). Оваа наизглед наивна навика водела до катастрофа. Најпрвин била силувана од Сихем, младич што бил сметан за „најпочитуван од сите во татковиот дом“. Потоа, одмаздничката реакција на двајца нејзини браќа водела до тоа да ги заколат сите мажи во градот. Каков само ужасен крај! (Битие 34:19, 25-29).
Како можеме да бидеме сигурни дека нашите навики ќе ни користат и нема да ни наштетат?
Да ги искористиме навиките
„Навиките се судбина“, напишал еден филозоф. Но, не мораат да бидат. Библијата многу јасно покажува дека можеме да избереме да ги промениме лошите и да негуваме добри навики.
Со добрите навики, христијанскиот начин на живот станува уште поефикасен и полесно се живее. Алекос, христијанин од Грција, вели: „Навиката да се држам за распоред за да ги извршам различните задачи ми заштедува скапоцено време“. Теофил, христијански старешина, укажува дека планирањето како навика му помага да биде делотворен. Тој вели: „Сосема сум уверен дека нема да можам успешно да ги извршам моите христијански должности без навиката за добро планирање“.
Како христијани, поттикнати сме да „продолжиме да одиме уредно по истата оваа рутина“ (Филипјаните 3:16). Рутината вклучува „вообичаено . . . спроведување на една утврдена процедура“. Таквите добри навики ни користат бидејќи не мораме да трошиме време да размислуваме длабоко за секој чекор — веќе имаме воспоставено еден добар образец, кој го следиме по навика. Силните навики стануваат речиси автоматски. Исто како што сигурните навики за возење можат да го водат возачот да донесува брзи животоспасувачки одлуки кога се соочува со опасности на патот така и добрите навики можат да ни помогнат брзо да донесуваме умесни одлуки додека одиме по нашиот христијански пат.
Англискиот писател Џереми Тејлор рекол: „Навиките се ќерки на постапката“. Ако нашите навики се добри, можеме да извршуваме добри работи без некоја голема тешкотија. На пример, ако како христијански министри имаме навика редовно да учествуваме во делото на проповедање, ќе ни биде полесно и поголемо уживање да излеземе во службата на теренот. За апостолите читаме дека ‚секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:42; 17:2). Од друга страна, пак, ако учествуваме во службата само повремено, може да сме напнати, да ни биде потребно повеќе време да се опуштиме пред да почувствуваме сигурност во оваа многу битна христијанска активност.
Истото е случај и со другите аспекти на нашата христијанска рутина. Добрите навики можат да ни помогнат да бидеме редовни во ‚читањето на Божјата реч дење и ноќе‘ (Исус Навин 1:8; Псалм 1:2). Еден христијанин има навика да ја чита Библијата по 20 до 30 минути пред да си легне. Дури и кога е многу уморен, ако си легне без да чита, не може добро да спие. Мора да стане и да ја задоволи таа духовна потреба. Оваа добра навика му помогнала веќе неколку години по ред да ја чита целата Библија еднаш годишно.
Нашиот Пример, Исус Христос, имал навика да присуствува на состаноците каде што се дискутирало за Библијата. „Според својот обичај, влезе во синагогата на сабатен ден и стана да чита“ (Лука 4:16). Кај Џо, старешина со големо семејство кој работи со продолжено работно време, навиката создала потреба и желба редовно да присуствува на состаноците. Тој вели: „Оваа навика ме одржува да продолжам, ми ја дава толку потребната духовна сила за да можам успешно да се соочам со предизвиците и со проблемите“ (Евреите 10:24, 25).
Таквите навики се незаменливи за христијанската трка за живот. Во извештајот од една земја, каде што Јеховиниот народ е прогонуван, е забележано: „На оние што имаат добри духовни навики и длабоко ценење за вистината не им е тешко да останат цврсти кога доаѓаат испити, но оние што во ‚поволно време‘ ги пропуштаат состаноците, нередовни се во службата на теренот и прават компромис во мали спорни прашања честопати паѓаат кога се под ‚огнен‘ испит“ (2. Тимотеј 4:2).
Избегнувај ги лошите навики, искористи ги добрите
Се вели дека ‚човек треба да ги негува само оние навики што тој сака да загосподарат со него‘. Лошите навики се навистина угнетувачки господар. Сепак, може да се прекине со нив.
Некое време Стела била зависна од гледање ТВ. Таа признава: „Зад секоја лоша навика на која подлегнувам, обично постои некоја ‚наивна‘ причина“. Ова било случај и со нејзината навика претерано да гледа ТВ. Си рекла дека ќе гледа само заради „мала релаксација“ или заради „промена“. Но, нејзината навика излегла од контрола и ја држела пред телевизорот со часови. „Најпосле, оваа лоша навика го успори мојот духовен напредок“, вели таа. Со решителни напори, конечно го намалила времето што го поминувала во гледање ТВ и станала поизбирлива. „Секогаш се обидувам да се сетам зошто посакав да прекинам со оваа навика“, вели Стела, „и се потпирам на Јехова да ја задржам мојата решеност.“
Еден христијанин по име Хараламбос посочува една лоша навика што го спречувала духовно да напредува — одложувањето. „Кога сфатив дека навиката да се одложуваат работите е штетна, почнав да работам на тоа да си го сменам животот. Кога ќе си поставев цели, планирав конкретно кога и како да почнам да работам на нив. Редовноста во спроведувањето на моите одлуки и планови беше лекот, а тоа ми останува како добра навика и ден-денес.“ Навистина, добрите навики се најдобрата замена за лошите.
Оние со кои се дружиме можат исто така да бидат причина да развиеме некакви навики, добри или лоши. Добрите навики се заразни, исто како и лошите. Исто како што „лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ така и добрите другари можат да ни дадат пример за здрави навики, кои можеме да ги имитираме (1. Коринќаните 15:33). Што е најважно, навиките можат да го зајакнат или да го ослабнат нашиот однос со Бог. Стела вели: „Ако нашите навики се добри, ни ја олеснуваат борбата да му служиме на Јехова. Ако се штетни, ги кочат нашите напори“.
Стекни добри навики, и нека те водат. Тие ќе бидат моќна, корисна сила во твојот живот.
[Слика на страница 19]
Слично на оган, навиките можат да бидат корисни или разорни
[Слика на страница 21]
Исус имал обичај на Сабат да биде во синагогата каде што се читала Божјата реч
[Слики на страница 22]
Добрите духовни навики го зајакнуваат нашиот однос со Бог